Share

Почетокот на искачувањата на карпа во Британија

Иако некои од најпознатите алпинисти од Британија во последните 50-тина години доаѓаат од работничката класа (Џо Браун, Дагал Хастон...), на почетокот тоа биле луѓе од средната па „дури“ и од високата класа... Златниот период во алпинизмот кај „Островјаните“ се смета за периодот од 1882-1903 година.

Тоа биле качувачи кои почнуваат да качуваат насоки на карпа, не како дел од подготовки за големи планински искачувања, туку токму со цел да качуваат само тоа – насоки на карпа со поголема и поголема техничка тежина.

Подоцна секако некои од нив стануваат силни во сите гранки на алпинизмот и прават и многу тешки искачувања и во Алпите (на микс насоки), но пристапот им бил преку кратките карпи во познатиот Лејк Дистрикт.

Качувањето на карпа го оформуваат како единствена цел и посебна активност  - посебен спорт и уште на самиот почеток почнува да се оформува силната етика во качувањето која е толку карактеристична и до денешен ден кај нив.

Иако се споменуваат многу имиња на качувачи од тој период да ги споменеме пред сé тука браќата Џорџ и Ешли Абрахам, Волтер Смит, Овен Глин Џонс...

Браќата Абрахам иако секако силни качувачи, најмногу стануваат познати по нивниот допринос во промоцијата на качувањето и секако зачувувањето на моментите на зачетокот на овој спорт во Британија – преку нивните фотографии од кои некои се и во овој текст...

За татко на качувањето на карпа во Британија се смета Волтер Пери Хаскет Смит. За прво вистинско искачување т.е. искачување кое се разликувало многу од дотогашното поминување на лесен карпест терен, се смета токму неговото искачување во Јуни 1886 година на карпата позната како Нејпс Иглата.

Насоката според денешни стандарди е со оцена HS, 4b (околу IV+ по УИАА) и тој ја качил (и симнал) без никакво обезбедување. Тоа било во последниот ден од одморот кој го поминувал во близината на овој локалитет, кој го посетувал од 1882 година и каде претходно имал неколку неуспешни обиди...

Овен Глин Џонсон е човек за кој велат дека е првиот качувач – гимнастичар. Тој бил многу силен и агилен и се смета за втор човек по Оскар Екенштајн кој на некој начин посебно ја нагласувал убавината и важноста на болдерингот.

Ни се допаѓа еден момент од почетокот на неговата качувачка кариера: во 1897 година тој ја качува пукнатината позната како Кер Нотс (V по УИАА) соло и без обезбедување откако претходно ја поминувал вежбајќи ја на топ-роуп неколку пати.

Прво - ни се допаѓа тој момент бидејќи како начин на качување тешки тежини (што V-ка во тоа време била) е ист како денес. Врвните качувачи денес најчесто го применуваат истиот тој начин на пристап со тоа што секако еволуирала техничката тежина во голема мера.

Втората причина поради која ни се допаѓа ова искачување на Џонсон е реакцијата која следува во однос на неговиот стил окарактеризиран како „не фер и уништувачки во однос на традицијата за чисто качувачко истражување“. Повторно – типично Британски :)...

Од 1903 година започнува период кога качувачите почнуваат да се преместуваат од пукнатините и камините во плочите на карпите. Во тој период се издвојуваат неколку имиња меѓу кои и Фред Ботерил и Зигфрид Херфорд.

За посебен момент од тој период се смета искачување на насоката „Ботерилова Плоча“ (VI- по УИАА) кога Фред Ботерил искачува како што и самото име на насоката кажува – интересна насока по плоча, што подразбира еволуција во избор на техничките тежини во однос на претходниот период.

Зигфрид Херфорд бил познат по своите смели соло искачувања и во своето качување достигнува и тежини до VI, но за жал неговиот талент (и живот пред сé) е загубен во Првата Светска Војна... Некои од неговите искачувања тој ги има направено на еден карактеристичен начин за тој период – пред да ги искачи тој се симнувал по насоките надолу (– VI!!!)...

Во тој период покрај мажите во качувачката сцена се вклучуваат и жените. Некои од нив подеднакво успешно. Ако Дестивел се жалеше на шовинистичкиот поглед кон неа пред 15-тина години, како ли се гледало на жените качувачи од тој период во конзервативното британско општество може само да се претпостави.

Има податоци за основан женски качувачки клуб уште пред 1910 година во Шкотска и фотографии од женски наврски уште во 1908 година (и фотографии од наврски во кои има жени како качуваат со мажи – уште од 1890 година), но две девојки посебно се истакнуваат (од малку подоценжниот период): Пет Кели и Дороти Пили.

Пет Кели почнува да качува во 1914 година и за неа велат дека била можеби најдобрата жена качувач во Британија. Според сведоштвата на нејзиниот сопруг таа на карпите качувала најчесто соло како што и вообичаено се правело во тоа време и тоа со цел „да ја развие својата качувачка техника на нејзин сопствен начин“.

Исто така Пет била позната по тоа што активно инспирирала други девојки во тоа време да почнат да качуваат и ја застапувала идеата за чисти женски наврски. Иако таа загинува во 1922 година, сепак тој краток период од само осум години како што качувала, биле доволни за голема почит и инспирација – како помеѓу жените така и помеѓу мажите. Пет ја сметаат за инспирација и за основањето на Женскиот Алпинистички Клуб во Британија.

Дороти Пили најчесто качувала со нејзиниот сопруг - Ј. А. Ричардс и тоа многу интензивно и на разни локалитети. Со тек на време таа станала активна и во високите планини и нејзино најпознато искачување (од аспект на посебни моменти во алпинизмот во кои свој удел имале и жени) е првото искачува на Дент Бланш преку северниот гребен во 1928 година во кое таа учествувала заедно со нејзиниот сопруг и алпинистите Јозеф и Антоан Жорж. Таа во 1935 година ја издава книгата „Качувачки денови“ која е одличен историски учебник...

Ова е само почеток на претставување на што повеќе информации од историјата на алпинизмот па за сите вас кои како нас - се инспирирани од овие искачувања и качувачи - посетувајте нé што почесто...

Видео со Лио Холдинг на Нејпс:

Copyright © Alpinizam.org