- Превземено од списанието Climbing со дозвола од редакцијата

 

 

 

 

 

 

 

Дома
Совети...

Како да ги загреете прстите

Осмица: „Само врзете ја осмицата и закачете ја на појасот“ – ги молите замрзнатите прсти. „Навистина – не е воопшто тешко. Ве молам....“ Но и покрај тоа, прстите ви се моткаат наоколу како шпагети. Без разлика дали се работи за качување на мраз, снег или карпа во студени услови, тоа се моменти кога рацете не ви функционираат добро. Еве неколку совети како прстите постојано да ви бидат топли во сите услови.

Ставете ги на радијатор: Кога почнува да станува ладно, ставете ги рацете на радијаторите од вашето тело. Пазувите се добри, но понекогаш е тешко да дојдете до нив. Мое омилено место ми е задниот дел од вратот. Дури и кога висите на една рака, вратот секогаш ви е на дофат. Кога качувате на карпа во студени услови, ставете ја раката на вратот и тоа може повеќе да ви помогне отколку ставањето на раката во торбичката со магнезиум или пак неконтролираното тресење.

Мудро избирајте ја облеката: Дури и за тие со богато искуство во зимски услови,секогаш е проблематично да се иберат кои ракавици да се носат. Носење на два пара ракавици кога се качува мраз или заснежена падина секогаш ги зголемува шансите да се има топол и сув пар во текот на целата насока. Идеално би било кога еден од тие два пара би имал и внатрешна постава која по потреба се вади. Кога нив не ги употребувате, ставете ги под јакната која ја носите на себе и на тој начин ќе ги чувате топли и ќе ги заштитите од влага. (слика 1)

Избегнувајте влага: Влагата замрзнува. Последна работа која сакате да ви се случи е да дозволите рацете и ракавиците да ви станат влажни. И најмалата влага внатре во ракавиците може да замрзне. Загревањето на рацете со дување во нив создава кондензација – тоа е лошо ако веднаш ги ставите во ракавиците. Потењето во ракавицата е ист проблем и затоа внимавајте на рацете да не им стане ниту премногу студено ниту премногу топло. Потењето често се случува при приодот – затоа тогаш или носете потенки ракавици или не носете воопшто ракавици.

Протресете и испечете: Во скијачките центри се продаваат хемиски затоплувачи и тие може многу да помогнат кога работите излегуваат од контрола. Протресете ги, ставете ги во ракавиците и уживајте неколку часа убава топлина. Не употребувајте гелови кои се за неколкукратна употреба – потребна е преголема грижа за нив за да бидат практични на планина.

Замоткајте го цепинот: Замоткувањето на цепинот е одлична заштита од пренесувањето на студот. Во лесни насоки, благиот терен наложува подолго време да ја држите главата на цепинот. Металните делови може многу лесно да ја абсорбираат топлината од дланките дури и со најдебелите ракавици. За да го спречите тоа можете на пример да ставите еден мал исечен дел од подметачот за спиење на главата на цепинот и да го замоткате со долг фластер или широк селотеип за да го фиксирате. Ако е добро исечен овој мал дел од подметачот тој нема да посметува во нормалната функционалност на цепинот.

За на крај – важно е да бидете добро облечени, да пиете доволно течности и да јадете добро – сето тоа ќе ја максимизира вашата циркулација...
Copyright © 2005 Alpinizam.org