|
ИСПО Минхен 2016
- 27.01.2016г., Игор Т.
Секоја година на крајот на јануари или почетокот на февруари, во Минхен се случува најголемиот саем за опрема за спортови во природа. Саемот е од изложувачки, а не од продажен карактер и генерално претставува можност за претставување на дел од новините за новата сезона, од страна на производителите пред своите соработници од разни земји во светот и медиумите.
Оваа година саемот имаше фантастични бројки: на површина од 180000 квадратни метри, спакувани во 16 хали, 2645 производители се беа распослале пред „публика“ од околу 80000 посетители од 120 земји.
Јас сум трет пат на овој саем, посетувајќи го на секоја втора година и секоја посета ми е супер искуство. Минхен во тој период додека трае саемот ми личи на голем Шамони или Кортина или некој друг сличен центар на планински спортови: каде и да се свртиш некој влечка скии, ранци од кои виси разно-разна опрема и слично, а патувањето во метрото кон саемот и назад од саемот кон градот е исто така посебно искуство :) Натискани луѓе од различни меридијани на светов и сите „пицнати“ во светкава опрема – мислиш излегуваме од метрово и одиме на качување или скијање или што и да е :) (Иако секако, не секогаш поседувањето на светкатва опрема, значи и „светкава“ активност...)
Дел од штандот на Рок Емпаер беше посветен на работна средба, по која се стекнав со лиценца за инспекција на опрема за лично обезбедување - како за спорт, така и за висинска работа
Внатре во халите генерално многу релакс атмосфера и супер можност за непосредна дружба со претставници од сите компании кои барем малку се инволвирани во „аутдор“ спортовите. Изложени парчиња опрема која или сосема малку го сменила својот лик од тоа што сме го виделе претходната година или претставува некое сосема ново иновативно решение на кое допрва ќе треба да му се навикнеме: овде за прв пат се претставени карбонските решенија во дел од опремата која претходно била дрвена, челична или алуминиумска; овде за прв пат се претставени свитканите и скратени рачки кај цепините кои до тогаш биле прави и подолги; новите најтенки единечни јажиња кои со својот дијаметар биле „незамисливи“ некоја година порано, „незамисливо“ дебелите скии итн итн. Шаренило кое инспирира во секој случај.
Оваа година на саемот поминав два дена и си поминав секако многу фино, реализирајќи убави средби со претставници на неколку компании, кои ме запознаваа со новитетите за новиве сезони. Во текот на првиот ден посебно убави искуства имав на штандовите на Рок Емпаер (чешкиот производител на опрема за качување) и БЦА (американскиот производител на опрема за лавинска безбедност).
Кај Чесите присуствував на семинар за стекнување лиценца за инспекција на опрема за лично обезбедување која се произведува од нив (како за спорт, така и за висинска работа), но и можев секако да погледнам дел од новитетите како на пример: интересните, нови и лесни карабинери со вратичка од жица (моделите Свифт), големите карабинери со матица (под универзалното име за таков тип на карабинер „ХМС“) и лесните појаси од серијата „Слајт“ (некои со 3, а некои со 4 токи за подесување). Ова секако во комбинација со веќе познатите класики на производи кои беа достапни кај нас од овој бренд (гуртни, чокови и френдови со одлични цени) – го прави повеќе од доволно интересен сигурно во скоро време повторно да се појави во продавницата на Аутдор.мк
На штандот на БЦА, убава средба со основачот на компанијата, Брус Еџерли
Кај Американците имав прекрасен разгововор со еден од основачите на компанијата, Брус Еџерли за што веројатно треба да напишам посебен текст (навистина не можам да го потиснам во параграф на овој збирен текст за ова саемско искуство)... Покрај тоа, имав можност да погледнам што ќе биде ново во текот на годината од БЦА, но и од компании кои се блиски до нив т.е. тие од семејството наречено К2 Спортс. Овде посебно се задржав на нивните ски и борд изложби кои секогаш се прилично колоритни и супер инспиративни (и за нив во некое време би напишал посебен текст).
Дента покрај шеткањето би ја издвоил и посетите на штандот на француската оптика Жулбо (Аутдор.мк најавува во скоро време збогатување на понудата од оваа компанија во својот продажен центар, на нови модели со одлично прифатените Спектрон 3 и Спектрон 4 леќи), каде ми беше претставена колекцијата на ски маски за следната сезона која го користи принципот кој беше претставен минатата година кај модели со поскапите фотохроматски леќи, но сега инкорпориран на ценовно многу подостапните модели на ски маски со еден степен на заштита. Тоа се модели кај кои леќата се „отвора“ кон надвор и овозможува одлична вентилација, што е многу практично решение, а за што Жулбо беше и добитник на Златната награда на ИСПО.
Споменатиот модел на Julbo, во отворена позиција на леќата - со што се овозможува поголем проток на воздух
Исто така имав интересна посета на штандот на италијанскиот производител Гривел кој упорно скоро 2 века (компанијата постои од 1818тата година) и ден-денес силно работи на иновативни модели на опрема и постепено ја збогатува својата палета на производи. Така, од тоа што е нивна суштина (дерези и цепини), можев да ги погледнам најновите модели на цепини од техничкиот сегмент (додека класиките остануваат – класики :)), но и новиот систем на дерези за ски чевли, нови појаси за качување (и „потпора“ за грбот за нив), ранчиња за планинско трчање и ски алпинизам итн.
Во текот на вториот ден нови средби од кои би издвоил две. Чесите на саемот си прават „чешко село“ во една од халите и во непосредна близина на Рок Емпаер, беше штандот на Тендон (бренд за производство на јажиња за алпинизам, кој во Македонија е достапен преку Аутдор.мк) и можев да погледнам дел од најновите нивни пракси и производи. Најавата за лесната класа на јажиња „Лоу“ звучи одлично: во продавницата на Аутдор.мк веќе се достапни Лоу биколорите со 8.4мм дебелина, а во текот на првата половина од годинава треба да пристигнат и единечните Лоу јажиња со дебелина од 9.7мм (со тежина како да се јажиња од 9.2мм!), како и најтенките јажиња сертифицирани како единечни и биколор, со дебелина од 8.9мм и 9.1мм од класата Мастер, која барем во моментов доминира по македонските локалитети од страна на многу алпинисти и качувачи.
Споменатите модели на лесни карабинери на Рок Емпаер, моделот Свифт
Покрај Тендон, убави моменти и на штандот на Блек Дајмонд. И овде шаренило (и покрај тоа што форсираат црно-бела фотографија во последниве 2 години), а во него конкретно најмногу ме интересираше новиот модел на карбон туринг скии, Хелио и тоа конкретно 105ката (на кого целам за идната сезона, најверојатно во комбинација со везовите на Маркер, Кинг Пин) и подновените челни лампи – посилни од било кога и со цена иста или многу слична како таа од претходните сезони. Исто така после некои 5-6 години користење на моделот на шлем на Блек Дајмон, Халф Доум, време беше за подновување, па можев да се уверам во одличниот фит на моделите „Вејпор“ и „Вектор“, кои сигурно ќе бидат наш нов избор годинава, но секако убав впечаток ми оставија и други моменти: подновената палета на ракавици, ултра лесните „Камелот“ (пердув!), ранци, облека...
Имаше секако и други многу убави средби, како на пример посетата на штандот на француската компанија Мије (Millet), кој до сега ми остави најубав впечаток во споредба со претходните години по обемноста и навистина супер изгледот на сите изложени производи (нови чевли, ранчиња кои „вриштат“, супер фитот на „Трилогија“ серијата итн), супер интересната презентација на палетата на производи на Мекнет итн итн.
Секако, два дена плакнење очи пар екселанс :)
|