Share

Љуботен, 15.12.2018г.

- Орце

Се започна со едно споделување на Фејсбук спомен. На 06.12.2015-тa тројца пријатели на еден совршен ден ја искачуваат Солунска Глава. Идејата да се повтори средбата веднаш не обзеде, но овој пат на некоја друга планина. Целта се Титов Врв и Љуботен. Во зависност од временската прогноза и времето кое се има на располагање, одлучено е да се оди на Љуботен, ден сабота 15.12.2018-та. Тројцата искачувачи (Орце, Дејан и Александар) имаат секој плус 40 години и заедно имаат повеќе од 60 години искачувања на карпи, мразови, планини… Како природен лидер на групата, човек кој го познава секој камен на Шара е Александар (Сашо), родум од Тетово, со долгогодишно искуство на искачувања на Шарскиот предел, но и на Алпите и Хималаите. Зад себе има безброј искачувања на Љуботен, па природно тој беше оној кој ја води тројката искачувачи заедно со уште една прекрасна и лојална хаска.

Временската прогноза за викендот не одеше во прилог, но истовремено и не најавуваше претешки услови за искачување на и онака експонираниот Љуботен. Прогнозата која ја следевме беше од meteo.pro:
“Генерално, овој викенд ќе донесе релативно сложени метео услови на Македонските планини. Облачно време ќе имаме во текот на двата дена за викенд.

В сабота наутро очекуваме облачно време. Но, добри се изгледите за еден слој на ниски облаци кои ќе ја усложнат ситуацијата со видливоста некаде до околу 1000-1500 метри, над кој слој следува подобрување на видливоста. Второт слој на слој на облаци ќе има долна граница некаде на околу 3000 метри. Мал исклучок може да има на врвовите над 2000 метри, кои повремено би биле во самите облаци.

До пладне состојбата со видливоста уште повеќе ќе се влоши. Мал исклучок би биле само осоговкиот и малешевскиот предел, но и таму не очекуваме „сјајни“ услови.

Од оваа облачност околу пладне би имале слаби врнежи долж северен дел на западна трансверзала и во осоговскиот регион. Очекуваме дожд до околу 1000 метри, потоа мешани врнежи до околу 1400 метри, потоа ќе има слој со влажен со влажен снег се до околу 1700 метри. Сепак, вреди да се напомене дека не станува збор за значајни врнежи. Она што додатно ќе усложнат овие врнежи е состојбата со видливоста.”

Покрај овој извор, на друго место (друг извор) се напоменува дека се очекуваат и ветришта од 30тина км/час…..и, во комбинација со намалена видливост одлучивме да одиме на Љуботен.

Тргаме наутро во 05:00 часот со автомобил од Скопје. Го оставаме автомобилот во Старо Село и тргнуваме на она што го нарековме, “Опсада на Љуботен” во 06:30 часот. Се одеше по план, најпрво се оди по патот кон планинарскиот дом, но набрзо скршнуваме од патот и одиме по насока речиси праволиниски кон гребенот на Љуботен. По помалку од 2 часа одење, излегуваме од шумата(околу 1700 м.н.в). До тој момент, видливоста е одлична, без ветер и без значително ниски температури. Но, штом излегуваме над шумата, воочлива е намалената видливост, која ни најмалку не остави сомнеж дека би била сериозна пречка во искачувањето. Сртот по кој треба да се движиме кон Љуботен е речиси праволиниски, па дури и во присуство на магла, ГПС мапите се тука да ни помогнат да не скршниме од насоката.

По нешто повеќе од три и пол часа одење и достигнување на висина од 2100 метри надморска висина, станува јасно дека се соочуваме со сериозни временски услови од силни ветришта од јужна страна пропратени со замрзнат дожд/снег и намалена видливост. По четири часа и петнаесетина минути од тргнувањето од Старо Село, достигнуваме висина од 2300 метри надморска висина и при целосно експонирање на сртот, станува јасно дека ова ќе биде многу тешко остварлива цел. Ветриштата се од ранг на бура, тешко се стои на едно место, додека мразот кој паѓаше, пополека влијаеше и на способноста да се гледа јасно. Видливоста се намали на растојание од помалку од десетина метри. Продолживме уште дваесетина минути, кога за прв пат застанавме да разговараме за можноста тука да заврши искачувањето. Дејан е категоричен дека одењето понатака повеќе нема никаква смисла. Сашо носи предлог да продолжиме понатаму уште петнаесетина минути и ако не стигнеме до врв, да се враќаме назад. Останува до мене да бидам оној кој ќе пресече. Целта беше ова да биде едно задоволство во кое сите тројца ќе уживаме, кога барем еден од нас веќе не гледа причина за продолжување, не гледав ни јас. Освен тоа, гледајќи го моето куче како е склопчено и свртено во обратен правец на ветерот, предлагам ова да биде највисоката точка и оттука почнуваме со симнување. Прифатено е, и Сашо трга прв.

Тука се случува и клучната грешка. Не свесно, издувани од ветерот, ние нагло скршнуваме во лево кон Косово. По десет минути спуштање, застануваме, свесни дека ова не е насоката по која треба да се движиме. Јас се наоѓам висински пониско од пријателите, но на растојание од само неколку метри, кога во еден миг се појавува пукнатина во снегот која ме разделува од нив и од моето куче. Само извикав, “лавина”, по што се обидувам да се одржам постојано на површината од снегот. По нешто повеќе од четириесетина секунди, движејќи се со максимална брзина од 16 км/час, снегот престана да се движи под мене. Малку збунет и видно возбуден, “џебот” на кој стапнав, ме придвижил за некои 150 метри и висински ме симнал за 30 метри.



Во тој момент, се обидувам да ги викнам пријателите, но и моето куче. Силниот ветер и густата магла оневозможија да се слушнеме меѓусебе. Се обидувам да ги добијам на телефон, но и тоа беше залудно. Чекајќи околу три-четири минути, заклучувајќи дека чекањето само може да ме вовлече во дополнителни невољи, одлучувам да се искачам по лавината. За жал, стрмниот терен и насобраниот снег, ме спречија да се движам во насока назад кон местото од кое се случи сето ова. По некое време, кога согледувам дека залудно се трудам, скршнувам во десно нагоре, мислејќи дека ќе можам да се придвижам во помалку стрмен терен. За жал, и тоа беше залудно. Конечно, и со помош на Google Maps, користејќи Roaming, решив да се вратам по изохипса во правец кон гребенот.

Во меѓувреме, двајцата пријатели, успаничени по неуспешниот обид да ме исконтактираат, закчлучуваат дека имам паднато во бездна, и се обидуваат да продолжат понатака во лево кое ги носи кон повторно искачување. Пред самото тргање, се обидуваат да го убедат Шелдон (мојата хаска) да дојде со нив. Тој ги погледнува, но сепак одлучува да тргне по мене во лавината. Тука за жал тој е последен пат виден…
Сашо и Дејан, продолжуваат со нивниот обид да се ориентираат. Во тој обид, успеваат да се искачат повторно во линија на гребенот, но не свесни за просторот, продолжуваат во правец на Косово каде Сашо го собира лавина која го носи од надморска висина 2356м на 2014м за помалку од две минути, при што достигнува максимална брзина од нешто повеќе од 45 км/час. Дејан решава да тргне по него, при што ги користи долните слоеви на снегот кои се веќе доволно набиени да безбедно се спушти. Сепак, во еден момент се наоѓа на земја лизгајќи се по стрмниот терен кој на некои места достига и до 50% нагиб. После одреден период, и на веќе по прегледен терен (без густа магла), успеваат да се најдат двајцата и решаваат да продолжат праволиниски кон Косово, каде успеваат најпрво да најдат планински патеки кои ги носи кон алсфалтиран пат и спас.



Во меѓувреме, јас се обидувам да се извлечам од стрмниот терен, движејќи се по изохипса, во исклучително густа магла и силно невреме пропратено со силен ветер. И токму пред да се извлечам, на помалку од триесетина метри од најстрмниот дел, ме зафаќа втората лавина. Најпрво, успевам да се одржам на површината, свртен кон лавината, обидувајќи брзо да чекорам по неа. Но, во еден момент ме удира странично и целосно ме затрупува, при што ме тркала закосено надолу. Во тие моменти, лавината ми го извиткува левото колено, кое (во тој момент не свесен) го удирам во карпа, при што ми се отвора рана и ми се кине предниот вкрстен лигамент, оштетува менискус и набива коска. Но тогаш, тоа не беше мојот приоритет, во тие моменти, повеќе не дишам од густината на снегот која ми ја исполнува усната шуплина, а истовремено имам неконтролорано и исклучително забрзано удирање на срцето. Се тркалам со максимална брзина од повеќе од триесетина киломентри на час, ме оддалечува 170 метри и симнува повеќе од шеесетина метри висински. Целосно надреална целата ситуација во овие моменти е исклучително тешка и нејасна да се опише. Сето тоа трае минута и дваесетина секунди, доволно време да се збогувате од животот.

За среќа, во еден момент лавината сопира, а јас се наоѓам со главата и левата рака веднаш странично над неа. Не се обидов веднаш да се ослободам од тежината на снегот, битно ми беше да се смирам и да се фокусирам на ситуацијата и најбезболно да се извлечам од прангите на планината, која вообичаено ми беше најдобриот пријател. Од кога го смирив отчукувањето на срцето, успевам најпрво да ја извлечам десната рака, а потоа и нозете од снегот. Бев сеуште составен од сите делови и тоа ме радуваше. Немаше простор да се размислува, ниту за моите пријатели, ниту за моето куче и зошто не тргнаа по мене, ниту на моето семејство и на мојот син, од чиишто лик не можев да се простам. Не сега, не толку рано. Избришав се во мене, единствена цел ми беше да бидам постојано во контрола на ситуацијата, која на моменти ме потсетуваше каде сум и кој е тука главниот. Морав постојано да сум во движење (овојпат избегнувајќи наталожен снег и одбирајќи мраз и карпа), со повремени запирања (кои ме потсетуваа на крвта која течеше од моето колено) за да видам каде сум и дали ја пратам изохипсата со споро спуштање на теренот. Бев целосно фокусиран, едноставно, немаше простор за паника. Сите минати години на планина, целата физичка подготвеност и упорноста која ја имам вродена, ми даваа за право да постојано бидам оптимист дека ова ќе биде само едно искуство на кое наскоро ќе му дојде крај, но ако и само ако, сум постојано во сегашноста и фокусиран на просторот околу мене и на ништо друго на оваа планета.

По безмалку три и пол часа од првата лавина и одвојувањето од групата, конечно стигнав до шумата. Тогаш, помислив повторно и на пријателите. Ми текна дека ако пратам порака кон нив, дека порано или подоцна тие ќе ја примат. Во меѓувреме, покрај сета ситуација, праќав пораки кон семејството дека се е во ред со нас и дека безбедно се симнуваме кон автомобилот, но дека ќе задоцниме затоа што искачувањето било поспоро од очекуваното. Едноставно, не сакав да ги вознемирам, се надевав дека се ќе биде во ред со мене.

Влегувам во шумата, и се обидувам да се приклучам на патека која би ме одвела до Старо Село. Тука трошам еден час, враќајќи се по длабокиот снег да фатам приклучок со цивилизација. За жал, неуспешно. Полека се спушташе ноќта, па немав избор освен да почнам да се движам по изохипса по непристапен терен, следејќи траги од загари и од волци. За време на лавините, камашните ми се извадија, па чизмите ми беа целосно мокри од внатре, ракавиците исто така, па влегувањето во шумата во една многу поблага клима, добро ми дојде.. Нешто по 16:00 часот, ме стемнува па ја вклучувам челната ламба. Повремено паѓајќи од лизгавиот терен и чувствувајќи остри и силни болки во коленото продолжувам кон мојата единствена цел, да најдам пат. Чувството на страв едноставно му немаше место тука, тоа беше не постоечко. Подготвен на се, но и не целосно свесен на опасностите кои можеби демнеа, конечно некаде по 18:00 часот излегувам на пат. Тој ме носи кон село Рогачево, каде затропувам на врата на првата куќа. Добрите луѓе веднаш се сочувствуваа со мојата ситуација. Бев пренесен до Старо Село, каде се сретнав со пријателите и заедно се тргнавме накај дома.

Следниот ден, два, недела, две и којзнае уште колку потоа ќе лебдат прашања…..Што беше причината за сево ова?...Зошто?...Можеби, едноставно, не ни помисливме дека може да дојде до вакво нешто, па можеби искачивме некој чекор повеќе. Можеби требаше сите да влијаеме на ориентацијата, да не оставиме можност на грешка? Да не одиме тврдоглаво по исклучително тешкото време? Планината ќе е тука и следниот ден, недела, месец… но ние, дали ние ќе бидеме тука?

Copyright © Alpinizam.org