Фотки од Кошчушко од www.peakware.com

 

 

 

 

 

Монт Кошчушко (2228м)

Кошчушко (2228м) е највисоката планина во континентална Австралија - со тоа и дел од „Седумте Врва“. Името го добила од Полскиот истражувач, Грофот Павел (Пол) Штрзелецки, кој во 1840 година се искачил на оваа планина и ја именувал во чест на полскиот национален херој Тадеус Кошчушко.

Оваа планина воопшто не е тешка за искачување – до местото Шарлот (1837мнв) кој е и скијачки локалитет, има пат по кој се стигнува со автомобил. Од ова место до врвот има пат со должина од 10 километри кој до 1976 година и целосно бил отворен и со автомобил се стигнувало многу блиску до врвот. Така секој со барем малку добра кондиција може да се качи на овој врв. Постои и друг пристап – но и овде нема технички тежини туку едноставно малку подолг пат за пешачење...

Кој бил Кошчушко?

Роден во 1746 година во Полска, дипломирал на Кадетската Академија во Варшава и како исклучителен студент добил „Кралски Грант“ за студии во Версај (Франција) – за артилерија и фортификација. По враќањето од Париз се здобил со висока позиција во полската армија и тогаш се заљубил во Лудвика Созновска. Таа била ќерка на многу моќен бизнисмен во Полска кој не ја одобрувал нивната врска и заедно решиле да избегаат од земјата, но не успеале да ја поминат границата. Под закана за неговиот живот поради „киднапирањето“ на Лудвика, тој со помош на своите француски врски успева да избега во САД. Таму многу брзо се здобива со чинот Генерал на Американската Армија и станува добар пријател со Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон и станува познат по неговото учество во одбраната на градовите Филаделфија и Саратога – посебно за неговите тактики за фортификација кои биле одлучувачки за неуспехот на англиската војска. Тој станува многу почитуван во САД и во 1828 година студентите на воената академија „Вест Поинт“ едногласно изгласуваат поставување на споменик во негова чест.

Во 1787 година се враќа во Полска во моменти кога земјата е во тешка агонија. Во моменти кога земјата била под закана на поделба од соседните земји и во моменти кога паднала монархијата, народот го посакувал него да стане нивен лидер. Со помош на неговите оригинални воени тактики и оружја (кои ги креирал) Полјаците успешно ги спречувале нападите на пруските и руските армии – многукратно поголеми од полските армии. Последните години ги преживеал во Швајцарија каде во 1800 година ги осмислува тактиките за партизанските начини на војување кои се употребуваат и многу подоцна… Умира во 1817 година – признаен како најголем херој во Полска, САД, а бил прогласен и за почесен граѓанин на Франција. Неговите први биографии биле објавени во Русија и Прусија – повторно со почит кон неговите дела. Тој исто така многу ја сакал природата и секаде каде претојувал поставувал паркови и градини…

Други места именувани во негова чест

Планината Кошчушко се наоѓа во Националниот Парк Кошчушко…

Во САД постои Област Кошчушко во Индијана ; два моста го носат неговото име во сојузната држава Њујорк; Кошчушко Парк во Милвоки каде има и негов споменик; улица во Лос Анџелес; споменик во Детроит, Бостон, Сакраменто, Чикаго, Вашингтон, Воената Акаденија Вест Поинт и Сент Питерсбург; неговиот дом во Филаделфија го носи името Тадеус Кошчушко Национален Меморијал, а во Чикаго има парк со неговото име, училиште, општина…

Во Полска секој поголем град има улица или плоштад со неговото име. Тој е патрон на Универзитетот за Технологија во Краков и Воената Академија во Варшава и на други училишта и гимназии. Патрон е и на воени родови во полската и американската армија, а улици со неговото име има и во Белград, Будимпешта и Вилнус (Литванија)…

 

Copyright © 2005 Alpinizam.org