Share

Marker и Voile дерези за ски и сплитборд везови

- 07.01.2016г., Игор Т.

Секој кој ужива во турно скијање или сплитбордање, сигурно барем еднаш во некоја од своите авантури имал ситуација кога дошол до лимитот на издржливост на крзната кои се ставаат на скиите или сплитбордот - кои на поекспониран или подмрзнат терен попуштиле т.е. пролизгале наназад/надоле. Генерално, со соодветна техника и движење и со соодветно нанесување на тежина врз скиите т.е. крзната за што подобар грип во снегот, се решаваат ситуациите на таков незгоден терен, но не секогаш.

Една од алатките кои треба да дадат поголема сигурност при движењето се дерезите, кои се наменски изработени за соодветни везови за скијање и сплитбордање. Нашата опрема за ваков начин на уживање во планините во снежни услови, се состои од скии на кои се монтирани Маркер Барон везови и сплитборд на кој е монтиран Воиле интерфејс. Маркер и Воиле имаат изработено соодветни дерези за овие везови, кои се монтираат многу лесно и едноставно.

Дерезите за Маркер везовите

Маркер изработува дерези за неколку различни широчини на скии, а во Outdoor.mk, каде што комплетирањето на турно и фрирајд ски опремата се прави со К2 скии и Маркер везови, достапни се 2 големини: за скии кои се со широчина под нога до 106мм и за скии кои се со широчина под нога до 120мм. Маркер инаку изработува и дерези за скии кои се со широчини до 84мм и до 74мм.
Дерезите исто така, достапни се за везови кои всушност и можат да служат за турно т.е. фру-турно скијање, а тоа се моделите од „Туринг серијата“, F12 и F10 и двата модели од „Кралската фамилија на везови“ - Дјук и Барон. Од минатата година официјално во ова друштво се приклучи и уште еден вез, Кингпин, но ниту везот, ниту дерези за него, сеуште овде не се достапни.

Дерезите монтирани на Маркер Барон 13 ЕПФ. Ова е модел од 2015/16 година (со бело/сива боја)

Во пакетчето кое е достапно во Outdoor.mk, дерезите доаѓаат подготвени за ЕПФ конструкцијата на споменатите Маркер везови (Ф10, Ф12, Дјук и Барон), но има и „адаптер“ кој може лесно да се смени и со кој дерезите стануваат компатибилни и со везовите од овие серии кои не се со таа ЕПФ конструкција. Дерезите се направени од алуминиум, конекторот со везовите е од пластика, а во „пакетчето“ има и торбичка за практично пакување и чување на дерезите и нивно носење во ранец.

Дерези за Воиле интерфејсот

Како што движењето со скии по незгоден терен, понекогаш може да биде незгодно, истото секако е случај и со движењето со сплитборд. Во Outdoor.mk комбинацијата се прави со сплитбордовите на К2 и Воиле интерфејсот. Од оваа година во продажниот центар достапни се и дерези кои се компатибилни со овој интерфејс.


Дерезите на Воиле монтирани на К2 везови на кои е поставен Воиле интерфејсот

Како и во претходниот случај со дерезите на Маркер, така и овие дерези се изработуваат од два материјали: самите дерези се направени од издржлив алуминиум, а конекторот е од пластика. Во пакетот со дерезите доаѓа и подолга игла со која дерезите се конектираат и осигуруваат за везот (бидејќи таа игла која доаѓа со интерфејсот не е доволно долга да ги прими и дерезите!), а исто така и торбичка за практично чување и носење во ранецот. Овие дерези можат да се монтираат фиксно на везот и да се подигнуваат со секое подигнување на ногата или пак можат да се фиксираат на сплибордот - што се одбира во зависност од експонираноста на теренот. Дерезите можат да се монтираат на сплитборд кој кога би се поделил и подготвил за движење, „половинките“ не би биле пошироки од 137мм, а тежината е околу 450 грама за пар.


Забелешка: ниту Маркер, ниту Воиле дерезите не се замена за алпинистички дерези со кои може да се качува и многу стрмен, па и вертикален терен. Ако турата би подразбирала и потреба од искачување на таков терен, тогаш треба да се направи и поинаков избор на опрема. Во секој случај, препорачувам при секоја турно тура да се носи секогаш и барем еден краток цепин, кој би служел како дополнителна алатка за безбедност при движење во стрмен и долг подмрзнат терен, каде што би се појавила и потреба од запирање на пролизгување по падината...

Препорачаната малопродажна цена во Европа на споменатите модели изнесува 3600 денари за дерезите на Маркер и 7350 денари за дерезите за Воиле интерфејсот. Опремата на К2, Маркер и Воиле во Македонија е достапна преку Outdoor.mk

Copyright © Alpinizam.org