За вестиве...
Немаме претензии да станеме медиум кој ќе споделува се’ што се случува алпинистичко насекаде по светов. Ниту пак имаме време за тоа. Пред се’ сакаме да си спортуваме...
Тоа пак што го споделуваме, го споделуваме со причина: низ одбрани стории да го претставиме алпинизмот во целиот негов раскош (искачувања на карпа, мраз, микс терен), неговата постојана еволуција (никогаш не поврзана со надморски височини, туку со истражувања, искачувања на нови насоки и повторување на старите во што подобар стил...), да инспирираме да се прифаќа етика во што поголеми мера итн итн...
|
Новости
01.08.2015: Прво искачување на западниот врв на Линк Шар
Британските алпинисти Џон Грифит и Енди Хаусман направија прво искачување на западниот врв на Линк Шар висок 6938 (во Каракорам во Пакистан) преку западната страна (црвената линија). Главниот врв остана неискачен, поради комбинација од лоши временски услови во најава, но и нарушеното здравје на Џон. Базен камп-врв-базен камп: седум дена! И тоа е малку во споредба со четири годишните обиди кои поединечно ги имаа овие двајца алпинисти за да го направат првото искачување на оваа планина!
Џон вели: „Го чувствувам ова како успех. Штета е што не отидовме кон главниот врв, но останавме без храна, а имаше и лошо време во најава. Токму кога се симнавме надојде невреме, а ова не е планина на која сакате да бидете фатени во невреме. Лесно може тоа симнување да се претвори во сериозна битка за преживување. Мислам дека ако не бев толку болен, ќе направевме обид (до главниот врв), но таква е среќата во оваа игра таму. Имавме „тесен прозорец“ на добри временски услови и го искористивме најдобро што можевме.“
Искачувањето се случи 12-18 јули.
01.12.2014: Утешна награда
Колин Хејли и Роб Смит, на 21ви ноември искачија нова насока на Агуја Антипасто (црвената линија), како утеха за неуспешниот обид за прво искачување по јужниот столб на Серо Сан Лоренцо (3706м), втората највисока планина во Патагонија (на границата помеѓу Чиле и Аргентина).
На двајцата им беа потребни 3 дена само да ја донесат потребната опрема до својот базен камп, а потоа да останат „приковани“ скоро 3 недели - без никаква активност поради лоши временски услови скоро секој ден во текот на нивниот престој.
Во споредба со околу 1300 метри високиот јужен столб на Серо Сан Лоренцо, 500 метри високата страна на Антипасто е навистина како „утешна награда“, но сепак и тоа фино звучи: микс насока со тежини до VI/VI+ за која им требале 22 часа (бивак-врв-бивак).
Почнувајќи во 2 часот по полноќ, тие на самата насока поминале околу 17-18 часа, качувајќи ги споменатите тежини на моменти и со дерези по карпа со лош квалитет, а на крај во тежините има и "R“ опомена
Резултат: насоката е именувана „Експлозија на романса“ со тежини VI/VI+ R, M5 R
02.09.2014: Нова насока во Гренланд
Италијанецот Матео Дела Бордела и Швајцарците Силван Шупбах и Кристијан Ледергербер искачија нова насока на локалитетот познат уште и како „Забот на ајкулата“.
Насоката е завршена на 18-ти август по три дена качување во централниот дел на северо-источната страна следејќи системи на пукнатини. Именувана е „Ловот на големата бела ајкула“ и е со должина поголема од 900 метри.
Сите должини се искачени „он сајт“ и во целата насока оставени се само два експанзиони клина: еден за поставување на камп за преспивање, а друг при абзелувањето - симнувањето од карпата.
Уште вреди да се спомене и пристапот до карпата: 5-дневна авантура за време на која поминале 220 километри со кајак и уште 50-тина километри пеш, носејќи ја целата опрема на себе.
Ова е само втора насока на оваа карпа: во 2011-та година овде насока искачија Русите Александер Ручкин и Михаил Михајлов.
01.08.2014: Нови насоки на мраз во Чиле
Италијанките Сесилија Бул и Ана Морета искачија нови насоки на мраз на Серо Ел Мармолехо (6109м) во Чиле. Мразевите се наоѓаат на надморска височина од околу 4000 метри на оваа планина и насоките се со следни инфо: "La Gioconda" (WI 6, Мармолехо глечер, 160м), нејзината варијанта "Le Bombardier" ( WI6-, 30м) и обид на "Megas couloir", WI6?, 200m.
Нивните планови биле поинакви (една од замислените цели било и повторувањето на насоката на Хери Бергер и Алберт Лајхтфрид од 2006-та година Senda Real, WI7, но временските услови биле многу лоши и при тоа единствените два добри моменти кои ги имале за време на нивниот 15-дневен престој таму ги искористиле за искачување на погореспоменатите насоки.
Тие велат дека нивните насоки биле со северо-источна експонираност и при тоа имало голема температурна разлика: од -15 степени до +15 степени и рекордни +20 степени при максимално сонце...
01.07.2014: Нова насока во Перу
Младите италијански алпинисти Тито Арозио (27), Саро Коста (25) и Лука Валата (23), на 9ти и 10ти јуни искачија нова насока по западната страна на Монте Куесилио (5600м) во Кордилера Хуајхуаш во Перу. Насоката е именувана El malefico Sefkow (M5+/AI5, A1, ED2, 800м) и по излегувањето на главниот гребен и спојувањето со нормалната насока, поради лоши услови тие решаваат да се симнат наместо да продолжат кон врвот.
Претходно Тито и Саро прават обид за искачување на нова насока на источната страна на Чакра Гранде (5774м), но поради лоши услови се повлекуваат на 150-тина метри под врвот, а по заедничката насока на Куесилио сите заедно прават обид и на Сиула Гранде, но и од таму поради лоши услови се повлекуваат на висина од околу 5700м.
Овој регион е многу познат и сеуште изобилува со многу можности за нови насои на мраз и во микс услови.
01.06.2014: Нова насока по северната страна на Монт Џонсон, Алјаска
Американците Рајан Џенингс (40) и Кевин Купер (47) искачија нова насока по северната страна на Монт Џонсон во Алјаска што е и втора насока воопшто на оваа страна од планината која се смета за еден од најголемите проблеми во Алјаска. Велат дека тоа е линија која ја гледале 19 години и која морале да ја качат во овој живот - независно на ризикот. Резултат на нивната 80-часовна авантура (качување и симнување) е насоката „Скалила до Рајот“ (A1, M6, WI4, AI5+, X) со должина од 1200 метри при што во нејзе е оставен само еден алпинистички клин!
Оваа насока е резултат на нивното партнерство кое е градено повеќе од 20 години: голема доверба во сопствените и квалитетите на својот партнер поради често качување паралелно без меѓуобезбедување на терен со лош квалитет и „убава“ тежина. Оваа насока е резултат и на нивната голема почит кон Џек Текл, Магс Стамп и Андреас Орглер: инспирација за чистиот стил и брзиот и лесен начин на качување.
01.05.2014: Прво слободно на Ролинг Стоунс (Гранд Жораз)
Словенечките алпинисти Лука Линдич и Лука Крајнц во средината на март направија прво слободно повторување на насоката Ролинг Стоунс на северната страна на Гранд Жораз. Во период од шест дена тие ја качуваа оваа насока долга околу 1100 метри - прв пат качена од чешки тим во 1979-тата година, а прв пат повторена - од словенечки тим во 1985тата година. Искачувањето на Линдич и Крајнц е 4-то воопшто искачување на оваа насока на оваа страна на планината.
До тој момент оценета како 6а/А3, сега Словенците како „слободна“ ја оценуваат со тежини до М8 (една должина), М7 (3 должини), М6 (неколку должини) - но сепак, потенцираат: „бројките не ја кажуваат целата приказна“ :)
Искачување кое многумина го нарекуваат „најважна алпинистичка работа зимава“, изведено од двајца млади алпинисти кои го градат своето партнерство веќе 10-тина години и кои за Гранд Жораз велат: „Авантура! Вистински алпинизам!“...
03.03.2013: Сериозни традиционални проекти: порака за иднината
Оваа сезона многу често пристигнуваа вести од сите страни, за искачувања направени во фер стил (без користење на експанзиони и лепени клинови) на многу тешки насоки на мраз, но и микс искачувања. Во средината на февруари германскиот алпинист Роберт Жаспер (кој пред некоја година си имаше проблем со норвешката етика >>>>), помогнат од својот колега Рајнер Трепте, заврши свој долгогодишен проект: искачување на микс насока во традиционален стил во Швајцарскиот Брајтвангфлу.
Насоката Роберт ја започна пред 10 години, но се повлече по првата должина – под голем таван кој вели „психички го прегорел“. Овој пат успешно, по неколкудневен обид и неколу падови, насоката е завршена: Ritter der Kokosnuß(M12, WI5, 165m).
Роберт вели: „Често се дебатира за иднината на алпинизмот: за доброто и лошото во нашите постапки. Каде лежи вистинската иднина и кое е вистинското значење? Мислам дека секој од нас тоа треба да го најде за самиот себе. За тие пак кои не разбираат, ја препорачувам оваа моја насока.“
Во Норвешка пак, на вториот по големина остров во оваа земја, која има огромен потенцијал за секаков вид на алпинистички авантури, Инес Паперт, Томес Зенф и Нина и Кристијан Шлеснер реализираа убави искачувања. Дел од нив:
Инес здружена со локалниот алпинист Бент Видар Еилертсен искачи нова насока во традиционален стил Finnmannen (М9+, WI7, 400м), потоа заедно со Томас искачи нова насока Aurorabuttress (М7/WI6+, 250м), а Кристијан и Томас ја повторија Great Corner (М7+, 300м).
За Finnmannen, која е најсериозна насока искачена во ова патување, Бент вели дека е „насока за вистински мажи“, а Инес дека е „сериозно искуство, а посебно при крајот каде што има детал во кој нема обезбедување 10 метри и секој пад сигурно не би бил забавен.“
02.02.2013: Првата М10 во чист стил во светот
Австриските алпинисти Алберт Лајхтфрид и Бенедикт Пурнер, ја искачија можеби најтешката микс насока во светот во чист стил. Насоката се вика „Без олово“, искачена е во Вал Лунга во Доломитите и е со тежина M10, WI5.
Насоката е искачена во два наврати во период од два дена, на 27-ми и 30-ти јануари. Вкупната должина е 140 метри, а искачена е во 5 должини од кои 3 се микс со тежини М6, М9 и М10, а две се мраз со тежини WI4 и WI5. Искачувањето е во чист стил: за обезбедување користени се само френдови, навртни клинови за мраз и замки.
Лајхтфрид за искачувањето рекол: „Со оваа насока ја искачивме веројатно првата М10 насока во чист стил во светот... Се исполни сонот. Целиот тренинг и тешки микс искачувања беа само подготовка за овој ден - да ги фокусираме нашите способности во едно искачување.“
24.01.2013: Словенечка насока во Патагонија
Словенечките алпинисти Лука Крајнц и Тадеј Кришељ искачија нова насока на столбот Горета на Фицрој во Патагонија: „Вистинскиот Кекец“ (VIII-, A2). Насоката почнува со првата должина на „Ѓаволскиот жлеб“ (насока искачена пред 30 години од Словенците Силво Каро, Јанез Јеглич и Франчек Кнез), а потоа оди во десно по 800 метри нов вертикален терен и се спојува со насоката „Касарото“ преку која и се искачиле до врвот. „Касарото“ е насока која во 1979-та година ја искачува соло, Ренато Касарото...
Авантурата на Словенците траела пет дена во одличен алпинистички стил и без користење на експанзиони клинови, со три бивакувања при качувањето и едно бивакување при абзелувањето (при што останале без храна по третиот ден). Силво Каро за искачувањето изјавил: „Горд сум на ова постигнување кое е „Made in Slovenia"..."
18.01.2013: Убаво искачување на мраз во Доломитите
Италијанските алпинисти, Бепе Балико, Андреа Гамберини и Марко Миланезе направија искачување на мраз, кој ретко се формира, на планината Тофана ди Мецо (во Доломитите), именувајќи го „Psyco Kiler" (IV+, WI7-, 225м). Велат дека мразот е величенствен и се формирал на западната страна на оваа планина, а тие го искачиле по преспивање во бивакот Канторе.
Андреа во својот текст „Момент за сеќавање“ пишува дека „проблемот“ со тешките мразеви е во тоа што „тие од далеку изгледаат многу тешки, од долу изгледаат атрактивни, а кога сте во нив - одеднаш работите стануваат и уште потешки!“
Тежината зборува сама по себе какво било искачувањето: мразот бил тенок, качувањето се одвивало внимателно, а на места и имале потреба да качуваат по сува карпа, да прават деликатни движења во студено време, а симнувањето го направиле абзелувајќи ја насоката...
Видео овде >>>>
15.01.2013: Текст за болдеринг можност околу Прилеп
Техничкиот советник на Millet, Антоан Блетон, во ноември минатата година ги посети болдерите во близината на градот Прилеп. Опишувањето на неговите искуства преку блогот на оваа француска компанија, секако ќе биде голема дополнителна промоција на можностите за качување околу овој град.
Тој овде пишува: „Се чувствуваме привилегирани што го откривме ова место, пред тоа да ја добие меѓународната репутација (која целосно ја заслужува) во текот на следните неколку години...“
Тој е само еден од многуте врвни качувачи кои ги посетија овие карпи во последните неколку месеци и сигурни сме дека навистина допрва капацитет за супер забава, за качување на гранитот околу Прилеп, допрва ќе биде инспирација и за многумина други...
08.01.2013г: Силно на мраз - во чист стил.
Хансјорг Ауер, Хеико Вилхелм и Матијас Носих направија искачувања на три нови насоки на мраз и микс насоки во Уцтал (Австрија): Spongebob (WI7, 65m), Lucky Strike (WI6, 45m) и Rätselburg (WI7+, 80m). Момент од нивните искачувања е претставен на фотографијата десно. Тоа што е многу важно во овие искачувања е пристапот во нивната реализација: насоките се искачени единствено со користење на „чиста“ опрема: френдови, чокови и навртни клинови за мраз, а не и експанзиони клинови (па не и алпинистички клинови).
Хансјорг изјавил дека верува дека иднината во качувањето на мраз и микс насоките не е во обезбедување со експанзиони клинови и дека предизвик е да се обезбедува со „чиста“ опрема. Во спротивно, рекол тој, најдобро е да се чека добра сезона, со доволно мраз...
01.01.2013г.: На Новогодишен...
Секоја година, кога за новогодишните празници сме во Скопје, на 1-ви јануари
правиме традиционално искачување на насоката „Новогодишен“ на Матка. Моменти од оваа година:
31.12.2012г.: Дрезгање
Последните два викенда, си ја збогативме нашата активност во планините во зимски услови -
со дрезги. Погледнете ги фотографиите на нашиот ФБ профил:
Наскоро овој дел ќе биде дополнет и со архивата со вести од минатите години...
|