Наша забелешка:
И покрај тоа што и во самиот текст ова е веќе забележано (под насловот), т.е. дека тој е објавен во 1971 година, еве повторно - овој текст е објавен во 1971 година!
Ова се размислувања на еден наш британски колега напишани пред 44 години!
А како да се напишани вчера... |
Етика во Хималаите: време за повторно размислување?
- Текст на Денис Греј, објавен во 1971 година
Хималајската верига се протега како 2500 килеметри долга арка низ Азија и е географска творба која во себе ги содржи највисоките планини и претставува врвно искуство од аспект на планина, што еден човек може да го доживее. Скорешното повторно отворање на Непал кон алпинистички тимови, а и во помала мерка, делумното релаксирање на политиката на „не дозволување на влез“ од владите од соседните земји на оваа држава, означуваше отворање на ново поглавје во приказната на искачувањето на највисоките планини. Сепак, во ниту едно поле на алпинистичка активност не е покажано толку нејасно размислување, застарени философии или замаглени мотиви како што тоа постои во денешно време во активностите во Хималаите. За време на принудното затишје во изминатите години, причинето од проблемите со пристап, алпинистите од сите страни на светот имаа време внимателно да размислат за патот на идните развивања помеѓу азиските џинови. Имаше шанса, откако истражувањата беа повторно дозволени, да се започне со користење на до сега веќе добро пробаните и докажани коцепти на модерен алпинизам, разработени и надградени низ други масиви како например во Алјаска, Андите и Јосемити. Какво само богатство на знаење е насобрано во оваа деценија! Подобрување на зимските техники, револуција на опремата, кршење на психолошки бариери... Наместо да се користат во целост овие возбудливи иновации, на почетокот на оваа нова ера видовме само продолжување, па дури и понатамошно барикадирање на досадното и монотоно влечкање на тоа што јас го нарекувам хималајски експедициски менталитет.
Анапурна е искачена во 1950тата година и Еверест во 1953тата, а од тогаш наваму сведоци сме на неверојатен напредок во техниката на качување и на опремата, кои го направија пристапот и стилот на апликација на овие две авантури релевантен во денешно време како возење во коњска кочија и возење во авион. Сепак, сеуште се планираат експедиции и тоа на исто такво „масивно“ ниво! Ова не е напредок, бидејќи треба да се обидуваме да направиме нешто повеќе – многу повеќе, со многу помалку, но повеќето луѓе се заробени во етиката од минатото.
Долги години се оправдуваше правењето обид на било која планина или било кое искачување во голема, спонзорирана, тешко опремена и скапа екипа. Во времето на искачувањето на Еверест, некои алпинисти не беа среќни околу тоа дека „освојувањето“ на планината има некаква вредност, а од тогаш и самиот модерен технички развој дополнително натежна во правец против таков стил на авантури. Доведени сме до момент кога можеме да изјавиме дека за ништо не може да се каже дека не може да се искачи, се додека за таа цел бидат овозможени доволно ресурси. Жичара до врвот на Еверест, К2 или Кангченџунга не е нешто што човек денес не може да направи и се’ додека трендот на се’ поголеми, повеќе опремени тимови не се заврти во обратен правец, нивните искачувања нема да значат ништо и нема да имаат смисол во развојот на хималаизамот. Мораме да потенцираме дека тоа што е важно е начинот на кој една планина е искачена, а не самиот податок дека таа е освоена. Трагедијата со скапите екпседиции е во тоа што ги проголтаа и продолжуваат да доминираат врз добрите цели. Еднаш откако една планина или насока е искачена, таа не може да биде симната, независно на тоа кои методи се користеле за да се постигне првиот успех.
Оправдувањето на тие кои учествуваат изгледа дека е тоа дека големината на целта бара организација на големи тимови и покрај тоа што приказната за искачувања во Хималаите веќе е богата со мали и непомогнати тимови: Бул и Димбергер на Броад Пик, Британците на Музтаг, симнувањето на Меснер преку Диамир на Нанга Парбат итн итн. Поставувањето на голем тим на терен бара некаква форма на спонзорство, а тоа веднаш имплицира комерцијален интерес или национализам, што за тие кои учествуваат мора да е непосакувано бидејќи тоа најчесто значи ставање приоритет на достигнување на победа или освојување. Големите тимови се мисли дека се побезбедни во такви авантури, но во високите планини, статистиките за несреќите покажуваат обратно. Повеќе луѓе ставени во ризик значи и поголема несреќа во случај работите да тргнат во погрешен правец. Најбезбеден е тим кој ќе се движи брзо и ќе биде ултра лесен. Се работи за едноставна равенка меѓу бројки и време и никој не може да го одрекне тоа дека колку што е поголема планината толку е и поголема посветеноста ако се качува со компаративни стандарди. Во момент кога човек ќе го напушти концептот на нормално алпинистичко искачување, направено од тим кој нема поддршка од страна, веднаш се внесува во свет на правење на големи планови и статистики и тоа во круг од кој скоро и да нема излез. Колку што подолго се останува во високите планини, толку повеќе храна и други работи се потребни. Ако се подготвува пат за караван на следбеници, тогаш некој друг ќе треба да ја носри опремата за тој кој што всушност ќе качува, некој друг ќе треба да ја носи храната за човекот кој ја носи опремата, некој друг за него ќе носи гориво и така тоа само расте. Најлош аспект кој е дел од оваа екстравагантност и кој продолжуваме да го сведочиме, мора да е обидот да се придуши индивидуалниот глас во име на заедничката кауза. И покрај тоа што тимскиот дух може да игра значајна улога, сепак понекогаш не успева и од време на време слушаме за тепачки кои се одвиваат на 6000м. Од друга страна, сеуште немам слушнато за хималајска експедиција составена од 2 члена кои се степале меѓу себе!
Во светлото на сегашните хималајски трендови мораме исто така, најбрзо што можеме, да се соочиме и со проблемот на злоупотреба на Шерпасите – носачи. Никој не е толку лојален, вреден, весел и подготвен како што тоа е еден просечен Шерпас. Но во основа тие не се добро подготвени алпинисти, барем не по модерните стандарди од Европа, САД или Нов Зеланд. Тимовите кои планираат тешки искачувања ова би требало да го имаат на ум. Скорешните загинувања на Шерпасите во дел од експедициите се трагедија и би требало да тагуваме сите – целата светска алпинистичка заедница. Повеќето Шерпаси не се качуваат по планините затоа што го сакаат качувањето. Неколкумина можеби, но повеќето сигурно не. За нив та е само еден начин да се заработи за живот за некое време. Шерпасите, кои со векови живеат на голема надморска височина во планините, имаат развиено неверојатна способност да се движат и аклиматизираат. Со некаков сличен ригорозен план за работа на алпинистите на пример од Европа, повеќето од нив несомнено би станале одлични алпинисти, но во моментов најголем дел од нив се само малку повеќе од почетници. Да се однесат овие прекрасни луѓе во ситуации на голема опасност или тешки технички тежини не е многу далеку од убиство во случај на незгода. Дека ова се случува, го покажуваат самите статистики, како на пример последниот случај кога шест Шерпаси, жители на едно исто село – загинаа. Сите експедиции во Хималаите треба да ја имат оваа одговорност: да не ги изложуваат на било каква голема опасност. Во последната деценија, во некои експедиции, покрај тоа што Шерпасите ја извршуваа таа мачна носечка работа и поставувањето на камповите, тие на своите „сахиби“ им го овозможија секој нареден сантиметар кон нивните цели, без за тоа да добијат било какво признание. Алпинистите треба итно да се замислат за користењето на носачите. Според мое мислење, како што искачувањата ќе стануваат се’ потешки и потешки, време е и водечките алпинистички организации да инвестираат свое време и финансии и да се осигураат дека Шерпасите кои учествуваат во искачувањата да добијат соодветен тренинг со првокласни инструктори кои имаат висок стандард на алпинистичка компетентност. Се’ додека тоа не се случи, користењето на носачи во искачувања кои се многу тешки, треба да биде ставено под знак прашалник.
Веројатно среќа е тоа што за денешните генерации на млади алпинисти, па и за тие кои допрва ќе дојдат, дека како и во други масиви во светот – највисоките планини во Хималаите ниту се најтешки за искачување, ниту се најспектакуларни или најубави. Спротивно на ова размислување, најдобрите врвови во целиот Хималајски ланец, допрва треба да бидат искачени – што поради политички потешкотии за добивање дозвола за пристап, но исто така и поради овој постоечки експедициски менталитет. Ако квалитетот на алпинизмот е тоа што го бараме, тогаш прекрасните пониски врвови во Хималаите, како на пример Шивлинг, Чангабанг, Огре, Менлунгце и Гаури Шанкар – ќе понудат навистина наградувачко искуство во алпинистичката историја. Во моментот на пишување на овој текст, сеуште нема ниту една наврска која успеала успешно да се искачи на некој од овие екстремни пониски врвови. А тие чекаат и до некои од нив не е ниту пристапено – се’ додека човек не си ги реши своите небитни размислувања. Сепак, тоа што е многу важно исто така е и тоа дека кога на овие цели, овие вистински „Еверести“ во светот на алпинизмот, ќе им биде пристапено – тоа да биде направено во духот на задржување на основниот предизвик во алпинизмот. Се надевам дека тие ќе бидат искачени од генерациите кои доаѓаат, но и дека нема да бидат субјективизирани, што би се случило ако на нив им се пристапи со постоечките хималајски етики.
Свесен сум дека денес има многу мали наврски кои работат на многу различни локалитети во Хаималаите, па дури и во еден момент во средината на 1960тите изгледаше како да постои можност да се развие некаква форма на ограничување на големината на наврската, па дури и користење на разни помошни средства. Сепак, во последните две години видливо е бегањето од тие методи и тоа од многу водечки качувачи и „алпинистички“ држави. Сведоци сме како мамутските и многу скапи експедиции се вовлекуваат во медиумите и доминираат со качувачката сцена. На младите почетници кои сакаат да земат учество во такво нешто може и да им биде простено што веруваат дека тоа е единствен возможен начин на кој се прават обиди за искачување на големите хималајски проблеми. Каква вредност има од аспект на развој на алпинизмот кога тим од триесет луѓе, соодветно опремени, целосно спонзорирани и со користење на дополнителен кислород – ќе се искачат на Еверест, по било која насока? Навистина вредно би било која тим од 4 луѓе без никаква друга поддршка и помош – би го постигнала истото тоа. Звучи невозможно, но дали е така?
На самиот крај би сака да се осврнам на некои препораки кои идните тимови во Хималаите можеби би сакале да ги размислат. Со модените техники и знаења, дали е навистина потребно, па дури и оправдано етички, еден тим да има повеќе од 4 члена за било која планина пониска од 7300 метри? Или тим со повеќе од 6 луѓе за било која планина во светот? Дали треба да се користи дополнителен кислород за да се качува планина пониска од 7900 метри? Мислам дека не. Дополнителен кислород до таа висина треба да се носи само во медицински цели и да се користи само во физиолошки случај, но не и со цел да се подбутне искачувањето. Покажано е дека за планини пониски од 7900 метри, користење на дополнителен кислород не е потребно, се’ додека се обрне добро внимание на аклиматизацијата. Тајната на успехот во искачувањето на планини без користење на дополнителен кислород е тоа да се започне бавно и да се качува повисоко, а да се спие на пониско место се’ додека потешкотиите не завршат.
Можеби само две работи треба да се услов во идните хималајски искачувања: безбедноста на наврската и стилот на искачувањето. Веќе кажав дека успехот сам по себе нема значење и дека само начинот на кој тој е постигнат е тоа што е важно. Мораме да ја препознаеме вистината во нашите искачувања и да им ја предаваме на тие кои ќе дојдат после нас. Прекрасниот неуспех вреди повеќе од сигурната победа.
|