|
Фер и слободно
-27.01.2012г., Игор Т.
Некој напишал дека целава приказна е материјал за Опра...
И ги дочекав официјалните изјави на момците. Едно е кога медиумите пишуваат претпоставки, а друго е кога ќе се слушнат личните изјави на актерите. Ајде да почнам со двајцата „јенкиевци“, како што ги нарекуваа дел од колегите по форумите: Џејсон Крук и Хајден Кенеди.
Нема да го елаборирам нивниот целосен извештај за тоа што качиле минатата година по патагониските игли, како годинава се чекале таму и таму, како ги качиле насоките кои ги качиле пред да тргнат кон Серо Торе и слично. Ќе се задржам само на еден дел од напишаното од нивна страна околу моменти за начинот на обезбедување во текот на нивното искачување на оваа планина. Тие велат:
„„Фер“ не значи да не се употребуваат експанзиони клинови. Разумно користење на експанзиони клинови веќе долго време е практика во овие планински масиви. Често, стрмните и мазни гранитни плочи би биле невозможни да се поминат без користење на ваков вид на обезбедување. Прикопчавме четири експанзиони клинови поставени од Салватера во неговата варијанта – два на сидриштата и два за обезбедување... Погоре го искористивме експанзиониот клин поставен од Крис од нашиот обид минатата година. Пет експанзиони клинови во споредба со 400 ни изгледаше како добра зделка на нас. Исто така користевме и две од оригиналните сидришта на Маестри во горниот дел...“
Според мене толку од „фер“ за ова нивно качување. Мој личен став е тоа дека и тоа како „Фер“ значи да НЕ се употребуваат експанзионите клинови. Ако не, зошто тогаш целата драма околу вадењето на преку 100 експанзиони од линијата на Маестри (околу 125 според нивна проценка, а ќе изваделе и уште ако не биле други двајца качувачи кои имале потреба од клиновите за да се симнат)? Или таа количина не била „разумна“ како што се изразуваат тие? Кој одлучува за тоа што е „разумно“? Зошто да чекаме уште 1, 2, 10 или 50 години некој да помине таму каде што тие сега поминале - без да употреби ниту еден експанзионен клин (ниту при качување, ниту на сидришта) и тогаш да видиме дека разумно било всушност само тоа да се почека! Да се чекаат посилните и похрабрите „Јенкиевци“ од нив (или можеби и Балканци :))! Очигледно од денешна перспектива (ако не и од тогашна) не било разумно да се избуши таа „виа ферата“ на таа планина со преку 400 експанзиони клинови во нејзе, но зошто да не заклучиме од сето ова, од овие последни искачувања, како и од многу други примери дека многу е веројатно после неколку години или децении ќе се заклучи дека не било разумно ниту нивното користење на тие 5-6 експанзиони клинови и при тоа сепак да се вели дека било „фер“? Ако некоја карпа или дел од нејзе не може да се помине без бушење, ако карпата навистина е мазна плоча на која не може да се постави чисто обезбедување, нели мислите дека можеби е фер едноставно да и се поклоните на таа фантастична планина и да си се вратите дома?
.....
Пред некој ден Давид Лама заедно со партнерот Петер Ортнер го направи првото искачување во слободен стил на „Компресор“ (кога според некои известувања „помалку или повеќе ја следеле оригиналната линија на оваа насока“). Со тоа покажаа една работа: дека качувачите денес, имаат техника да поминат насока како таа, без да се влечат по точките за обезбедување. Но, само за потсетување „слободно“ и не значи “чисто“... Сепак, во краткиот извештај за искачувањето на крај додава: „ Посебно сум горд што го направив тоа без да додавам нови експанзиони клинови. Научив многу во изминатите години и качувањето во овој неверојатен планински масив едноствно е прекрасно.“ Ако се земе во предвид дека точно пред една и пол година тој изјави дека „не гледа ништо лошо“ во додавањето на експанзионите клинови од неговата филмска екипа (на веќе постоечките 400 и кусур од Маестри), ова искачување е многу поважно од тој аспект. Дека има созревање во начинот на размислување (се надевам искрено) на младите и силни качувачи и дека има нови момци кои со своите искачувања и своите зборови ќе бидат добар пример за најмладите генерации.
.....
Овие две вести ме радуваат бидејќи го покажуваат токму тоа: дека едноставно најфер е да се чека – и кон планината кон која треба да се гледа со затемнети очила поради отсјајот на експанзионите во нејзе (ова секако го претерувам!) и кон самите себе. Покажува дека не значи дека ако некој денес трча 100м за 9,58 секунди, дека треба да престанеме да ги мериме трките во иднина, велејќи дека тоа е топ времето на сите времиња (го парафразирам Меснер). Секако дека не! Тоа може само да го зборува нашето его. Секоја нова генерација е многу попаметна и похрабра и побрза и да не им ги одземаме насоките на тие што доаѓаат со наши непромислени и себични потези.
Во секој случај, секоја чест за младите Хајден, Џејсон, Давид и Петер за нивните силни искачувања! И секако за ентузијазмот што го имаа за качување таму, бидејќи се изначекавме да се симнат од тоа планините за и лично да ни пренесат како си поминале :)
|