- Превземено од списанието Climbing со дозвола од редакцијата
|
Паметно абзелување – неколку начини за дополнително обезбедување
-текст од Дејвид Шмид, илустрации од Мајк Клeланд
Само што се искачивте на врвот и уживате во погледот под вас. Седнувате удобно и го набљудувате зајдисонцето. Сепак, полека се стемнува и треба да абзелувате и тоа што побрзо, но не смеете да бидете невнимателни. Еве неколку совети кои ќе го направат абзелувањето многу побезбедно:
Прусиков чвор - дуплиот прусиков чвор дава дополнителна заштита ако изгубите контрола над кочењето при абзелувањето. Тој се затега околу јажето и го запира падот… Подгответе се за нормално абзелување и земете замка од 5 или 7мм и исплетете дупли прусиков чвор над плочката (или било кој вид алатка за абзелување која ја користите). Плетењето на чворот треба да биде направено да тоа изгледа убаво – да нема преклопувања. Другиот/слободниот крај на замката ставете ја во карабинер со матица на појасот. При абзелувањето движете го и прусиковиот чвор за да не дојде до негово закочување околу јажето.
Ако при абзелувањето изгубите контрола при кочењето тогаш прусикот ќе се затегне околу јажето и вие ќе виснете на него. За да се ослободите ќе треба целата тежина да ја префрлите повторно на алатката за абзелување за да можете да продолжите надолу. Фатете го јажето над прусикот и подигнете се на него, а во исто време соберето го јажето низ алатката за абзелување сé додека не го ослободите прусикот од затегнатоста. Ако немате контакт со карпата – ако висите во воздух, тогаш ова нема да можете да го направите. Во тој случај најпрвин ќе треба околу една нога да го обмотате јажето (два или три пати) и така да направите сопствено стојалиште. Застанете на неа за да ја ослободите тежината од прусикот. Потоа повторете го процесот како што беше погоре објаснето.
Проверете добро – Лесно се прават грешки кога се брза и затоа проверувајте ги сите работи со голема концентрација. Додека сте наврзани на сидриштето, ставете ја алатката за абзелување, намотајте го прусикот и затегенете го јажето. Направете визуелна проверка дека сé е направено како што треба – дека алатката за абзелување е добро наместена, прусикот добро исплетен, матиците на карабинерите затворени, дека јажињата на крајот се заврзани, дека појасот е добро прикопчан... Кога ќе бидете 100% сигурни дека сé е во ред тогаш ослободете се од сидриштето.
Сидриштето - Секогаш носете дополнителни замки/гуртни за правење добро сидриште за абзелување, прстени за абзелување и ноже. Сидриштата треба да бидат од најмалку две точки и тие точки да бидат изедначени – подеднакво оптеретени. Ако наидете на сидриште каде низ два клина поминува една гуртна со еден прстен за абзелување на долниот дел (ова се вика „Американски триаголник на смртта“), исечете ја старата гуртна и ставете посебни гуртни низ двата клина при што тие ќе поминуваат низ два прстена. Важно е аголот (кој го прават двете гуртни) да не биде поголем од 40 степени затоа што силите на оптеретување на точките се зголемуваат како што се зголемува аголот меѓу нив... |
|