|
Ѓаволската Кула
За неколку индијански племиња оваа кула е свето место и тие таму сé уште ги изведуваат своите ритуали. Ѓаволската Кула се наоѓа во истоимениот Национален Парк кој е прв прогласен како таков во САД од тогашниот Претседател на САД, Теодор Рузвелт во 1906-тата година.
Паркот има површина од 550 хектари, а димензиите/бројките на карпата се следни: врвот достигнува надморска височина од 1558 метри, кулата се издигнува 280-тина метри од својата база, на подножјето е широка околу 300 метри, а на врвот околу 70 метри...
Насоките се издигнуваат околу 150-тина метри – до нив има скоро исто толкав пристап по полесен терен.
Карпата е прошарана со стотици пукнатини со различни големини. Алпинистичките насоки кои ги има на број околу 200, ги следат овие пукнатини до врвот. Повеќето се без поставени обезбедувања (се качува со чокови и френдови), а тие кои имаат експанзиони клинови така се направени во 80-тите и 90-тите години од минатиот век. Денес единствено се прави смена на дотраените клинови и не се поставуваат нови на другите насоки. Тоа не се дозволува!
Сите алпинисти кои сакаат да качуваат на оваа карпа треба да се пријават во канцелариите на Паркот каде може да добијат информации за времето, состојбите на насоките, евентуални забрани за качување на некои насоки, историја и други информации...
Јуни е месец кога е прогласен т.н. период на затворање на карпата за качување бидејќи во тој месец се случуваат најголем број од ритуалите и церемониите на ова за Индијанците свето место. Тоа е направено со цел да се покаже почит кон нивната култура и ова не се однесува само на качувањето, туку и на трекингот по околните патеки...
Насоките се генерално со континуирана тежина и во нив се користат и по 2-3 комплета опрема за обезбедување и 2 јажиња - за абзелување (симнување)... Не постои спасителна служба, а најбликото место каде може да се добие медицински третман се наоѓа на растојание од околу 100-тина километри.
Постојат неколку легенди за настанокот на оваа кула, а најчесто кажуваната е таа дека кога „многу одамна“ некои седум сестри ги бркала мечка, тие бегајќи стигнале до некоја карпа и се качиле на неа со цел да се спасат, но таа не била доволно голема и висока.
Тие почнале да се молат и карпата пораснала, а пукнатините настанале од обидите на мечката со гребење да стигне до нив...
Годишно овој парк го посетуваат околу 500 илјади посетители, а од нив околу 5000 доаѓаат со желба да качуваат. |