|
Meѓународна работилница за снежна наука: Брекенриџ, 2016
-12.10.2016г. Игор Т.
Во периодот 3-7 октомври 2016 година, во Брекенриџ, во соујзната држава Колорадо во САД, се одржа Меѓународната работилница за снежна наука. Лично бев пресреќен што можам да бидам дел од овој собир со супер инспиративна и едукативна енергија, а секако посебна чест ми беше што ја претставувам Македонската Алпинистичка Федерација. Во најголем дел, трошоците за моето учество во оваа работилница, беа помогнати од Агенцијата за млади и спорт на Р. Македонија.
Малку за историјата на оваа работилница
Меѓународната работилница за снежна наука е биенален собир на практикувачи на различни активности во планините во снежни услови и тоа владини и невладини организации кои имаат најразлични работни повици: владини институции кои се грижат за безбедноста на населени места и патишта од лавинска опасност, универзитети кои во рамките на своите програми имаат предавања за снег и лавински опасности, приватни консултанти кои работат на оваа проблематика, планински водичи, спасители, алпинисти итн.
Потребата за ваков собир, на кој ќе се споделуваат што повеќе различни искуства од ова поле, „снег и лавинска безбедност“, е почувствувана пред многу децении (разни состаноци на институции кои датираат од 1960тите години), а прв пат конкретно под тоа име, „Меѓународна работилница за снежна наука“, овој собир се одржува во 1982рата година во Бозмен, во сојузната држава Монтана во САД. На тој собир прв пат е употребено и мотото „Спојување на теоријата со праксата“, кое сеуште и се употребува.
Низ историјата, бројот на делегатите кои учествуваат во оваа работилница, се зголемува во голема мера. Од првиот „официјален“ собир во Бозмен, на кој учествувале 220 учесници од 11 земји и на кој биле разгледувани 36 документи/предавања, тој расте до 850 учесници од 16 земји на претпоследниот собир во Банф, во Канада, при што биле слушани 60 презентации и биле подготвени 200 постери на најразлични едукативни теми.
Работилницата оваа година
По 25 години, оваа работилница повторно се одржува во прекрасниот Брекенриџ – град со специјална ски енергија! Не би знаел од каде да почнам, бидејќи импресиите се сеуште многу силни и тоа од сите аспекти на моето бидување таму.
Брекенриџ, Колорадо
Ајде од градчето: сместено е на надморска височина од околу 3000м, со население според последниот попис од околу 4500 жители, а од мое искуство сите супер пријателски расположени и „аутдор“ настроени. Основано во 1850-тите години, како поддршка за копачите на злато во овој крај (некои податоци велат дека овде се ископале околу 31 тон злато), своето име го добива по потпретседателот на САД во тоа време, Џон Брекенриџ. Денес градот живее многу живо – од туризам! Во текот на целата година! Многу фестивали, патеки за велосипедизам, планинарење до блиските врвчиња од околу 4000мнв, а секако и – скијање. Ски центарот започнува да работи во 1961-ва година и денес може да се пофали со следни бројки: 34 лифта со капацитет од скоро 47000 луѓе/час, скоро 12 квадратни километри на терени со 187 ски патеки, највисока точка во Северна Америка на ски лифт: 3963м итн.
За овогодинешната работилница: во Брекенриџ оваа година беа присутни повеќе од 1000 делегати (од тоа што го слушнав при отворањето на настанот). Не сум сигурен од колку точно земји бевме претставници, но еве една друга бројка според програмата во текот на тие денови: беа организирани преку 70 презентации, неколку дискусии и постер сесии.
Многу е тешко да одвојам што според мене би било повеќе вредно за истакнување, бидејќи лично секоја презентација ми беше интересна и инспиративна и покрај тоа што некои од тие презентации беа далеку од тоа што како на претставник на спортска федерација и основите на нашето делување – би требало да ми значи. Сепак, сум бил едуциран и сум израснал во алпинистичка заедница која секогаш имала прогресивни делувања и чувство на општествена одговорност – како во својата активност како спорт, така и преку нашата отвореност да бидеме корисни и на пошироката јавност со нашите знаења. Така, им пристапував на сите презентации на кои присуствував со многу отворен пристап и во се’ барав можност, тоа нешто да може да биде искористено во рамките на нашето делување како алпинисти и како федерација при пренесување на одредено знаење, така и во други сегменти на нашето опкржување. А темите беа супер разнолики. Но, цело е кога има се’ нели? :)
На пример, дел од презентациите беа: „Ефектот на зголемување на тежината на кршењето на слабиот слој на снегот“, „Користење на термо фотографија за потврдување на резултатите од контролата на лавините“, „Невообичаено ослободување на суви лавини поврзани со слоеви на прашина врз слоеви на снег“, „Тинејџерите во планината: студија за едукацијата од перспектива на средношколци“, „Улогата на јавноста во лавинската безбедност“, “Користење и споделување на „оперативната меморија““, „Варијации на индивидуални проценки на локален лавински опасен терен во рамките на ист прогнозерски регион“, “Користење на “time-lapse” фотографија за набљудување на лавински терен“, „Најкатастрофалните лавини во Австрија од 1946/47“, „Вообичаени грешки од страна на лавинските „практикувачи““, „Ризик од лавини во туринг искуствата во Швајцарија: статус и нови трендови“, „Еволуција на лавинските програми: од артилерија до инфраструктура“ итн итн. Само сакам преку наслови да се обидам да ви покажам навистина за колку различни теми стануваше збор. 70 вакви презентации – најмалку :)
Ден пред почетокот на работилницата: лесна прошетка до Пик 10 (ц. 4100мнв)
Две врвчиња позади мене е Пик 8, под чиј врв се наоѓа горната станица на највисоката
жичара во овој центар, но и во Северна Америка: ц. 3960мнв
Станува збор за работилница на меѓународно ниво, која е фантастична можност за споделување/добивање на знање/искуства од сите страни на светов, стекнато и потврдено низ децении на оваа заедница, фантастична можност за вмрежување со овие организации кои од своето многудецениско работење од прва рака ги извлекуваат најпозитивните суштини на нивното делување, докажани и преку практична работа и тестови и кои организации – сите на кои им пријдов за разговор, беа супер отворени за соработка и помош во унапредување и на нашето работење...
Се надевам дека тие контакти во некое скоро време ќе ги искористиме во полза на нашата заедница. Благодарност до МАФ за делегирањето и до АМС за овозможувањето/помошта да учествувам во оваа работилница.
|