Северната страна на Гранд Жораз
-извадок од „Сјај од ѕвездите и невреме“ на Г. Ребуфа
„Не биле направени никакви сериозни обиди сé до 1928 година – Гаспарото, Ранд Херон и Занети водени од Арманд Шарлет и Еварист Кро стигнуваат до почетокот на првата бариера од плочи на височина од 3300 метри. Потоа по пауза од 3 години направени се нови обиди во 1931 година. На 1-ви Јули 1931 година двајца Германци, Хекмаер и Кронер направиле обид по централниот кулоар. Неколку дена подоцна двајца други Германци, Брем и Ритлер, започнале по истата насока – загинале од лавина или одрон. Нивните тела биле пронајдени една недела подоцна од Хекмаер и Кронер кои правеле повторен обид.
Северната страна на Гранд Жораз стана најпосакувана награда во Алпите и најдобрите алпинисти од тоа време еден по друг се ределе од домот Лешо, кој е почетна точка за качувачите во амфитеатарот на Жораз. Тука биле Германците: Франц Шмид (прв на северната страна на Матерхорн), Штојнер и Велценбах; Италијаните: Бинел и Кретиер, Бокалете и Шабод, Карел и Макињаз; Французите: Дилеман и Куртиер водени од Арманд Шарлет. Но ниту една наврска не успеала да ја помине првата бариера.
Во 1933 година се прават други обиди по друга насока. Италијанците Гервасути и Занети стигнуваат до 3500метри по централниот гребен кој води до Поинт Мишел Кроз. Гервасути е еден од најдобрите алпинисти на сите времиња со многу силен карактер (загинува на Монт Блан де Такул неколку години подоцна). Една година подоцна, на 5-ти Јули 1934 година, Арманд Шарлет и Роберт Грелоз стигнуваат до 3600 метри по истиот гребен... Потоа доаѓаат двајца Швајцарци – Лулу Булаз, девојка со нежна појава но огромна волја и Рејмонд Ламберт (во 1952 година стигнува до околу 8500мнв на Еверест). На 30-ти Јули по гребенот имало четири наврски – многу брза француска наврска од Арманд Шарлет и Фернанд Белин, италијанска наврска од Гервасути и Шабод и германска наврска од Петерс и Харингер.
Соочени со лоши временски услови сите се откажуваат освен Петерс и Харингер. Но, откако ја поминале првата бариера и тие биле принудени да се откажат. За време на симнувањето, низ нов снег и мраз на карпите, Харингер се лизнал и паднал во глечерот. Петерс стигнал до Шамони сам, откако поминал пет дена и четири ноќи на страната.
Секој послаб човек од Петерс би се соочил со поразот, но следната година тој бил прв под страната. На местото на Харингер тука сега бил Маер. Двајцата Германци успеваат да го направат првото триумфално искачување на 28/29-ти Јуни 1935 година. По неколку дена искачувањето било повторено од Гервасути и Шабод, потоа од Лулу Булаз и Рејмонд Ламберт, а потоа од Меснер и Штајнауер.
Бил постигнат голем чекор напред со искачувањето на северната страна на Гранд Жораз, но сепак вистинскиот проблем останал нерешен. Поинт Кроз е само една од точките на гребенот, а вистинскиот врв е Поинт Волкер. Сега умовите на алпинистите биле исполнети со нова идеја: елегантна и директна насока од глечерот до врвот. Најдобриот француски алпинист во тоа време, Пјер Ален, направил извидувачка мисија со Едвард Френдо во 1937 година, една година по обидот на Жан Ленингер. Волкеровиот Гребен е искачување кое Пјер можел да го направи. Тој бил и првиот кој ја минал бариерата од плочи која до тогаш никој не ја поминал, но откако ја поминал се откажал. Тоа било на 1-ви Август.
Истиот ден тројца италијански алпинисти, кои биле до тогаш непознати во француските Aлпи, но со големи првенствени искачувања во Доломитите зад себе, застанале кај домот Реквин и го прашале домарот:
„Ве молиме, ќе ни кажете ли каде е северната страна на Гранд Жораз?“
Изненаден од овие Италијанци, домарот покажал: „Таму горе.“ Две ноќи подоцна, домарот на Куверкл помислил дека сонува кога видел малецка светлина на Волкеровиот Гребен, на висина од 3400 метри, а следната ноќ ја видел истата таа светлина 400 метри повисоко, во горната третина на страната. Алпинистите ја минале третата ноќ на врвот – во невреме. И така без удари на тапани и без веење на знамиња, италијанските алпинисти Касин, Еспозито и Тицони успеваат благодарение на својата самодоверба и модерна качувачка техника, да го направат првото искачување во директна линија по северната страна на Гранд Жораз, кое е најпрекрасното искачување од сите во Алпите...“
|