Чисто качување

Збор
(дел од текстот на Ивон Шуинард и Том Фрост објавен во 1972 год.)

Ресурсите на Земјата не се бескрајни. Не постојат безброј неискачени врвови зад хоризонтот. Планините имаат свои граници и тие покрај својата масивност – се кршливи.

Тундрите, ливадите, дрвјата, езерата и потоците се на посебни листи на загрозени видови, меѓутоа од посебен интерес за нас се карпите. Гранитот е деликатен и мек – многу помек од клиновите кои ги забиваме во него. На популарните насоки во Јосемити и на други локалитети, пукнатините во насоките се разрушуваат од повторени забивања на нови и нови клинови. Истото се случува и со лушпите и плочите – кои се олабавуваат и се кршат...

Има брзи решенија за проблемот: не качувајте насоки кои не мислите да ги довршите, не употребувајте опрема за техничко качување на насоки кои се качуваат слободно и најважно од сé – употребувајте чокови. Чоковите и гуртните не ја оштетуваат карпата и се добра и практична замена за клиновите – на сите насоки каде се качува слободно, но и на повеќето каде се качува технички. Не употребувајте клинови на насоки кои до тој момент се качувани на чист начин...

Во Англија со ваков начин на обезбедување се качувале насоки со техничка тежина од V (UIAA) пред повеќе од 60 години. Стојалиштата на тие насоки денес се лизгави (излижани), меѓутоа пукнатините се во одлична состојба...

Подеднакво сериозно е и моралното забегување. Вооружени се секакви орудија, качувачите толку го деградираат стилот на качување што се потиснуваат најважните елементи во качувањето: авантурата и врската со планинската средина...

...Има луѓе кои се луди по поставување експанзиони клинови и тие се најлошите напаѓачи на алпинистичката средина. Младите качувачи мора да научат дека поставувањето на експанзиони клинови се прави на некој начин како замена за самото качување. Водачите, алпинистичките училишта и алпинистите имаат голема обврска на овој план...

...Мера за личниот успех е стилот на качување, а не достигнувањето на врвот или поинаку кажано – треба секој од нас да се запраша дали целта навистина ги оправдува средствата. Потенцираме дека од голема важност е стилот и при тоа предлагаме основа на тоа да биде едноставноста. Што помалку играчки помеѓу качувачот и насоката, толку е поголема шансата да се доживее посакуваната комуникација со себе – и природата...

Влегуваме во нова ера во алпинизмот и треба да си ги преиспитате вашите мотиви во качувањето. Сетете се на карпата, на другите качувачи – качувајте во чист стил.

Целосно природната уметност во обезбедувањето
(дел од текстот на Даг Робинсон објавен во 1972год.)

За тоа постои збор, а зборот е „Чисто“. Качувањето при кое обезбедувањето се прави единствено со чокови и гуртни се нарекува „Чисто качување“. Чисто – бидејќи не се остава белег врз карпата на која се качува. Чисто – затоа што ништо не се кова и отковува од карпата, оставајќи лузни врз нејзе и правејќи го при тоа искуството на следниот качувач помалку природно. Чисто – затоа што обезбедувањето на качувачот не остава никаква трага од него. Чисто е качувањето во кое не се менува карпата...

Во Британија по илјадници искачувања на популарните насоки, стојалиштата се како исполирани, но пукнатините преку кои се обезбедува качувањето се чисти и немаат никакви лузни во нив. Насоката „Оревокршачка“ во Јосемити, која при првото искачување беше искачена во чист стил (Ројал Робинс користел само чокови), сé уште нема исполирани стојалишта, меѓутоа има очигледни лузни од ковани клинови во пукнатините. Секако дека може да биде повторно качувана само со чокови, меѓутоа повеќе никој нема да ја види карпата таква, каква што таа била при првото искачување. Не морало тоа така да биде. Стотиците качувачи кои поминале таму и ковале клинови, можеле подеднакво безбедно да ја поминат насоката, бидејќи решенијата се таму – на безбедно растојание, логични и цврсти.

Во Јосемити по традиција алпинистичките клинови се вадени со цел да се одржува насоката чиста и во нејзината првобитна состојба. Меѓутоа, ефектите на ваквата етика на долг план - се деструктивни за пукнатините и лушпите во карпата. Состојбата не е ваква само во Јосемити туку и во други често посетувани локалитети во Америка. Во Шованганкс (или само Ганкс) насоката се следи не по нејзините логични технички тежини, туку по клиновите и дупките од клинови по карпата. Како качувачи – имаме обврска да го заштитиме овој дел од природата од човечкото уништување, а чистото качување е метод како овој сериозен проблем може да биде решен.

 

Copyright © Alpinizam.org