Експанзиони клинови

Лошо поставување - ако има воопшто нешто добро во тоа...

- Игор Т. (04.01.2009г.)

Никогаш не сум им верувал на експанзионите клинови и секогаш сум имал проблем кога сум требало да абзелувам на еден од нив или во слични ситуации. Оваа недоверба често ми ја зголемуваат за жал разни незгоди кои се случуваат во светов (а фала Богу не и кај нас) за кои слушаме од време на време. Еве го последниот случај:

На 2-ри Јануари 2009г. во Австралија загина Ник Кацоровски. Заедно со неговиот партнер Ендру Пер тој качувал насока на некој локалитет (не се важни сега имињата на насоките и местата…) и во еден момент немајќи опис со себе, почнале да следат линија со „светкави“ експанзиони клинови. Насоката која тие почнале да ја качуваат одела во друг правец, но качувачите едноставно почнале да го следат тоа што им изгледало ново, а со тоа и безбедно во моментот. Така качувајќи, отприлика на една должина од излезот од насоката, Ник почнал да води над поставеното сидриште. Го прикопчал првиот експанзионен клин и во обид да прикопча втор, паднал при тоа откорнувајќи го првиот клин и пролетувајќи покрај сидриштето на својот партнер. При падот, јажето се закачило на многу острата карпа карактеристична за тој локалитет и се скинало… Ендру бил симнат со помош на други качувачи на соседните насоки.

Австралиските качувачи веднаш спроведуваат истрага за настанот:

За јажето велат било со дебелина од 10,5мм, било старо две години и немало доживеано претходно многу сериозни падови при водење. Експанзионите клинови пак од друга страна биле со дебелина од 8мм (со ознака за 22KN) и биле поставени многу несоодветно. Истите биле извадени од целата насока и тоа многу лесно – некои само со неколку лесни потегнувања со рака. Причина за тоа е меката карпа за која локалните качувачи велат дека не прима такви клинови – туку најдобро лепени. При вадењето, на видео клипчето се гледа дека во дупката каде се поставени клиновите (од 8мм) влегува бургија од 9мм… Конкретниот модел на експанзионен клин од производителот бил претставен како модел за спелологија и кањонеринг, но не и за обезбедување при качување…

За насоката со овие светкави клинови: истата е искачена во Декември 2007 година од страна на хрватските качувачи Борис Чујиќ и Ивица Матковиќ кои наводно имале проект да искачат по една нова насока на секој континент. Не го проверувам овој податок и не е важен во оваа ситуација… Тие првиот клин го поставуваат на 15-тина метри над земја и затоа многумина не ја приметувале насоката, а таа линија ја сметале за варијанта на насоката која Ник и Ендру оригинално почнале да ја качуваат. Австралиските качувачи се огорчени поради тоа што некои од нив велат дека Хрватите ги игнорирале нивните сугестии да не ги поставуваат тие клинови на таа карпа – бидејќи не се соодветни... Чујиќ и Матковиќ насоката ја именувале „Последна шанса за среќен крај“...

Еве што пишува Чујиќ во еден дел од својот опис на насоката: „... Најлошо е тоа што клиновите во оваа мека карпа не држат. Ќе ги поставиш, оптовариш и тие веднаш почнуваат да се вртат. Некои можевме со рака да ги извадиме!...“

На 1-ви Февруари 2009 год. австралиските качувачи ги извадија сите експанзиони клинови од таа насока (околу 45 на број и велат само со 3 имале проблем со вадењето).

Една работа е секако многу јасна. Не може да се обвини никој за настанот. Во качувањето самите сме си одговорни за нашата безбедност и во однос на изборот на точките за обезбедување – истите ги користиме и поставуваме користејќи го нашето искуство и проценка. Во секој случај треба да се биде внимателен (од секаков аспект) кога се посетува нов локалитет и да се прифатат советите на локалните качувачи кои можат да дадат многу корисни информации за обезбедувањето, квалитетот на карпата и слично...

Ме изненадува во секој случај односот на Хрватите. Сите кои биле на Пакленица знаат дека на овој начин нема шанса да помине поставување на нова насока во овој локалитет, а Чујиќ е авторот на многу популарниот водич за насоките таму...

Како и да е – текстот белким ќе нé научи сите на нешто, а се надевам на најважното: Доста бе со тие експанзиони клинови... Аман! Еве го клипчето со вадењето на клиновите:

 

Copyright © Alpinizam.org