Златен цепин - како да се дојде до него?
-23.11.2012г., Игор Т.
Ворнинг: секој кој има слабо срце и слаб имунитет кон од време на време англизми во текстовите и фина количина на цинизам... Нека го смени спортот или пристапот во него!
Ве нервираат локалните качувачи кои им се потсмеваат на вашите трекинг авантури низ светов, кога за истите сакате да добиете големо национално спортско признание и пензија? Ве нервираат истите тие ликови кои не ви се восхитуваат кога се подготвувате за сурова комерцијална експдиција, туку токму напротив љубоморно мрчат дека тоа било само ваш голем личен успех и ништо повеќе од тоа? Ве разбирам! И јас сум бил таму! Но ајде да ги надминеме и да им ги затвориме устите! Ајде да се здружиме во една голема идеја: освојување на Златен Цепин од страна на Македонец/ка/ци/ки!
Еве со таа цел почнав да ги разгледувам искачувањата кои го добиле ова признание во неговото 20-годишно постоење за да ни биде полесно.
Во своите 20 години, еве како ова признание беше доделено на искачувањата по локалитети/масиви:
Хималаи (Непал): ------ (6)
Хималаи (Индија): ----- (5)
Хималаи (Кина): --- (3)
Патагонија: -- (2)
Алјаска: -- (2)
Хималаи (Пакистан): -- (2)
Памир: - (1)
Гренланд: - (1)
Монт Логан (Канада): - (1)
Од прикажаното се гледа дека вкупната бројка на искачувања кои добиле највисоко признание е 23, а тоа е така бидејќи во последните години, од номинираните се одбираа по два тима кои ќе го добијат Златниот цепин – за да не се потепаат.
Во однос на изборот на масиви – очигледно, треба да целиме кон Хималаите. Ако се соберат бројките од 23 признанија, 16 биле за искачувања во Хималаите (здружени непалски, кинески, пакистански и индиски). Шансите ни се големи! Чек!
Број на искачувања кои го добија ова признание по надморската височина на планините:
6000м-7000м: ------- (7)
7000м-8000м: ----- (5)
над 8000м: ---- (4)
до 3000м: --- (3)
4000м-6000м: -- (2)
3000м-4000м: -- (2)
Ова ни е од голема корист. Се гледа дека не мора да целиме кон планина повисока од 8000м! И така кубуриме со пари (да не речам немаме воопшто!), можеме да се сконцентираме на нешто за што и не мора да се плати толку многу „на лепе очи“. Таксите се многу помали или пак некаде и воопшто не се потребни за планини меѓу 6000 и 8000мнв, а шансите за успех ни се големи (нешто над 50%). Да не зборуваме за планини од 3000 до 6000 м (уште помали трошоци, а шанси за да нé приметат и успееме: до 30% - што е кул).
Ако сепак кога ќе седнеме на маса се инсистира да се оди на планина од 8000м, мора да го знаеме следново: во историјата на Златниот цепин само 4 признанија всушност се доделени на искачувања на планини повисоки од 8000м, при што ниту еднаш во игра не е Еверест, туку тоа се: Чо Оју (во 2009-та), Нанга Парбат (во 2005-та), Макалу (1997-ма) и Кангченџунга (1991-ва). Од овие, освен искачувањето на Макалу кое беше направено од поголем тим, другите искачувања на „највисоките“ беа направени од тимови од по двајца членови. И тоа не е сé. Денис Урубко во 2009-тата со искачувањето на Чо Оју (каде беше со Борис Дедечко) стана 15-тиот човек кој се искачил на сите планини повисоки од 8000м, но при тоа 9-тиот кој тоа го направил без да користи дополнителен кислород. Стив Хаус кој со Винс Андерсон во 2005-та беа на Нанга Парбат кога го држеше во рака „Златото“ скромно истакна: „...Вистинската награда ја заслужуваат сите алпинисти во светот кои веруваат во качување во алпинистички стил со миминум дејство врз околината...„
Тоа дополнително ни отежнува изборот да ни е осумиљадарка(!): Треба да бидеме двајца, да сме скромни, да размислуваме „фер“ (демек да не фиксираме јажиња, да тегнеме сé самите по планината, а тоа ич не е кул), да одиме без користење на дополнителен кислород и други слични работи... Мислам, ОК, тоа ни оди во корист бидејќи тоа е поблиску до нашиот македонски буџет (тоа се најмали можни трошоци за највисоките планини), али брате многу сурово е за мене тоа барем во овој момент, така што ви посакувам среќа!
А да бидеме само приметени и номинирани? Па и тоа ќе биде доволно за затварање нечии усти...
Но ајде да видиме на овој план како се движи ситуацијата и околу тоа само да бидеш забележан и одбран помеѓу првите најдобри 6-7 за една година. Можеби и од таму ќе можеме да извлечеме некакви заклучоци... Бројките се од последните 10 години.
Еве ги пак регионите:
Хималаи (Непал): --------- (9)
Хималаи (Кина): ------ (6)
Алјаска: ------ (6)
Патагонија: ------ (6)
Хималаи (Пакистан): ----- (5)
Хималаи (Индија): ----- (5)
Кордилери (Перу): -- (2)
Алпи: - (1)
Аконкагва: - (1)
Вкупно 41 од кои очигледно ако се здружат Хималаите, тие повторно водат т.е. таму ќе бидеме најзабележани. И повторно – чек! И за да бидеш приметен или за да освоиш „Злато“, најдобро е да си на Хималаи!
Надморска височина на искачување:
6000м-7000м: ----------------- (17)
До 6000м: ------------- (13)
Над 8000м: -------- (8)
7000м-8000м: --- (3)
Очигледно нели? Нема потреба што да коментирам повеќе. Јас пак велам да одиме кон нешто помеѓу 6000 и 7000 или пак нешто до 6000. Имаме нешто повеќе од 70% шанси да бидеме приметени со некое искачување на планина некаде до тие височини. Но, ајде повторно ако сакате да одиме кон планина над 8000м, да видиме каде би биле приметени: Лотце, Анапурна, Даулагири, Нанга Парбат, Броад Пик, Шишапангма, Чо Оју и Манаслу се искачувањата кои биле номинирани.
На Еверест веројатно од преголема гужва нема да можат да нé издвојат, па затоа не би да одиме (освен ако не одиме на нова насока, па да нé фатат на сателитската на Гугл ‘Рт како дополнителен доказ)...
Но и само за да бидеш приметен овде во „највисоките“ стилот е важен (дем ит!!!) А некои ептен се потепувале: спојување на три планини, соло, без кислород, во алпинистички стил, во мал тим од двајца алпинисти... И сето тоа, а повторно мали шанси да те приметат или пак дури и да добиеш признание. Не се исплати, ви велам!
Е сега овие дечкиве што го доделуваат ова признание баратаат и со некои други бројки освен овие податоци (планински масив и надморска височина). Мислам дека тоа другото е и клучот на целата приказна. Значи каде и да одиме ќе треба убаво да си направиме и анализа на тоа што сме го качиле: колку насоката е долга, какви технички тежини имало во нејзе, колку должини, колку дена ни биле потребни и слично. И еве најгрубо на свет, тие бројки велат дека добитниците на признанието качувале НОВИ насоки кои биле долги помеѓу 800 и 4100 метри (грубо најмногу помеѓу 1600 и 2500 метри должина на насоките) и биле со технички тежини помеѓу V/VIII+, M3/M6+, A2/A4, AI5/AI6, WI4/WI6 - и разни нивни миксови…
Како за крај
Дополнителното истражување ме донесе до еден интересен податок: Најмногу драги мои се офајдија добитниците на Златниот Цепин во 2010-та година. Тимот тогаш качуваше на карпа над морето во Гренланд, искачени беа неколку насоки долги од 350-550 метри и само една насока долга 850метри и со тежини на насоките VI+/VIII+.
Претседателот на жирито таа година, Грег Чајлд, објасни: „Експедицијата на Гренланд не е тип на искачување кое вообичаено добива вакви награди, но сепак фактот што тимот ги направил тие искачувања без да кова или буши клинови е избор на стил на качување кој треба да биде признаен како пример за тоа што сé е можно во истражувачките експедиции во големи карпи.“
Да го извадиме од контекст тоа „Сé е можно“ и да се задржиме на него!
Ептен ни оди во корист! Низ сите овие години се приметува дека за „Златото“ најважен е стилот: пристап (етика), тежина, должина... И тоа кулминира во последните неколку години! Што ќе рече: “Now is his mother!” (м.з. Сега му е мајката!) Прифаќајќи го тој хипи пристап (Белгијците направија неколку фини видеа за искачувањата во Гренланд и барем во едно од нив скокаа голи во морето), истото може да го направиме и ние! Еве само еден пример за можност на само околу 300км од овде:
-Земаме кола (еве може во нашето магаренце, некои од вас го знаат), ставаме камера на хауба, на ретровизор (Сé снимаме и се снимаме цело време!) и палиме преку Косово кон Албанија или директно во Албанија. Цел: северот таму!;
-Изобилство на недопрени (и неискачени) планини (повисоки од тие на Гренланд!);
-„Гранитен“, многу цврст варовник (а не чист гранит – што ни дава предност повторно пред дечките кои само качуваа гранит на северот);
-Големи карпи: бар колку тие на Гренланд, но и многу поголеми без проблем. Сум видел слики! Восхитувачки пејзажи и врвови, кули. Супер сцена!;
-Земаме хармоника и гитара или слични инструменти, а можеме и ансамбл да направиме па еве јас се нафаќам и ќе пеам пошто тоа го правеа и дечкиве на Гренланд;
-Качуваме во добар стил! Ова ќе биде најтешко, но имаме можности овде кај нас за супер тренинг и верувам ќе успееме;
-Се изнакачуваме – еве да качиме на пример 10 нови насоки (овие на Гренланд качија 8-9 мислам);
-Палима кола и одиме кон запад дури удриме обала. Позајмуваме чамец и рипаме голи во морето,
-Снимениот материјал се пушта во етер и воала - „Злато“!
А тогаш кога ќе го имаме „Златото“ - е дури тогаш локалциве можат да скокаат колку сакаат!
Сепак и да успееме и да не успееме, важно е да се обидеме и секогаш со нас ќе ги имаме зборовите на Грег, но и на други мислители:
- „Еволуцијата јас ја гледам во стил преку кој ќе учиме да оставиме што помалку трага зад себе. Качувањето секогаш треба да се чувствува како аџилак...“ – Никола Фавре, еден од добитниците на „Златото“ за авантурата во Гренланд;
- „Само кога ќе се искачиме на планините кои ги имаме внатре во нас – планините на стравот, љубомората, слабоста... Само кога ќе се искачиме на тие планини ние навистина ќе бидеме на врвот на светот“, Ројал Робинс;
Да му се невиди... Ова последново ми изгледа најлесно, а веројатно е најтешко! |