|
Ѕидот Трол - Синоним за сериозни "big wall" качувања
Во регионот Ромсдал во Норвешка се наоѓа 1100 метри високата карпа позната како – Трол. Таа е една од најпривлечните места за алпинистите во овој регион кој плени со својата убавина – огромен избор на долги насоки, болдери... Велат тоа што Јосемити претставува за Северна Америка, тоа Трол претставува за Европа. Исто така во зимски услови овде се создаваат и некои од најголемите замрзнати водопади кои создаваат неверојатна сцена за испитување на способностите на алпинистите – мразевите се издигнуваат и до 800 метри во вертикала, а многу од тие линии сé уште и не се искачени.
Сончевите зраци овој ѕид поради неговата северна експонираност го греат кратко - само во текот на утринските часови и во карпата и во текот на летото има мраз во пукнатините. Карпата не е цврста и одроните се честа појава, а друга сериозна „препрека“ е и нестабилното време...
Првите искачувања: Во Јули 1965 година на овој ѕид истовремено му приоѓаат два тима – норвешки и англиски. Првата насока по 11 дена качување ја прават Норвежаните (на што се посебно горди бидејќи сепак оваа карпа е „нивна“) и таа ретко е повторувана. Оваа насока е велат „повеќе опасна отколку тешка“ – поради големата опасност од одрони...
Англичаните пак се одлучуваат да качуваат насока во поцентралниот дел на ѕидот и тоа го прават во период од 5 дена при што ја именуваат насоката по нивниот алпинистички клуб – “Римонд”. За разлика од норвешката таа е многу популарна насока...
Во 1967 година во најекспонираниот дел од овој ѕид влегува француски тим кој поминува 21 ден фиксирајќи јажиња до висина од околу 200 метри до врвот, а потоа продолжува слободно до врвот. Во 1971 година оваа насока е повторена од англиски тим во период од 8 дена...
Во 1972 година двајца алпинисти - Ед и Хју Друмонд, решаваат да качуваат во централниот дел на ѕидот без да фиксираат опрема по него. Откако качувале 12 дена во добро време, условите се влошиле и тие останале уште 8 дена (три без храна и вода) сепак успевајќи да излезат на врвот целосно изнемоштени – насоката е позната како „Арка“ (The Arch Wall)…
По овие искачувања направени се уште неколку други насоки на Трол (вкупно се околу 14), а многу од нив се сериозен предизвик за алпинистите кои сакаат да качуваат вакви големи карпи. Многу од постоечките насоки следат „главни“ линии на пукнатини, но сепак постојат можности за нови насоки во технички стил. Постојат два тренда во овој момент – насоките да се качуваат во чист стил (без фиксирање опрема) што бара вистинска техника и второ – насоките да се качуваат во зимски услови (кога има неверојатно лоши временски услови)...
Некои од насоките:
Норвешка насока: VI/A3, 1200 метри. Првото искачување е направено во 1965 година од Леиф Петерсон, Од Елиасен, Џон Тигланд и Оле Енерсен. Нема зимски искачувања – во зимски услови оваа насока се претвора во сериозен микс испит
Француска насока: VI/A4, 1100 метри. Првото искачување во 1967 година од Ив Босард, Џером Брунет, Патрик Кордиер, Клод Дек и Жан Фрел. Првото зимско искачување е направено во 1974 година од полски тим (Куртика, Кесики, Квалевски и Пјотровски). Арка: VI/A4+, 1100 метри. Првото искачување е направено во 1972 година од Ед и Хју Друмонд. Првото зимско искачување е направено од полски тим (Флудер, Пикуч и Голаб) во 1994 година, Тролска Магија: VI/A3, 1000 метри. Првото искачување е направено во 1985 година од О. Вадла и Л Магнусен, Шведска Насока: V, 1000 метри. Првото искачување е направено во Јуни 1978 година од Л.Г. Јохансон и Т. Хилсон, а првото зимско искачување во 1980 година (Досет, Брукс и Банкрофт) Ова е една од двете класики на Трол со многу можности за бивак места. Обично се качува за два дена, но е качена и за 13 часа, „Насока на месечари“: VI/A3, 1000метри. Првото качување е направено во Јуни 1986 година од шпански тим кој поминува 14 дена на насоката. Оваа насока се смета за варијанта на Шведската насока и насоката „Сон за малина“, „Сон за малина“: VI, 1000 метри. Првото искачување е направено во Јули 1986 година од јапонски тим, а првото зимско искачување е направено во 1987 година, „Римонд“: V, 950 метри. Првото искачување е направено во 1965 година од Хауард, Амет и Твидеил, а првото зимско во 1976 година од чешки тим. Првото соло е направено во 1982 година од Б. Остигард. Оваа насока е „класика“ на Трол – качувана е и за 8 и пол часа а има и неколку соло искачувања. Во 1994 година првото соло од жена – Ане Грете Небел, која има качено и неколку други насоки овде, „Жената на Трол“ – VI, 800 метри. Првото искачување (и зимско истовремено) во 1982 година од Ханс Досет, Ку Брукс, Хавард и Сјур Несхеим, „Смрт на сите прекрасни синокоси Викинзи“ (или „Катедрала“) VI/A4, 600 метри (плус 400 метри пристап преку една рампа). Првото искачувања (и ова во зимски услови) е направено во 1986 година од Аслак Асторп, Ојвинд Вадла, Бернт Педерсен и Ојстин Бардснес
Постојат и други насоки (повеќето руски), а најновата насока е „Краснојарск“ направена од руски тим во 2002 година во период од 19 дена.
Временските услови за качување се најдобри од средината на Јуни до почетокот на Октомври, а најдобри месеци се Јули и Август. Што се однесува до опремата, за повеќето насоки е потребна целосна опрема за качување на големи карпи: портлеџи, храна, гориво и вода за 10-12 дена, опрема за бивак и слично, а за најпопуларните насоки како Римонд и Шведската насока доволнен е „лесен“ ранец со малку опрема - за слободно качување. Анделснес е градот кој е центар на регионот Ромсдал. До него се стигнува со воз од Осло, а тој е оддалечен само неколку километри од Трол и од многу други места за качување во регионот – се препорачува храна и слични потребштини да се купат во Осло поради пониски цени. |