Едурне Пасабан

- 07.02.2010г.

Во 2010 година скоро сигурно ќе ја имаме првата дама која ќе ги има искачено сите 14 планини повисоки од 8000м. Веројатно... Сепак се работи за највисоките планини, а планини како планини – секогаш може да кажат „Не!“ Минатата година ги издвоивме трите алпинистКи кои беа најблиску до овој „трофеј“ – Едурне Пасабан, Герлинде Калтенбрунер и Нивес Мерои. Сепак при крајот на годината (2009г.) сите беа „претркани“ од јужно-корејката О Еун Сун која скоро од никаде дојде на дофат до тоа таа да биде прва. Имено со 8-те искачувања кои ги направи во последните 2 години и остана уште само Анапурна за која планира да замине во пост монсунскиот период оваа година (2010г.). „Старата“ тројка зад неа заостанува со по еден врв - Герлинде и Едурне т.е. два – Нивес...

Алпинизмот не е атлетска дисциплина и независно дали некој го разбира ова „трчање“ кон трофејот како трка или не, сепак преголемата врева која се крева околу достигнувањето на овој проект е една од работите кои допринесуваат во заматување на сликата за целите на вистинскиот алпинизам и најголем дел од колегите сигурно не го одобруваат. Несомнено се работи за голем личен потфат, но во алпинизмот целта НЕ ги оправдува средствата и некои од искачувањата на некои од девојките одлично се сумирани од едни наши колеги вака „Прва ќе биде таа која најмногу го посакува тоа, а не таа која го заслужува“. Па кој како ќе разбере...

Во следниот период ќе се обидеме да ви ги претставиме овие четири девојки малку подобро освен преку обичната статистика на нивните искачувања па вие проценете сами.

Едурне Пасабан

Родена на 1-ви Август 1973 година во Шпанија. При крајот на 2009 година на својот Фејсбук профил ја напиша оваа равенка: „(13+14)*8000=2010“. Во своите интервјуа никогаш не криеше дека цел и се „сите 14“, но секогаш кажуваше дека е многу опасно и глупаво проектот да се смета за трка... Ова е нејзиниот список на искачувања на највисоките планини:

2001 – Еверест
2002 – Чо Оју и Макалу
2003 – Гашербрум 1, Гашербрум 2 и Лотце
2004 – К2
2005 – Нанга Парбат
2007 – Броад Пик
2008 – Манаслу и Даулагири
2009 – Кангченџунга
Остануваат уште Анапурна и Шишапангма до „сите 14“.

Одбравме неколку прашања од тие интервјуа:

Какво е чувството да се застане на врв повисок од 8000м?
Едурне: Мислев дека да се застане на највисоките врвови во Хималаите ќе претставува најубаво чувство, но не е така. Всушност – на врвот ниту чувствувам нешто, ниту мислам на нешто. Само сум преморена. Исто така се грижам за симнувањето. Единствено кога ќе стигнам до базниот камп чувствувам радост.

Кога ја донесе одлуката да се искачиш на сите 14 планини повисоки од 8000м?
Едурне: Не многу одамна. Во 2007 година откако се искачив на Броад Пик ми останаа уште пет врва и тогаш прв пат увидов дека можам да успеам – и дека навистина сакам да успеам. Потоа следната година се искачив на Даулагири и Манаслу и тоа беше од голема помош исто така!

Кангченџунга?
Едурне: Има илјада метри тежок терен помеѓу највисокиот камп и врвот. Се сретнав со Герлинде Калтенбрунер пред да заминам за оваа планина и таа ме советуваше: „Кога ќе стигнеш до моментот кога карпестиот појас изгледа како да „олабавува“ – ќе имаш уште два часа до врвот. Подготви го умот за тоа и не ни помислувај дека си успеала во тие моменти“

Оваа планина за малку ќе те чинеше живот...
Едурне: Најтешките моменти од мојот живот се зад мене. Кога пристигнав во базниот камп, сите кои беа таму со грижа за мене – ме фатија за рака и ми надојдоа солзи. Бев толку преоморена што сакав да се одмарам неколку дена. И враќањето во Шпанија беше емотивно. Средбата со семејството, но и со многу непознати луѓе кои ме пречекаа – беше прекрасно

Исто искуство имаше и на К2 пред неколку години. Како ти влијаат овие искуства?
Едурне: После К2 престанав да качувам две години. Сакав да видам дали можеби бев надвладеана од очекувањата на јавноста. Притисокот кој постои од проектот да се искачат сите 14 врва над 8000м ме плаши. Не сакате да ги разочарате очекувањата на толку многу луѓе.

Менталниот аспект во алпинизмот е многу важен...
Едурне: Тренингот е важен за секој спорт. Во планините сепак треба да се работи и на менталниот аспект. Би рекла односот е 75% ментална подготвеност и 25% физичка подготвеност. Треба да сте добро подготвени да се справувате со патење, а во лошите моменти напред треба да одите користејќи ја вашата глава

Со Герлинде сте во контакт?
Едурне: Секако! Добри пријателки сме и си зборуваме на телефон за сé и сешто. Интересно е што сме и толку слични, но во исто време и толку различни. Таа е одличен качувач, многу е паметна и силна и е прекрасна личност.

Нејзиниот австриски менталитет е многу различен од шпанскиот темперамент. Тоа нé става во многу смешни ситуации – посебно затоа што постојано се шалиме со нејзе, а таа сé разбира сериозно. Многу се смееме кога се сретнуваме! Минатата година сите во мојот тим правевме заговор да ја натераме да ја напиеме кога ќе се вратиме во Катманду, но немаше шанса. Не пиеше воопшто алкохол!

Некои го критикуваат твојот експедициски стил на качување, но вие исто така снимате и документарни филмови. Што би коментирала на ова?
Едурне: Тешко е да се објасни што сé е потребно да се направи да се снима и да се качува во исто време. Посебно во највисоките планини. Не можете едноставно да трчате кон врвот. Платени сме од една телевизиска куќа – не да се качиме на врвот, туку да снимиме документарец за планината. Тие не прифаќаат никаков изговор ако се вратиме без доволно снимен материјал. Имаме голема одговорност.

Би качувала ли поинаку ако не треба да се снимаат овие филмови?
Едурне: Би сменила нешто секако. Ако само би качувале, би сакала да качувам во помал тим – нешто како Герлинде: двајца или четворица алпинисти, вклучувајќи и еден фотограф кој би фотографирал од време на време.

Такви експедиции се многу полесни за водење и организирање. Големите тимови бараат многу работа пред и за време на експедицијата. Посебно стресно е за менаџерот на базниот камп. Постојано се носат некакви одлуки и се решаваат некакви проблеми.

Ти си главниот водач на овие експедиции?
Едурне: Да. Јас се грижам за сé: планирање на експедицијата, дефинирање на стратегијата, наоѓање пари и опрема, контакти со компании за опрема, средување документи, менаџирање на базниот камп, организирање на секој чекор при искачувањето, проверување на временските услови...

За одлуките за искачувањето високо во планината ги прифаќам идеите и мислењата и на членовите на мојот тим. Тие се исто така многу искусни и подготвени.

Какво е чувството ти да си главна?
Едурне: Хе, хе – ми се допаѓа. Повеќе сакам јас да ги правам работите за мене, отколку некој друг сé да направи за мене.

На Анапурна веќе имаше искуство пред некоја година. Во лоши услови дента кога тргнавте кон врвот решивте да се вратите назад, а некои продолжија (Иван Валехо, Ендру Лок и Сергеј Богомолов). Какво е чувството да сте долу и да чекате да слушнете глас од луѓето горе?
Едурне: Ужасно! Бев многу загрижена и не можев да верувам. Тоа беше ново искуство за мене. Кога сте високи во планината и одите кон врвот, толку сте сконцентрирани што заборавате на светот. Не помислувате на луѓето кои се долу и се грижат за вас. Понекогаш заборавате да го контактирате и делот од тимот кој е долу во базниот камп!

Но кога јас бев во базниот камп и кога чекав да ни се јават Иван и другите момци, гледајќи нагоре кон планината и надевајќи се дека се добро – видов колку е тоа тешко. Незаборавно чувство.

„Круната“ и О Еун Сун?
После 11 години качување во Хималаите, нема да си ја бркам среќата на крајот. Тоа би ми била најголема грешка. Повеќе би сакала да бидам втора, трета или било кое друго место некое – сé додека успеам жива да го заокружам проектот „14*8000м“...

Мислам дека Корејката О Еун Сун ќе се качи на Анапурна и ќе стане првата жена која се качила на сите 14 планини повисоки од 8000м. Така стојат работите и само ми е жал за Нивес Мерои, Герлинде и секако за мене. Трите се познаваме и се почитуваме толку години, се боревме за финансии, време и сила за секоја планина која ја искачивме. Трите се качувавме кон нашите врвови и соништа низ овие години – на наш сопствен начин и по некаков логичен редослед.

На О Еун Сун и беше понудено да стане ѕвезда во еден импресивен и одлично финансиран проект со цел да стане светска рекордерка и таа ја прифати таа улога. Титулата е „Прва жена во светот...“ и таа ќе ја добие.

Симнувањето на Едурне од Кангченџунга:  

На оваа тема:

- Нивес Мерои,

- Герлинде Калтенбрунер,

- Едурне Пасабан

 

Copyright © Alpinizam.org