Дупли висечки шатори - полици
Хотели во големите карпи
Постојат многу работи околу кои треба да се грижите кога заминувате на искачување на некоја многу голема карпа, па дополнително оптоварување со тоа дали ќе се одморите добро во текот на ноќта воопшто не е потребно. Некои алпинисти оставаат да најдат природни полици и тераси во капрата, но често проблемите во грбот стануваат неподносливи уште во текот на првата ноќ. Најдобра опција за ваквите искачувања се висечките шатори. Не само тоа што тие се изненадувачки комфорни за спиење, туку овие полици даваат голема слобода да кампувате секаде каде што ќе посакате, а во нив скоро и ќе можете да уживате во долгите обезбедувања.
Висечките шатори за двајца имаат скоро дупло повеќе простор од единечните, а чинат само околу 20% повеќе. Поради тоа тие се подобар избор за тим од двајца алпинисти – кои со тоа ќе имаат да постават само една полица, а исто така тие тежат многу помалку од две единечни.
Кои се најдобри - изборот е стеснет на три модели – A5/The North Face Cliff Cabana, Black Diamond Sky Lounge и Metolius Bomb Shelter Double.
Основни карактеристики:
Затегнувачи на „креветот“ – секој материјал се истегнува по некое време, а посебно кога е мокар, па поради тоа добро е по потреба да може да се затегнува „креветот“ (поточно материјалот на кој се лежи, седи и стои на овие полици). Моделот на Black Diamond нема вакви затегнувачи, но шипките на крајот имаат двојно вкрстување и тие ја имаат таа функција.
Затегнувачи за нивелирање – сите модели имаат метални затегнувачи
Дополнително обезбедување – сите полици и нивните странични ѕидови (кои се поставуваат дополнително кога врне дожд или снег) од страната која се потпира на карпата имаат дополнително поставен материјал кој ги заштитува од триењето со карпата и абење.
Странични ѕидови – Полицата станува малку тесна и непрактична кога се поставени страничните ѕидови и тие се употребуваат само кога навистина има потреба за тоа. Оваа „мушама“ во основа стои спакувана во торбичка закачена над точката на која се поставува да виси полицата и кога ќе има потреба се вади од торбичката и лесно се спушта преку полицата. Лесно исто така се подигнува и пакува во торбичката кога ќе се расчисти времето. Сепак, моделот на A5/The North Face не се пакува и распакува толку лесно (иако овозможува најголема заштита при невреме). Исто така од надворешната страна на овие странични ѕидови има шипка која го затегнува материјалот и дава повеќе простор за алпинистите внатре.
Дупки за истекување – Ако врне многу интензивно, водата ќе си најде начин како да влезе внатре во полицата. Во сите модели во средината на „креветот“ има дупки за испуштање на водата.
Генерално за да се добие појасна слика за трите модели: Големината - должина од 200 – 230 сантиметри и ширина од 100 – 125 сантиметри. Тежина на полицата е од 6.7 – 7 килограми, а тежина на страничните ѕидови од 2.3 – 3.2 килограми. Цена: грубо овие полици чинат од 550-700 долари, а страничните ѕидови од 250-420долари (грубо – цените за различни пазари се различни па во Европа може да се најдат и поевтини, или пак на старо исто така).
Со оглед на тоа што како најдобар модел е избран Metolius Bomb Shelter ќе се задржиме само на него. Ова е најиздржлив модел во однос на изработката на материјалот и рамката. Димензии: должина 220 сантиметри и ширина 120 сантиметри. Тежина: полицата тежи 6.2 килограми, а торбата во која таа се пакува тежи 0.6 килограми (торбата е изработена од материјалот Дуратен кој е специјално изработен за влечење и триење по карпата). Во средината на полицата има дополнителна рамка која ја штити полицата (страничните рамки) од извиткување, а исто така во средишниот дел каде што алпинистите стојат при обезбедување и самиот материјал (960/1080 d Монтана Полиестер) е поставен „на дупло“ за поголема издржливост. Затегнувачите за нивелирање (гуртните) лесно работат и кога се оптеретени, а имаат и различни бои за полесно манипулирање. Покрај нив има и дополнителни гуртни со јамки за поставување на опремата. Колку сите овие материјали се издржливи воопшто не треба да се трошат зборови. Страничниот ѕид има тежина од 3.2 килограми и лесно се поставува и вади од полицата. Фабрички шевовите му се водоотпорни како и делот каде се прикопчува за полицата.
- прегледот е превземен од списанието Rock and Ice со дозвола од редакцијата |