Во чист стил на кратките насоки на Матка
- Игор Т. (05.04.2009г.)
Продолжуваме со искачувања во чист стил. Во изминатите 2 викенди при искачувања на кратките насоки „Нина - вертикала“, „Голем Камин“ и левата насока на Плочката покрај ресторанот (никако да ги запомниме имињата на насоките на Плочката...) - користевме само чокови и френдови.
Големиот Камин се покажа како најлесен од аспект на поставување на опремата со оглед на тоа што во каминот во целата должина има одлична пукнатина за солидно обезбедување. Искачувањето може да продолжи и над превисот над кој се поставени карабинерите кои денес (порано се искачувавме до врвот) го означуваат крајот на насоката и да се стигне до врвот на овој заб.
Во „Нина - вертикала“ веќе имаше поголемо растојание помеѓу точките и тоа посебно во првата половина што е и најкритично од аспект на тоа да се “доскокне до земја“... Меѓутоа во втората половина има доволно места за добро обезбедување. Оваа насока исто така може чисто да биде помината до местото на првото сидриште на насоката „Нина“ преку пукнатината која од десна страна – (дијагонално во десно) се издигнува над последните два карабинери кои го означуваат крајот на вежбалиштето...
„Левата насока на Плочката“ покрај ресторанот на езерото има свои карактеристики. Иако има доволно места (пукнатини) за поставување на обезбедување, сепак често, а посебно забележително на почетокот на деталот (плочата) тоа се многу тесни места во кои може да влезат само најмалите чокчиња. Со оглед на тоа што во плочата нема место за такво обезбедување под неа поставивме три точки – три најмали чокчиња... Пукнатината под превисот е друга приказна. Изгледа како лесна опција во која би се поставил сигурен френд, но сепак внатрешноста на оваа пукнатина е многу нерамна и френдот лесно се изместува и/или не се поставува најправилно па поради тоа и овде е пожелно да се постави повеќе од една точка...
На фотографиите многу добро се гледа дека многу често покрај клиновите постои можност за алтернативно обезбедување – за качување во чист стил. Често има повеќе можност за поставување на чок или френд отколку на клин... Овие фотки и текстовите кои веќе некое време ја буткаат иницијативата за што похрабро прифаќање на овој начин на качување имаат само една цел – да покажат дека може, да инспирираат, да охрабрат да бидеме по фер – кон себе и околината... Ако некогаш сакаме да си дозволиме вистинска авантура – како кај нас во Македонија на нови локалитети и насоки, но така и некаде „надвор“ – ова е единствениот начин како вистински да бидеме подготвени.
|