Кити Калхун почнала да качува на 18-годишна возраст во нејзината родна Јужна Каролина. Подоцна, студирајќи во Вермонт, почнува да качува и мраз, а во 1984-тата година оди во Кордилерите, во Перу.
Потоа вниманието го свртува кон Хималаите. Со друг алпинист се обидува да се искачи на Талај Шагар, но поради премор (осум дена биле заковани во својот шатор поради невреме) искачувањето не е успешно.
Во 1987-мата година успешно се искачува на Даулагири со уште други двајца алпинисти, во алпинистички стил, а три години подоцнца е водач на експедиција на западниот столб на Макалу и исто така успева да се качи на врвот.
Дел од други достигнувања:
1981-1986, многу искачувања во зимски услови на високи планини во Северна Америка.
Алјаска, лето 1985 – се искачува по Касин гребенот на Мекинли
1985-1990 работи како водич за Американскиот Алпинистички Институт и тоа:
Мекинли (5 пати), Перу(Алпамајо 2 пати, Хуаскаран 2 пати), Аргентина (Аконгаква еднаш), Непал(Чулу, Ајланд Пик и Лобуче по 2 пати секој)...
Перу, лето 1986, се искачува по Бочард насоката (Јужна Страна) на Чакараху
Индиjа, есен 1986, се обидува да направи нова насока на северната страна на Талај Шагар
Непал, пролет 1990, водач на успешна експедиција на Даулагири по североисточниот гребен во тим од 4 алпинисти. Со тоа станува прва Американка која се качила на Даулагири
Непал, пролет 1990, водач на успешна експедиција на Макалу по Западниот Столб, во тим со 6 алпинисти. Со тоа станува прва жена која се качила на Макалу.
Пакистан, лето 1993, водач на обид за искачување на Северниот Гребен на Латок во тим со 4 алпинисти.
Индија, есен 1996, обид за нова насока на Северната страна на Талај Шагар
Пакистан, лето 1998, обид за нова насока на Западната Страна на Латок 3
Добитник е на неколку награди за врвни алпинистички достигнувања во Америка... |
Во алпинистички стил: без компромис
- Kити Калхун
(Од книгата „Гласови од врвот“)
„Моето прво алпинистичко искуство беше во зимски услови во Њу Хемпшир. Заедно со подеднакво неискусен пријател отидовме да ја направиме „Претседателската пречка“ во еден ден само со мали ранчиња на нас. По околу осум часа движење низ многу длабок снег, се искачивме на нашиот прв врв. Беше полноќ, а мојот пријател страдаше од хипотермија. Ископав дупка во снегот и се стркалавме во неа. По четири часа, се разбудив тресејќи се. Сонцето само што беше изгреало, а небото имаше убава црвена боја. Немав видено ништо толку прекрасно досега и посакав уште вакви зимски искуства. Не знаев други алпинисти и немав никогаш читано за алпинизмот воопшто. Одлучив дека веднаш штом ќе дипломирам на факултет, ќе отидам кон запад и ќе научам повеќе...
Научив многу од моите зимски искачувања. Научив да се грижам за себе кога беше студено и дека кога сé ќе тргне наопаку, попаметно е да се почека да помине невремето. Исто така научив и за лавините. На крајот на секоја зима, на 21-ви март, ми олеснуваше дека сé уште сум жива. Како што Ед Картер еднаш рече: „добри одлуки се носат по преживеани лоши одлуки“...
За Талај Шагар: „Бев многу разочарана што не успеавме да се качиме на врвот. По неколку месеци размислување, увидов дека врвот не беше сé што ми беше важно. Увидов дека ако сум сакала да се качам на врвот, ќе сум се обидела по нормалната насока. Увидов дека не можам да го компромитирам стилот на качување само за да стигнам на врвот. За мене начинот беше поважен од исходот, качувањето поважно од врвот...“
„Почнав да согледувам дека алпинизмот е како партија шах. Успехот зависи од мојата способност да ги земам во предвид временските услови, температурата и снежните и лавински услови. Морам да најдам некоја насока, да ја проценам тежината на искачувањето и да одлучам каква стратегија: колку јажиња, опрема, храна и гориво да носам...“
„За да добијат пари за финансирање на некое искачување, многу алпинисти се обраќаат кон медиумите, а ова си има своја улога за тоа што се сервира пред публиката. Најлесните качувања, каде за да се фотографира или снима видео-материјал, се качувања во кои се фиксира јаже од базата до врвот. Фиксирањето на јажиња скоро и да гарантира успех, поради тоа што можете да си носите доволно храна и гориво во било какво невреме. Спонзорите го сакаат успехот, а јас се надевам дека успехот се продава исто толку добро колку и трагедиите. За жал, во екстремни алпинистички искачувања, многу е тешко да се направат добри фотографии, да се снима или да се излезе на интернет „во живо“. Поради тоа публиката има замаглена перцепција за тоа што е навистина важно за едно искачување. Што се однесува до публиката, врвот во алпинизмот е искачувањето на Еверест...“
Го цитира Мајкл Кенеди, поранешен уредник на списанието Climbing: „Чист алпинистички стил, качување на или близу границите на сопствените можности, во тим од двајца или соло, без фиксирање на јажиња, носејќи само неопходно – тоа е нејголемото достигнување во алпинизмот. Тоа е секако и најтешко за достигнување. Сé треба да се одвива прецизно ако сакате да направите такво искачување. Кога ќе почнете да поставувате компромиси: носејќи поголем тим, фиксирање на дел од насоката и сл., само ги зголемувате вашите шанси за успех и преживување. Тоа не значи дека овие искуства се невредни. Но важно е да се одржува идеалот жив и да се има нешто по што ќе се копнее...“
Текст од Џонатан Вотерман во „Клајмбинг“ (Април 1988)
Минатата есен во Катманду, водачот на големата германска експедиција на Манаслу се заинтересира за младоликата Американка. Таа беше мала, убава и без крутоста со која се карактеризираат повеќето алпинисти. Германецот праша еден од Американците покажувајќи кон Кити Калхун : “Дали е таа менаџер на вашиот базен камп?” Колин Грисон се насмевна: “Таа е водич на нашето искачување. ”
Во 1987-мата година се крена многу врева за неколку хималајски експедиции, но скоро никој немаше слушнато за Кити Калхун и нејзините пријатели на Даулагири. Да се биде во центарот на медиумите не е во нејзин стил...
Четворицата отидоа на планината со буџет од 14,000 долари од Сиетл и делеа 20 носачи со еден тим од Шпанија. Едноставноста ја следеше целата експедиција на Даулагири. Калхун забрани да се носат камперски столици, фиксни јажиња и кислород. Една нејзина пријателка и даде одело за голема висина, а сета друга облека си ја шиеше сама...
Откако почна да качува, Калхун сакаше да води експедиции во Јужна Америка. Кога и беше кажано дека не знае шпански, таа веднаш најде учител и го поминуваше секој слободен момент учејќи го јазикот, што и резултираше со тоа да биде примена како водич...
Нејзините колеги водичи и партнери се согласуваат дека упорноста е нејзина главна карактеристика... Минатите неколку години, во пролет, лето и зима, има водено на повеќе од 25 големи врвови во Јужна Америка и Непал. Повеќето од нејзините искачувања се во зима... Има поминато многу време во бури и високи биваци, моменти кога се раскажува животната приказна и не постојат повеќе тајни. Но и покрај овие епски приказни, нејзините партнери сé уште чувствуваат дека не ја познаат доволно...
Додека водела во Хималаите, според кажувањата на еден нејзин клиент, Калхун поминувала исто толку време со чуварите на јаковите, колку со сите други членови во експедицијата. Тие не знаат англиски, но наводно, нејзината насмевка и отвореност се сета комуникација која им е потребна.
Кога ја прашале зошто толку многу ги сака планините, таа одговорила: “Затоа што се убави.” И ако чекате повеќе да го објасни одговорот, таа ќе ви се насмевне и ќе ве погледне, како остатокот од одговорот да е толку очигледен што не би требало ни да прашате.
Калхун претпоставува дека жените наседнале на тоа дека машките атрибути на сила и големина се основни за алпинизмот, но таа во исто време тврди дека нејзиното добро расудување е нешто што ја надополнува нејзината физика: 55килограми тежина и 158см висина.
„ Има многу повеќе во алпинизмот од само качување по карпа,“ вели таа. “ Не само што треба да качувате карпа, треба и да ја барате насоката, да качувате брзо на лошо поставени френдови, да го познавате времето, да знаете како да ви биде топло, да координирате логистика и да се справувате со различни култури. Исто така тоа може и да трае: на крајот на денот не можете едноставно да излезете во некој кафе бар.“
За ова искачување таа ги регрутирала Мет и Џон Кулберсон и Колин Грисом. Грисом вели: „Нејзината сила беше огромната трпеливост и способност да издржи сé додека работата не е завршена до крај.“
Една година пред Даулагири таа заедно со Енди Зелтерс беше на восхитувачката северна страна на Талај Шагар. Нивниот шатор бил искршен и Зелтерс ја прашал: „Каде ќе спиеме?“ Калхун со смирен израз на лицето му одговорила: „Ќе го поправиме.“ После невремето се повлекуваат...
Во 1985 година Калхун го спознава значењето на посветеноста на 5000 метри височина на Касин Гребенот на Денали. Останувајќи без храна, таа и Грисом се заглавени во искинат шатор во големо невреме. Кога тоа престанува 5 дена подоцна, тие ја завршуваат насоката, но Калхун има проблеми со глад и за да ја одржи концентрацијата ги брои своите чекори...
Во 1986 година во Перу, Калхун се враќа по втор пат на Бочард насоката на јужната страна на Чакараху. На клучниот детал таа била преморена и водењето го превзема нејзиниот партнер кој набрзо се откажува и признава дека никогаш не водел на мраз. Калхун повторно го превзема водењето, водејќи најголем дел од оваа 1000 метри висока страна. За симнувањето им биле потребни 21 абзелување, а исто така и бивакувале при што биле бутнати од полицата на која спиеле од прашести лавини. Две утра подоцна, таа водела клиенти на Хуаскаран и Писко...
Искачувањето на Даулагири воопшто не било поштедено од лавини, невреме и слично, но сепак групата на 16-ти октомври 1987 година стигнала на врвот.
„Кога завршив со Даулагири, мислев дека никогаш повеќе нема да одам на врв над 8000 метри поради лавинската опасност,“ вели Калхун. „Но како поминува времето почнувам да заборавам колку беше ужасно...“
Која е Кити Калхун? Таа се качува на сите овие огромни врвови, а е едвај преку 150см висока. Научи да зборува шпански за само 3 недели, а сепак го заборавила името на нејзиниот партнер на Чакараху. Таа сака „да се среди“ и да оформи фамилија, а сепак вели дека премногу добива од алпинизмот за да се откаже од него. Крстари по најодалечените делови на земјата во бестрашен стил, а потоа поминува еден месец во својот дом за Божиќ со своите родители и сестри. Имаше трема и не и се допаѓаше тоа што ќе биде фотографирана на водопадот Гленвуд, а после неколку недели се врати и ноншалантно го солираше...
Минатата есен во Сиетл, Калхун пристигна на аеродромот враќајќи се од Даулагири во ист авион со Мими Стоун, која се обиде да се качи на Еверест. Откако поминаа низ царина, Стоун беше запрена од репортерите. Тие не се интересираа за малечкото девојче со срамежлива насмевка поради тоа што таа не изгледаше како некој кој бил на Хималаите, а исто така таа не беше ниту на Еверест. Калхун се тргна од гужвата среќна што ќе го одбегне тоа како што таа го нарекува „fashion show“ и отиде да си купи сладолед... |