Австриецот Бит Камерлендер (50) ја помина насоката „Основна надеж“ (Е9/Е10, 5.13d/5.14a) во чист стил. Насоката е долга 40 метри и се наоѓа на карактеристичната плоча во Бурс, Австрија, а прв пат е искачена во 1997 година при што во тој период била обезбедена со експанзиони клинови.
Таа следи многу тесна пукнатина која ја сече оваа мазна плоча дијагонално сé до момент – кога исчезнува. Токму овде е најтешкиот детал во кој од најгорната точка би следувал пад од 15-тина метри на микро чокчиња... По плочестиот дел се појавува нова тесна пукнатина од околу 6 метри до крајот на насоката.
„Интересно, но никој не се обиде да ја повтори оваа насока. Пред околу една година повторно почнав да размислувам за неа, но овој пат добив желба да ги извадам експанзионите клинови и да поставувам опрема при качувањето. Фер качување. Ми изгледаше дека тоа е најчесниот начин. Но во исто време изгледаше и невозможно. Сепак токму тоа го прави проектот интересен нели?“ – вели Камерлендер и продолжува: „Ми беа потребни 9 месеци да се подготвам ментално за првиот обид. Микро чокчињата кои ги собира во пукнатината обично држат 150-300 килограми, меѓутоа во случај на пад издржливоста значително се намалува. Така што уште пред да почнете да качувате знаете дека повеќето точки нема да издржат голем пад...“