Фактор на пад
Во теорија
Факторот на пад се добива кога ќе се подели должината на падот со должината на јаже помеѓу алпинистот кој качува и тој кој обезбедува. Вредноста на овој фактор е помеѓу 0 и 2 и колку што таа е поголема, толку е поголема силата која ќе се генерира врз системот при падот.
Фактор на пад со вредност 2 се добива во основа кога алпинистот кој качува паднал пред да успее да постави точка за обезбедување. Тогаш должината на падот е два пати поголема од должината на јаже помеѓу партнерите и факторот на пад изнесува 2. При тоа се создава најголема ударна сила врз системот што претставува опасност и за двајцата алпинисти.
Затоа при качувањето обично се поставува прва точка за обезбедување многу брзо по напуштањето на сидриштето дури и кога за тоа алпинистот кој качува поради лесниот терен можеби не чувствува потреба да се обезбеди толку брзо. Исто така силата на удар при пад на првите точки за обезбедување е поголема отколку на горните точки и поради тоа токму првите точки треба да бидат многу посигурни и подобро поставени.
Едноставната математика кажува дека пад од 20 метри на јаже помеѓу алпинистите од 40 метри е „побезбеден“, отколку пад од 2 метри на јаже од 1 метар. Факторот на пад во првиот случај изнесува 0,5, а во вториот 2. Но тоа е „побезбедно“ секако во однос на системот. Тоа воопшто не значи дека тие 20 метри ќе бидат безбедни и за алпинистот кој ќе ги пролета, бидејќи тој ќе има големи шанси да удри во разни испакнатини во карпата или пак да има во најмала рака сложено приземнување.
Факторот на пад поради тоа треба да се разгледува најмногу од аспект на безбедност на системот. Поголем фактор = поголема сила = поголема опасност. Помал фактор = помала сила = помала опасност.
Факторот на пад во пракса
Теоретскиот фактор на пад не го зема во предвид триењето кое може да настане помеѓу јажето и карпата или јажето и карабинерите при лошо поставување на точките за обезбедување.
Секако дека при качувањето може и да нема триење, но треба да се знае и фактот дека секое триење го зголемува факторот. Имено кога има триење тогаш јажето не ја апсорбира силата подеднакво со целата своја должина туку помалку помеѓу точките каде е триењето.
Значи од аспект повторно на безбедност, кога алпинистот што ја води насоката поради лошо поставени точки за обезбедување чувствува триење на јажето со карабинерите и со карпата (превиси на пример), тој не треба да се грижи само за тоа што ќе напредува бавно и можеби ќе има потреба дури и да го влече јажето со своето тело или рака. Тоа е само еден дел од приказната.
Во таква ситуација, во услови на пад тој ќе треба да знае дека последната горна точка може да доживее многу поголема сила во однос на тоа кога долните точки за обезбедување би биле поставени добро и јажето би се движело слободно.
Основен заклучок: Од едноставната математика погоре видовме дека и пад од еден метар веднаш на сидриштето носи големи опасности. Од друга страна свесни сме дека било кој поголем пад на било колкаво јаже може да биде исто така многу сериозен по нашето здравје. Од теоретскиот и од практичниот пример можат да се заклучат две основни работи. Прво - првата точка за обезбедување да се поставува многу брзо откако ќе почнете со качување, и второ - при водењето бидете свесни на тоа точките за обезбедување да бидат така поставени да не создаваат триење со јажето (користете гуртни за прибилижување на точките до линијата на движење)... |