Share

Black Diamond - Едукација за опремата
Дел од појасот за качување: гуртната за извлекување на опрема

- 03.01.2016г.

„Дали таа има полна сила?“

Текст од лабораторијата за контрола на квалитет на Блек Дајмонд

„Дали тој појас има гуртна за извлекување на опрема со полна сила?“ велат тие, покажувајќи кон опремата на нивниот пријател. Тоа е израз кој често се слуша и предизвикува морници да ни полазат по телото. Знаат ли овие луѓе што прашуваат? А и што тоа „со полна сила“ воопшто значи?

За жал, ова прашање нема лесен одговор. Ова е причината: со цел да се продава Опрема за Лично Обезбедување (ОЛО) во Европа, таа мора да има „СЕ“ сертификат. (Интересно, но таков сертификат не е потребен за продажба на такви производи во Северна Америка). Има многу критериуми за да се добие таков сертификат, но за оваа дискусија ќе се сконцентрираме на еден од нив, кој се смета и за главен. Тоа е „крајната сила на кинење“ или со други зборови, мерката која покажува колку нештото е силно и изржливо.

За френдови, минималната крајна сила на издрживост треба да биде 5kN, за карабинер 20kN со затворена вратичка, 7kN со отворена вратичка и во малата оска, за појаси 15kN, гуртни 22kN, чокови 2kN, навртни клинови за мраз 10kN итн итн.


Гуртната за извлекување на опрема се наоѓа во задниот дел на појасот за качување. На фотката е прикажана таа гуртна на моделот Black Diamond Primrose

Така што, кога некој прашува дали „тоа нешто“ е со полна сила, најверојатно не знае дека има различни критериуми за различни делови од опремата. А што се однесува до гуртната која служи за извлекување на опрема, за нејзе и нема критериум за минимална сила. Кога луѓето прашуваат за нејзината сила, најверојатно мислат на тоа дали таа е иста како и таа на самиот појас или пак на гуртната за обезбедување – и тоа не е така!

Ајде да претпоставиме дека луѓето прашуваат дали гуртната за извлекување на опрема е со иста сила како гуртната за обезбедување (која за СЕ сертификат треба да е минимум 15kN). Прашањето кон нив би било – зошто воопшто тоа е важно? Гуртните за извлекување се направени со една цел: на нив да се поврзе јаже преку кое потоа би се влечела опрема нагоре. Поради тоа, таа гуртна за извлекување треба всушност да може да ја издржи само тежината на тоа јаже, што е само неколку килограми. Поради тоа не е јасно зошто се поставува тоа прашање: дали гуртната за извлекување е со полна сила? Никогаш не смее да се наврзувате на гуртната за извлекување на опрема, никогаш не смее да обезбедувате преку гуртната за извлекување на опрема, да се усидрувате на нејзе, да абзелувате на нејзе...! Гуртната за извлекување е едноставно само тоа: за извлекување на јажето преку кое потоа би се влечела опрема нагоре.

***
Во Блек Дајмонд ние си имаме наша сопствена философија околу овие гуртни за извлекување на опрема. Ако нештото на појасот личи на гуртната за обезбедување – ја правиме да биде силна. Можеби не толку силна како гуртната за обезбедување (т.е. со минимум 15kN), но доволно силна – за во случај кога некој лошо би го користел појасот. За жал, живееме во таква реалност. Луѓето често погрешно ја користат својата опрема. Ова значи, дека на некои од нашите појаси, сме одлучиле да имаме силни гуртни за извлекување на опрема, бидејќи материјалот кој се користел за нив, личи на гуртната за обезбедување. Тоа не значи дека во овој случај таа гуртна треба да се користи за нешто друго освен за поврзување на јажето за влечење на опремата, прикопчување на ракавици, алатка за обезбедување (кога не се користи за обезбедување)...


Гуртната за обезбедување и точките низ кои минува јажето на кое се наврзуваме, се наоѓаат во предниот дел од појасот за качување. На фотката се прикажани тие од моделот Black Diamond Aspect

Исто така можете да приметите дека на некои од нашите појаси, гуртната за извлекување на опремата, воопшто не личи на гуртната за обезбедување. Таа може да е само од многу тенок материјал кој повеќе личи на страничните замки за закачување на опрема, а исто така и печатиме „0kN” не некои од нив. Тоа го правиме со цел да биде многу јасно дека таа гуртна не е силна. Некои други компании го прават истото, намерно потенцирајќи го фактот дека гуртната за извлекување е многу слаба – со цел да се знае дека тој дел од појасот е слаб и не е „со полна сила“.

Тестови


Прва забелешка: Споделувањето на овие тестови е со цел да се сподели (се надеваме) корисна информација со луѓето кои ги користат овие производи и не треба да се гледа на нив како на студија за деталното производство и дизајн на опремата и нејзиното точно или погрешно користење. Ова е само површно и делумно споделување на информации за да се дообјасни одредена поента.
Втора забелешка: Ве молиме секогаш да ги читате упатствата за користење на производителите за тоа како точно да се користи опремата. Читајте ги сите предупредувања, инструкции итн.

Повторно – секогаш треба да се наврзете врз соодвтените точки за наврзување на појасот и секогаш треба да обезбедувате преку гуртната за обезбедување. Едно добро основно правило кое го користат од асоцијацијата на канадските планински водичи е ова: „точките за наврзување се за ткаенина, а гуртната за обезбедување е за метал“. Значи: наврзете се или усидрете се – преку точките за наврзување, а прикопчувајте карабинери само на гуртната за обезбедување. Гуртната за обезбедување – е за обезбедување. Затоа е така наречена. И секако – НИКОГАШ не треба да се наврзувате на страничните замки за носење на опрема, гуртната за извлекување на опрема, гуртните околу нозете итн.


Замките за носење на опрема се наоѓаат во страничните делови на појасот и распоредени се најчесто по 2 од двете страни. На фотката се прикажани тие од моделот на појас Black Diamond Aspect

Како некаква референтна поента ги прикажуваме овие бројки на тестови направени за појасот на Блек Дајмонд, моделот „Моментум“ кој е најчесто користен појас за качување во Македонија:

Модел: Блек Дајмонд Моментум

1.Минимална сила на гуртната за обезбедување која таа треба да ја има според СЕ стандардот: 15kN
Внатрешен стандард на Блек Дајмонд: 16kN
При последните тестови: 24.45kN

2.Минимална сила на гуртната за извлекување на опрема (кога таа ЛИЧИ на гуртната за обезбедување) – не постои според СЕ стандардот
Внатрешен стандард на Блек Дајмонд: 12KN
При последните тестови: 13.27kN

3.Минимална сила на гуртната за извлекување на опрема (кога таа НЕ ЛИЧИ на гуртната за обезбедување) – не постои според СЕ стандардот
Внатрешен стандард на Блек Дајмонд: 1kN
При последни тестови: не е достапно

Како за крај

Не постои нешто такво како „полна сила“ во генерална смисла во качувањето. Ако веќе се зборува за „полна сила“, тогаш треба да се зборува за конкретна категорија на опрема, затоа што критериумите се разликуваат.

Гуртната за извлекување на опрема е само за влечење на јажето преку кое потоа би се извлекувала опремата или кое би служело како второ јаже при абзел итн. Некои гуртни за извлекување може да се силни, но некои не – и не секогаш е лесно да се препознае која е каква. Треба да ги користите само точките за наврзување на појасот и гуртната за обезбедување – за наврзување, усидрување или обезбедување.

Опремата на Блек Дајмонд во Македонија е достапна преку Outdoor.mk
Copyright © Alpinizam.org