|
Највисоките депонии во светот
-31.08.2009г, Игор Т.
Проблемот со оставеното ѓубре во планините е сериозен – независно дали е покрај манастирот Св. Никола на Матка или околу последниот висински камп на Еверест. Не знам што треба сé да се направи за да некои луѓе разберат дека треба да се грижат и за тоа што е надвор од нивната влезна врата од станот, меѓутоа веројатно тоа ќе биде битка која ќе се води и ќе се води... Примери има многу – од оставени „маркации“ во форма на најлонски ленти по дрвата на Солунска Глава за некој да не промаши и отиде кон Дервен, па сé до „маркациите“ по патеката до Кота 8848 (или 8850) на Чомолунгма во форма на боци со кислород за пациентите...
Еве што на оваа тема ја разбранува качувачката заедница при крајот на Август оваа (2009-та) година: Во околината на првиот висински камп на Гашербрум 1 (8068м) ирански качувачи биле приметени како фрлаат ѓубре во една креваса. Други качувачи - кои што ги приметиле загадувачите, два дена по тој инцидент се спуштиле во кревасата, го земале ѓубрето и потоа им го истуриле пред шаторот во базниот камп...
Активен учесник во тоа (а и сведок на загадувањето) бил Французинот Ариал Лемал. Тој вели дека загадувачите си поставиле фиксни јажиња до кревасите и таму фрлиле 2 вреќи од 15 килограми разно-разен отпаден материјал. Ариал всушност подготвувал десертација за справувањето со ѓубрето во високите планини и целиот овој случај со загадувањето „го погодил“ вистинскиот човек. Тој направил и неколку интервјуа со други качувачи па еве дел од сите тие негови искуства:
„...За жал однесувањето на иранските качувачи не е исклучок. Овие највисоки планини се преполни со разни оставени работи – стари јажиња, сидришта, искинати шатори, празни боци со кислорот... Додека се движев по глечерот најдов две боци со датуми од 1980-та и 1962-ра година. Дали овие работи се делови од историјата – нешто како археолошки артефакти или се едноставно ѓубре? Во тие години качувачите многу не зборувале за зачувување на околината, но за жал тоа не се сменило многу ни денес. Во разговорите еден американски качувач ми рече дека полека ќе се навикнам на тоа, еден Чех ми рече дека купил евтин шатор во супермаркет за да го остави горе во планината, еден Канаѓанец ми призна дека и тој го фрла ѓубрето во креваса, а еден Аргентинец ми рече дека минатата година го оставил ѓубрето во кампот бидејќи имал тежок ранец за враќање...
Во овие - највисоки планини, луѓето имаат „добри“ изговори за таквото однесување. Еден Англичанец ми рече дека на прво место доаѓа безбедноста, а на второ место грижата за природата. Финецот Веика Густафсон кој пред некое време се качи на сите 14 врва повисоки од 8000м ми рече: „Чистотата е важна, но животот е поважен.“ Тој призна дека во една прилика оставил сé зад себе бегајќи од невреме – па „дури“ и својата камера, земајќи го само филмот. Друг качувач пак, Шкотланѓанец, рече дека и тој и неговата екипа оставиле сé зад себе (високо на К2(8611)) – започнувајќи обид за спасување на друг качувач...
Но секако постојат и примери без никакви оправдувања: Оваа година на Г1, корејските качувачи оставија опрема која ја носеа во три наврати нагоре до третиот висински камп. Немаше никаков изговор зошто таа да не се симне надолу. Еден англиски качувач рече: „Би било добро луѓето кога прават толкав напор да ја качат опремата нагоре во планината, да направат напор истата и да ја симнат. Би било идеално да се потпреме на човековата одговорност, но тоа никогаш нема да се случи во високите планини. Некако овде вредностите се менуваат...“
Еден друг се шегува: „Во иднина ќе имаме лавини од ѓубре...“
Ѓубрето навистина – не само што не е убаво да биде расфрлано насекаде, туку тоа претставува и реална опасност. Качувачи ми кажуваа за тоа како многу блиску до нив пролетувале боци од кислород, како разни ѓубриња паѓајќи од повисоко од планината им ги раскинувале шаторите во камповите...“
|