Северната страна на Ајгер
-извадок од „Сјај од ѕвездите и невреме“ на Гастон Ребуфа
„Обидите започнуваат во 1935 година. Наврската Петерс и Маер само што се имаше искачено по централниот гребен на Гранд Жораз и германските и австриските алпинисти го свртеа своето внимание кон северната страна на Ајгер. Двајца алпинисти од Минхен, Мерингер и Седелмаер го започнаа своето качување на 22-ри Август. Четири дена подоцна тие биле видени како го поминуваат третото мразно поле. Тогаш времето почнало да се расипува и планината била нападната од големо невреме. Спасувачките екипи не биле во можност да интервенираат и кога временските услови се подобриле страната била толку потрупана со снег што на неа не можело да се види никаква трага од алпинистите. Неколку дена подоцна еден пилот летајќи блиску до страната забележал една фигура – замрзната и исправена во снегот. Вториот човек бил паднат, а ова тело останало на тоа место сé до следната зима кога било симнато од лавина.
Во 1936 година околу подножјето на страната се појавија поголем број на германски групи, но времето беше лошо и повеќето од нив се откажаа. Четворица млади алпинисти сепак се одлучија да одат: двајца Германци – Хинтерштоисер и Курц и двајца Австријци – Ангерер и Рајнер.Тие започнаа заедно на 18-ти Јули. Со мудро качување Хинтерштоисер го поминал клучниот детал од долниот дел на страната – дијагонална пречка која подоцна ќе го покаже неговото постигнување. На вториот ден страната ја сокрила магла. Следниот ден тие се двоумеле дали да продолжат бидејќи еден од нив имал повреда на главата, а и времето не било најдобро. Претходниот ден имале поминато само 200 метри. Го достигнале местото каде што загинаа Седелмаер и Мерингер и тука (сепак предоцна) одлучуваат да се вратат. Се симнувале бавно и повторно морале да бивакуваат – веќе трета ноќ во многу лоши услови. Во утрото на четвртиот ден го достигнале клучниот детал, но не биле во состојба да се симнуваат сега во обратна насока на оваа позната пречка (н.з. таа денес го носи името на Хинтерштоисер), која сега за нив многу брзо станала замка.
Во меѓувреме, неколку водичи тргнале во нивно спасување. Адолф и Кристијан Руби, Глатард и Шлунегер, тргнале од Ајгерванд станицата која е дел од железницата која поминува низ планината и се појавува кај Јунгфраујох. Од таму тие пречеле во лево кон алпинистите. И покрај многу лошите временски услови тие стигнале на стотина метри од Курц кој ги известил за смртта на своите другари. Хинтерштоисер паднал, Ангерер замрзнал, а Рајнер висел надолу задавен на јажето.
Ноќта поминувала без спасувачите да можат да стигнат до Курц, кој сега ја поминувал четвртата ноќ надвор. Спасувачката акција продолжува со зората на петиот ден. Тие стигнале на растојание од 40 метри под Курц и го советувале што да прави.
„Пресечи го јажето од Рајнер!“ Со многу мака тој успева и телото на Рајнер паѓа надолу.
„Сега повлечи го јажето и одвои ги деловите.“
Курц го повлекува јажето, ги одврзува замрзнатите чворови и ги одвојува трите делови и покрај нивната крутост.
„Поврзи ги трите дела заедно.“
Сега новото јаже, кое со надоврзувањето станало три пати подолго стигнува до спасувачите кои испраќаат храна и друга помош. Поради лошите услови и новиот снег кој ја покрил планината сé ова траело многу долго. Сепак Курц сé уште имал сила да го земе сé ова нагоре и да го состави своето јаже за абзелување. По неколку напорни часа тој конечно бил подготвен да се симнува. Но одеднаш еден од новонаправените чворови се заглавил во карабинерот преку кој тој го прави симнувањето. Водичите му довикнувале со охрабрување. Потоа мала лавина ги растресува спасувачите и спасуваниот, а слаб ветер го занесува Курц од карпата и тоа во момент кога Глатард застанувајќи на рамената на Руби скоро и успева да го допре. Тој прошепотува нешто неколку пати и умира. (н.з. - Според повеќе извори последното нешто што Курц им го кажал на спасувачите било: „Не можам повеќе“)
Во 1937 година продолжуваат обидите и повторно од Австријци и Германци. Најважен од сите тие е обидот на Рубич и Ворг. По два дена качување тие стигнуваат до местото каде загинаа Седелмаер и Мерингер. Утрото на третиот ден го носи тоа што тие го предвидуваат претходната ноќ – лошо време. Се враќаат и по 112 часа поминати на страната тие се првите кои се враќаат живи од повисоките делови на страната.
Во 1938-та, годината на успешното искачување, имаше исто така трагичен настан. Двајца Италијани – Сандри и Менти, го започнаа своето искачување на почетокот на сезоната и беа изгубени во невреме. Во Јули во подножјето на карпата имаше повеќе групи на Австријци и Германци. На 20-ти Јули почнаа да качуваат Хекмаер и Ворг. Тие бивакуваа над вториот карпест дел. Следниот ден токму кога одлучуваат да се вратат, се појавуваат двајца Австријци – Каспарек и Херер, следени од Фрајзел и Брандовски. Во нестабилни временски услови Германците одлучуваат да се симнат, а Австријците продолжуваат. При крајот на денот Фрајзел и Брандовски се симнуваат и ги охрабруваат Хекмаер и Ворг за повторен обид.
Тие започнуваат рано на 21-ви и користејќи го оставеното од Австријците ги стигнуваат околу 11 часот. По кратка пауза решаваат да продолжат сите заедно, а Германците го превземаат водењето. До 2 часот попладнето доаѓаат до мразните делови каде загинуваат Седелмаер и Мерингер и таа ноќ го поставуваат својот бивак во една ниша во големиот камин наречен – Рампа. Следниот ден качувањето станува потешко и при крајот на денот времето многу се расипува додека тие се наоѓаат на последниот дел со снег ограничен со последна граница на карпи, наречена „Пајак“ поради својот облик. Ова значело трет бивак за Австријците, а втор за Германците.
Следниот ден целата страна била полна со снег, но со огромна решеност тие ги поминуваат последните тежини и во 15:30 часот стигнуваат на врвот на Ајгер преку северната страна…“
Првата книга
За Ајгер и северната страна се напишани „мал милион“ книги. Веројатно најпознатата е „Белиот пајак“ напишана од Хајнрих Херер, еден од четворицата први качувачи чиј живот беше дел од приказната на филмот „Седум години во Тибет“.
Но малкумина знаат дека првата книга за ова искачување е всушност книга напишана заеднички од четворицата качувачи: „На северната страна на Ајгер“. Издадена уште во 1938 година таа имала 96 страни текст, фантастични 61 страна црно бели фотографии и една голема панорамска фотографија свиткана и прикачена на задната корица. Еве дел од тие фотографии:
И нов филм
Во 2008 година е снимен филмот „Северна страна“. Темата е трагедијата од 1936 година и горе споменатиот настан со четворицата загинати алпинисти.
Официјалната веб страна на филмот посетете ја овде >>>> (Кога ќе се отвори страната кликнете на „Trailer“ за да видите извадоци од филмот)
|