Килиманџаро (5895м)

Килиманџаро со својата височина од 5895 метри е највисоката планина во Африка. Местоположбата е во северо-источна Танзанија, во близина на границата со Кенија. Таа височина овозможува на врвот да има „вечен снег“ и покрај тоа што таа се наоѓа на само 330 километри јужно од Екваторот. Друга карактеристика е тоа што оваа планина ја има најголемата висинска разлика помеѓу рамнината на подножјето и врвот: 4600 метри. Килиманџаро е планина со три вулкански кратери кои се претпоставува дека последен пат еруптирале пред 100000 години.

Највисоката точка (5895м) е врвот Ухуру (дел од „Седумте Врва“) на вулканот Кибо кој на врвот има кратер кој е широк околу 2.5 километри. Првото искачување е направено во 1889 година. Другите два врва се исто така згаснати вулкани: врвот Мавензи (5149м) кој е трет највисок врв во Африка после Монт Кенија (5199м) и врвот Шира (3962м).

Додека за Мавензи се препорачува да се знаат техники за качување карпа и мраз, искачувањето на највисоката точка – Ухуру, бара само внимателна аклиматизација и доволна физичка подготвеност без никакво планинарско искуство. Годишни околу 15 000 луѓе се обидуваат да застанат на врвот, а од нив успеваат околу 40%. Најдобри месеци за качување кои се препорачуваат се Декември, Јануари, Февруари, Март, Јуни, Јули и Август.

Иако вулканот од внатре е тивок, од надвор се случуваат работи кои ги загрижуваат научниците, локалното население, но и пошироката јавност. Глечерите кои се на врвот во изминатите 11700 години почнуваат со голема брзина да се топат. Во изминатите 100 години волуменот на мразот се има истопено за цели 80%, а се проценува дека мразот целосно ќе се стопи помеѓу 2015 и 2020 година. Иако сé уште се полемизира околу причините за топењето, исчезнувањето на мразот од Килиманџаро има сериозни климатолошки и хидролошки последици врз локалното население кое зависи од таа вода за време на сувите периоди…

Оваа планина им послужила како инспирација на многумина уметници и писатели меѓу кои секако и на Ернест Хемигнвеј во неговата класика „Снеговите на Килиманџаро“ напишана во 1936 година…

 

Copyright © 2005 Alpinizam.org