Партнери:

 

 

Share

Банско - исполнувачко искуство

-29.11.2009г., Игор и Весна Т.

Заврши 9-тиот Меѓународен Фестивал на Планински Филмови во Банско, Р. Бугарија. Беа прикажани преку 100 филмови од автори од преку 20 држави и од 6 континенти, беа претставени неколку изложби на фотографии и имаше средби со видни личности од светот на планинските спортови.

Ова е сигурно најголемата културна манифестација од ваков вид на Балканот. Организаторите на фестивалот на отварањето се заблагодарија на многуте помагатели – општината Банско, министерството за спорт, неколку странски претставништва, медиуми... Тоа беше прекрасен момент – во гласот на организаторот се чувствуваше искрена благодарност за силното заедништво помеѓу сите тие институции кон остварување на таа голема цел.

Во Банско пристигнавме попладнето во текот на првиот ден од фестивалот (25.11.’09) и се одлучивме да отидеме само на средбата и презентацијата на Курт Димбергер. Тој е голем австриски алпинист со интересна биографија: првите искачувања на Броад Пик (8047м) и Даулагири (8167м) и други искачувања во Хималаите (во класичен експедициски, но и во силен алпинистички стил); северните страни на Ајгер, Матерхорн и Гранд Жораз и други силни искачувања во Алпите; неколку трагедии вклучувајќи ја таа во која загинува Херман Бул на Чоголиса во 1957г, и таа во 1986г. кога загинува партнерката Џули Тулис по искачувањето на К2... Токму сега го читаме неговиот Омнибус (благодарност до Никола Божјаковски!) и беше убаво да слушнеме за поголемиот дел од неговите искуства и лично од него. 

Следниот ден (26.11.’09) имаше неколку добри филмови, а најголем впечаток ни оставија следните: краткиот филм во кој беше претставен Аксум – духовната престолнина на Етиопија, филмот за животот на монахињите во будистичкиот храм Кала Ранго во Тибет и интересните филмови за дел од историјата на алпинизмот – „Лудите години на австристкиот алпинизам“ (филм од големиот Волфганг Наирц за 1970-тите и 1980-тите години и искачувањата со Петер Хабелер, Рајнолд Меснер...) и „Дами во планините“ (филм за полските алпинистки предводени од Ванда Руткиевич и нивната огромна посветеност во Хималаите - дел од антологијата „Полските Хималаи“).

Вечерта бевме на презентацијата на Веика Густафсон. Финецот има многу побогата спортска биографија отколку „само“ фактот дека е 17-ти човек на сите врвови над 8000м (без употреба на кислород) меѓутоа се задржа само на тоа и конкретно на последното искачување годинава на Гашербрум 1. Тоа можеби беше малку површно, но презентацијата беше интересна поради хумористичниот пристап...

Следниот ден (27.11’09) се решивме да направиме искачување на Вихрен. Со автомобил се пристигнува до планинскиот дом Вихрен (1950мнв), а од таму за околу 1 час и 30 минути стигнавме до врвот во прекрасни временски услови. Со своите 2914 мнв изненадува со лесниот пристап – барем во вакви услови.

Вечерта присуствувавме на најдобриот дел според нас од фестивалот. Познатиот англиски алпинист Џон Портер одржа многу возбудлива презентација насловена „Блескавите години на британскиот алпинизам: 1976-1986г“. Портер зборуваше за своите искуства заедно со Алекс Мекинтаер (подоцна во холот ни кажа дека пишува книга за него), Питер Бордман, Џо Таскер, Ален Роуз, Дик Реншо – правејќи успешни и неуспешни обиди на Чангабанг, Бандака, зимско без кислород по западниот гребен на Еверест (рече тој чекор им бил многу логичен во 1980-тата година), во Алпите, Андите... Многу смели искачувања! Ќе го цитираме (не го преведуваме): „Тhose were the days when we climbed for the sake of it. We didn't even look like climbers!"

По неговата презентација, следуваше претставувањето на бугарските алпинисти Бојан Петров, Николај Петков, Николај Велков и Дојчин Бојанов на нивното искачување на Гашербрум 1 по јапонскиот кулоар...

Од следниот ден (28.11’09) би го издвоиле филмот „Портрет на Лионел Тере“ – посветен на големиот француски алпинист од 1960-тите години. Изобилуваше со сцени од неговите искачувања од Алпите до Хималаите, проследено со коментари од Мањоне, Херцог и други негови современици – големи алпинисти кои зборуваа со голема почит за него нарекувајќи го нивен учител, татко... На крајот на филмот имаше и неколку кратки интервјуа со млади француски алпинисти кои Лионел го посочуваат како голема инспирација во нивните животи – за екстремно тешките искачувања и авантури во планините...

Вечерта имаше прогласување на победниците на Фестивалот и Гран При наградата ја доби филмот посветен на друг исто така голем француски алпинист - Патрик Беро, кој загина во Алпите во 2004 година...

Тешко е да се даде некаков поинаков коментар или пак да пишуваме за сé што имавме можност да видиме и доживееме во Банско за време на овие 4-5 дена. Секако невозможно е да пишуваме за сите филмови и презентации, па се определивме само да ги споделиме тие кои ни оставија најголем впечаток. Друго што ни остави впечаток е секако вибрацијата околу манифестацијата – дружењето со пријателите алпинисти од Бугарија, одличната енергија во градот, планините околу него... Се чувствуваме како да поминавме многу повеќе денови таму...

Многу богато искуство и го препорачуваме на секој вистински вљубеник во планините.

Copyright © Alpinizam.org