Иглата Миди (3842м)
-17.03.2010г
Не може никој да остане рамнодушен на оваа игла која како остар шпиц се издигнува над Шамони. Веројатно подеднакво вреден фотографски трофеј како и многу попознатиот Монт Блан. Кога сте во градот, во убав ден и гледате нагоре кон планините на југ – кои всушност едноставно се издигнуваат над вас, едниот поглед неминовно ве носи секако кон Белата Планина, но веднаш потоа очите почнуваат да го впиваат и експонираниот и шилест врв кој и тоа како моќно почнува ви ги обзема мислите.
Врвот од друга страна е неверојатно лесно и брзо достапен. Од Шамони до него со жичарата која ги поврзува овие точки со преку 2500 метри висинска разлика, се стигнува за само 20-тина минути. На меѓустаницата која се наоѓа на висина од 2300мнв – сега веќе заборавате на Монт Блан и целосно се концентрирате на моќната северна страна која се издигнува пред вас, висока околу 1200 метри во вертикала. Тука почнувате да го чувствувате малку поинаквиот планински амбиент од нашите планини: огромни страни, глечери, надвиснати сераци, експонирани гребени – до каде ви гледаат очите... А кога продолжувате со жичарата нагоре кон врвот и кога оваа карпа ви е како на дофат на рацете – тогаш веќе заборавате на сé...
Пристапот до насоките на оваа страна е од еден до два часа во зависност од тоа во кој дел од нејзе сакате да качувате, а неколку насоки се класики: Френдо (D+,1100м), Централниот Столб (TD, 1200м), Северозападниот Кулоар (D+, 1000м) – кој го препорачуваат и како најдобро зимско искачување овде… И покрај тоа што секаде овие насоки се опишуваат како „класики“ сепак нивното искачување не значи лесно претрчување. Потребна е добра физичка издржливост и високо ниво на качувачка техника на микс терен - која ќе значи способност за брзо и ефикасно движење на експониран терен. И секако ако не сте доволно брзи – да немате проблем по ден поминат во студ поради тоа што тоа е северна страна, да бивакувате во студ и повторно да продолжите да качувате во студ ;)
Другата страна на Миди... Ајде прво да кажеме дека е јужна :) Тоа значи сонце, а тоа значи најчесто – сув и цврст гранит. Оваа страна на Миди ја карактеризираат три работи – гребенот Космик, столбот Космик и Југоисточниот столб.

Гребенот ако сезоната не е многу топла, е најлесно запознавање за микс качување во овој регион. Искачен е уште во далечната 1910 година и е со оцена AD и должина од 250 метри.
Другите два столба ги карактеризираат прекрасни гранитни плочи. Космик столбот е помал со „само“ 120-тина метри, а Југоисточниот столб е висок околу 200 метри. Не е многу повисок, но е многу попопуларен. Покрај непосредната близина ги поврзува и уште една работа – првите насока и на едниот и на другиот се искачени од познатиот француски алпинист Гастон Ребуфа.
Насоката на столбот Космик, Ребуфа ја качува со Бернард Пјер во Август 1956 година, висока е 120 метри и е со тежини V/V+ (пукнатина со превис), а на југоисточниот столб Ребуфа качува со Морис Бакет во Јули 1956 година, висока е 190 метри и е со тежини VI/VI+ (или V/A1). И гребенот и двете насоки се многу популарни и ако не сакате да заглавите во возот од наврски – тргнете што порано (некои качуваат и ноќно :))

Ова се најлесните насоки на двата столба, на кои покрај нив има уште најмалку 50-тина насоки и варијанти кои за најподготвените ја достигнуваат и оцената ABO. Ако сакате да ги поминете сите, а тоа не може да се направи во еден ден, на располагање за спиење го имате планинскиот дом Космик или Белата Долина – глечерот каде официјално не е дозволено спиење, но секоја година се поставуваат шатори.
Сето ова е на дофат на Шамони – за еден час пристап можете да изберете или северна страна со микс насоки високи и до 1200 метри или јужна страна со совршено цврст и сув гранит.
Иглата со сите овие можности и својата достапност е дефинитивно омилено игралиште за алпинистите околу овој француски град. |