Текстови од Ребуфа за историјата на искачувањата на северната страна на:

- Матерхорн

- Ајгер

- Гранд Жораз

 

 

Северната страна на Матерхорн

-извадок од „Сјај од ѕвездите и невреме“ на Гастон Ребуфа

„Матерхорн е една од највосхитувачките планини чии геометриски линии се изгиднуваат нагоре. Тоа е совршен врв, каков што децата го замислуваат уште и пред да видат некој врв воопшто. Бидејќи бев роден покрај море, тоа беше тоа што го имав како слика кога го слушнав зборот „планина“ – пирамида обиколена со глечери која се издигнува кон небото. Но оваа пирамида е многу поубава и поради тоа што стои осамена...

Кога по првото искачување на Монт Блан во 1786 година скоро сите врвови беа качени, Матерхорн остана сé уште непристапен. Тоа беше големо време во планинарството. Многу качувачи гледаа со страст кон овој врв. Некои се обидоа, но сите беа неуспешни.

Двајца од нив на своите неуспеси гледаа само како на училиште до конечниот успех: Едвард Вимпер, Англичанец кој гореше со огромна посветеност и Жан-Антоан Карел од Валдот, кој ја сакаше планината под која беше роден. Понекогаш тие ги здружуваа силите, но во срцето секој од нив беше премногу амбициозен за да го сподели успехот. На 14-ти Јули 1865 година дојде и крајот. Вимпер стигна прв по Швајцарскиот гребен. Но како што сите знаат, неговиот успех беше следен од катастрофа. На симнување четворица од неговата група од седум луѓе загинаа паѓајќи по северната страна. Два дена подоцна Карел стигна на врвот по Италијанскиот гребен.

Северната страна

Битката која започна, продолжи да се одвива и на другите два гребена и четири страни. Од овие северната страна е најубава. Ограничена со гребените Хорнли и Цмут, таа има форма на совршен триаголник. Во профил претставува гигантски комплекс од карпа, која се издигнува околу 1200 метри во височина. Изгледа тешка, но пред сé опасна. Карпата е лоша, а мразот е како стакло. Не постојат места за одмор, ниту места каде може да се засолните во невреме. Но најлошо од сé се одроните, кои ниту најспособните не можат да ги избегнат. Само неколку дена во годината тие престануваат да го вознемируваат овој ѕид, така што таму треба да сте токму во тоа време. Но не е лесно да се процени моментот, бидејќи карактерот на Матерхорн е неразбирлив.

Помеѓу сите големи северни страни на Алпите, таа на Матерхоирн беше прва на која и беше сериозно пријдено и која беше прва искачена. Најнискиот дел е стрмен, средната третина речиси вертикална, а горниот дел е малку поблаг, но сепак останува експониран. Тајната на ова искачување е кулоарот кој го сече средниот дел, но кој поради тоа пак, формира природни канали за лавините.

Во Август 1923 година двајца Австријци, Хорешовски и Пикелко се качуваат по многу стрмниот мразен дел на подножјето на карпата, ги поминуваат карпите лево од кулоарот и излегуваат на висина од околу 4000 метри на гребенот Хорнли, во близина на засолништето Солвеј. Потоа во Септември 1928 година двајца водичи од Таш, Виктор Имбоден и Каспар Мозер стигнуваат на висина од 500 метри над бергшрундот во десно од кулоарот. Фатени од ноќта, тие бивакауваат и со многу проблеми успеваат да се симнат.

Успех

Следуваа многу други обиди, сé до Август 1931 година, кога од долината Цермат стигнаа возбудливи вести дека северната страна на Матерхорн е качена од двајца браќа од Минхен – Тони и Франц Шмид.

Во раните утрински часови на 31-ви Јули тие го поминале бергшрундот и започнале да се качуваат по мразот. Качувајќи во добар ден, кога нема одрони, тие го качуваат кулоарот бивакувајќи на околу 4200 метри. Следниот ден, на 1-ви Август тие стигнуваат на врвот околу два часот попладнето во многу лоши временски услови, кои ги принудуваат да бивакуваат на карпа цели триесет и три часа...“

Тони и Франц Шмид

Браќата Шмид од Минхен во Цермат пристигнале на своите велосипеди, а по искачувањето повторно со велосипедите се вратиле назад во Минхен (растојанието е околу 450 километри според денешните патишта и мапи). Тие биле членови на Оберланд алпинистичката секција и и покрај својата младост (Франц во моментот на искачувањето имал 26 години, а Тони 22) имале убаво искуство зад себе со искачувања во германските и австриските локалитети качувајќи на карпа и мраз.

За искачувањето на северната страна на Матерхорн на Летните Олимписки Игри во Лос Анџелес во 1932 година им е доделен Златен Олимписки Медал. За жал овој медал бил доделен постхумно бидејќи Тони на 16-ти Мај 1932 година, два месеци пред доделувањето загинува во обид да се искачи по западната страна на Грос Висбахорн (3564м) во Австрија.

Франц Шмид почина на 17-ти Септември 1992 година на 87-годишна возраст.

Copyright © Alpinizam.org