|
Лотце(8516м) - Јужната Страна
Лотце во зимски услови е искачен само еднаш – во соло стил од Кристоф Велицки (полски алпинист) на 31-ви Декември 1988 година по нормалната насока по западната страна. Јужната страна на оваа планина е еден од големите проблеми во Хималаите и искачување или било каков обид во зимски услови на оваа страна е за голем почит...
Извештај од Осаму Танабе - водач на јапонската експедиција направена во зимски услови во 2001 година:
Во 1997 година членови на секцијата од Токаи при Јапонскиот Алпинистички Клуб направија извонредно искачување по нова насока на К2 – по западниот гребен и западната страна. Се постави прашањето што би можело да биде адекватно како следна цел? Не ни требаше долго да дојдеме до одговор. Не постоеше друг избор освен да се направи прво искачување на Јужната Страна на Лотце во зимски услови. Ова беше еден од последните проблеми во Хималаите. За да го искористиме доброто и стабилно време искачувањето требаше да биде брзо и во најкраток можен период. Екипата беше составена од осум члена.
Есента 2001 година направивме тренинг за аклиматизација – седум члена се искачија по нормалната насока на Чо Оју на 9-ти и 11-ти Октомври. Хидеји Назука – еден од најсилните членови се качи на Даулагири на 11 Октомври, но поради смрзнотини со кои се здоби таму, не можеше да учествува на Лотце. Друга два члена пак се разболија и така тимот сега се состоеше од 5 члена.
Членови:
Водач: Осаму Танабе (40), Заменик-Водач: Масамики Такине (50), Членови: Казуо Тобита (55), Манабу Мијоши (35), Микио Сузуки (34), Хисао Отани (32) и Јасухиро Ханатани (25)
Базниот логор го поставивме на 14-ти Ноември. Следуваат извадоци од мојот дневник во кој запишував детали од искачувањето сé до моментот на повлекувањето.
Со качување почнавме на 19-ти Ноември, а на 23-ти бевме на височина од 6400м каде го поставивме првиот камп (К1). Сепак тоа место беше изложено на опасност од одрони и лавини и одлучивме да го поставиме овој камп на место на висина од 5900м. На ова место Шерпаси носеа опрема и други работи до 28-ми Ноември.
Идејата која ја имавме за насоката за да стигнеме до 6400м моравме да ја откажеме поради опасност од одрони, па тргнавме по југословенската насока од 1981 година. На 1-ви Декември беше поставен К1. Се движевме по тешка карпа околу 150-тина метри над К1 до снежен гребен кој има изразена форма. Тесниот пат меѓу 6400-6600 беше многу изложен на одрони и во текот на качувањето тројца членови беа со гребнатини. За да ги избегнеме овие одрони почнувавме со работа во 4 часот сабајлето. Монтките кои ги имавме добро нé заштитуваа од студот. Потоа Шерпасите носеа опрема до К2, тргнувајќи од К1 во 1 часот по полноќ.
Постојано ја следевме југословенската насока сé до К2 кој го поставивме на 7100м на 6-ти Декември. На 8-ми Декември, тимот „А“ (Отани, Ханатани, Дава Шири Шерпа и Ширинг Дорџе Шерпа) стигнаа до 7350м каде југословенската експедиција го имаше поставено четвртиот камп. На 11-ти Декември тимот „Б“ (Танабе, Мијоши, Мингма Шири Шерпа и Нима Гјалзен Шерпа) го помина делот познат како „грло“ на оваа страна, а по карпите најдоа три скалички оставени од југословенската експедиција.
До сега имаше добро време, но на 15-ти се појавија првите облаци, а падна и првиот снег. На тимот „А“ веднаш му беше наредено да се симне во базниот логор. Качувањето го продолжи тимот „Б“ на 18-ти Декември. Бо К2 беше многу студено и качувавме само кога ќе се појавеше сонцето – тоа значеше бавно напредување. Највисоката точка која ја достигнавме беше 7600м – малку под Жолтиот Појас. Танабе беше погоден од одрон и се здоби со гребнатини... На 19-ти почнаа да дуваат силни ветрови. Се обидовме да качуваме, но не можевме и се симнавме до „грлото“. Бевме преморени и решивме да отидеме во вториот камп.
Нашиот обид беше неуспешен, но научивме многу работи за време на ова зимско качување. Видовме дека зимото не е лоша сезона за качување на Јужната страна на Лотце и дека добро организиран тим од слини алпинисти може да го направи качувањето во 18 дена. Ќе се вратиме во Декември 2003 година.
Од историјата на оваа страна:
1973(пролет) – јапонска експедиција од Канагава – достигнати 7300м,
1975(пролет) – италијанска експедиција водена од Рикардо Касин – достигнати 7500,
1981(пролет) – југословенска експедиција – достигнати 8150м,
1984(пролет) – чехословачка експедиција – достигнат Лотце Шар (8398м),
1985(есен) – полска експедиција – достигнати 8200м,
1987(есен) – полска експедиција – достигнати 8300м,
1989(пролет) – меѓународна експедиција водена од Р. Меснер – достигнати 7200м,
1989(есен) – полска експедиција – достигнати 8300м (загинува Кукучка),
1990(пролет) – Томо Чесен (словенечки алпинист) – Прво успешно искачување до врвот – во соло стил,
1990(есен) – руска експедиција – второ искачување по нова насока,
2001(зимо) – јапонска експедиција од Токаи – достигнати 7600м,
2003(зимо) – истата експедиција – достигнати 8250м,
2006(зимо) – истат експедиција – стигнува 40м под врвот на 27-ми Декември во 4 часот на пладне кога одлучуваат да се повлечат...
Во 2003 година Танабе и неговиот тим го поставуваат својот трет висински камп на висина од 7850м. Наместо да продолжат по гребенот над нив, тие се повлекуваат 200 метри во десно и влегуваат во кулоарот кој сепак излегол малку потежок отколку што мислеле. Таму фиксираат јажиња пет дена и стигнуваат до висина од 250 метри под врвот. Поради влошување на временските услови, на 18-ти Декември се повлекуваат...
Во 2006 година најпрвин аклиматизација на Шишапангма во Септември/Октомври – не се искачуваат на врвот. Базниот камп го поставуваат на 12-ти Ноември. Таму се здружуваат со корејска експедиција и на 18-ти Ноември го поставуваат првиот камп (5900м), а на 1-ви Декември вториот (7100м). Првиот обид да стигнат на врвот го прават на 24-ти Декември – двајца Јапонци и еден Кореец, но се откажуваат поради силни ветрови и врнежи од снег.
На 25-ти го поставуваат третиот камп на висина од 8000м и на 27-мо стигнуваат на врвот на гребенот на 8475м во 3 часот попладне. Согледувајќи дека нема да можат да се качат на врвот и да се симнат до кампот истиот ден, почнуваат да се повлекуваат во 4 часот и околу 9 часот стигнуваат до третиот камп – по 15 часа качување...
|
|