Шлемови

-19.02.2013г., Игор Т.

На кратко за стандардите и тестовите
Секоја опрема која се користи за обезбедување, поминува низ соодветни тестови кои гарантираат дека таа навистина функционира. Во случајот со шлемовите, тестовите најмногу се сконцентрирани околу нивната апсорбција на ударот т.е. нивната способност да спречат врз вратот на алпинистот да дојде силен удар, а исто така и околу нивната отпорност од пробивање.

Првиот „очигледен“ тест е симулација на удар врз шлемот од горе. Во тој тест, на шлемот кој е поставен на симулација на глава (да, дрвен е овој модел :)), се пушта да падне заоблен предмет со маса од 5 килограми од висина од 2 метри. Шлемот кој успешно го поминал овој тест, значи дека успешно спречил врз вратот на човекот да помине поголема сила од 10kN - за CE стандардот т.е. 8kN - за UIAA стандардот.

Шлемовите треба да апсорбираат и странични удари. Поради тоа се изведуваат и сличи тестови во кои се изместува (навалува) симулацијата за 60 степени кон напред, кон назад и кон страна. Во овој случај врз шлемот се пушта да падне тап предмет со маса од 5 килограми од висина од 50 сантиметри. Исто како и во претходниот случај, шлемот кој успешно го поминал овој тест, значи дека успешно спречил врз вратот на човекот да помине поголема сила од 10kN - за CE стандардот т.е. 8kN - за UIAA стандардот.

Тестот за заштита од пробивање се изведува на следниот начин: на горната страна на шлемот се пушта да падне зашилен предмет со тежина од 3 килограми и од висина од 1 метар. Шлемот кој успешно го поминал овој тест, значи дека успешно спречил да дојде до контакт со врвот на предметот со главата.

Шлемовите за качување се дизјанирани за качување на карпа и мраз и служат да ве заштитат од одрони или пак и од удари при пад, но не и за други спортови како на пример велосипедизам и слично. И покрај овие тестови, некои повреди на главата не можат да се спречат ниту со било кој шлем и секогаш постои можност и некој најслаб удар да има многу сериозни последици.

Грижа за вашиот шлем

Како и за секој друг дел од опремата и шлемот бара посебен начин на негување и покрај неговата „цврстина“. Тоа значи ако има потреба да се исчисти, истото да се направи со млака вода и мек сапун, да се остави да се суши на провев, а не директно на сонце; да се внимава да не дојде во контакт со батериски киселини, разредувачи или бензин; да не се фарба со бои; да се чува во чиста и сува средина; да се внимава на него при транспортот да не дојде до нагмечување или во контакт со остри предмети; да се направи детална проверка ако преживеал силен удар итн итн... Секогаш секако треба да се контактира производителот, за дополнителни информации околу секакви прашања.

Како и секој друг дел од опремата, така и шлемовите имаат препорачан рок на траење и во зависно од производителот тој може да се движи од 5 до 8 години (ако шлемот се користи повремено и се негува многу внимателно) или пак од 2 до 5 години (ако шлемот се користи често и се негува внимателно).

Black Diamond
Шлемовите на оваа компанија се со двата сертификати: CE и UIAA.
Во 2013-та година, BD ги нуди следниве модели: Half Dome, Vector и Vapor.

Half Dome
Ова е најпопуларниот и најизржлив модел на шлем на оваа компанија, а сега е и редизајниран, со подобрен фит и олеснет за 40 грама. Одлична заштита за широк спектар на активности: од искачувања во чист стил до алпинистички експедиции. Од задната страна овој модел има специјално изработен адаптер за брзо, безбедно и прецизно подесување, а стегите за челна лампа се најбезбедните на пазарот.
Тежина: 310 грама за Ѕ/М големина (48-57см) и 340 грама за М/
L големина (55-61.5см)

Vector
Идеален модел за долги насоки и алпинистички искачувања: активности кај кои секоја заштеда во тежината на опремата е многу важна. Тој е многу лесен и комфорен и има поголеми отвори за вентилација кои овозможуваат добар проток на воздух, што е секогаш добредојдено за време на топлите денови. 
Тежина: 231 грам за Ѕ/М големина (53-59см) и 240 грама за 
M/L големина (58-63см). Vector доаѓа и во женска верзија – во една големина (53-59цм) со тежина од 230 грама.

Vapor
Ултра лесен модел со одлична вентилација и безбеден и супер комфорен фит, кој беше промовиран на минатогодишниот саем во Фридрихсхафен. Неговата „леснина“ ја постигнува благодарение на сокриените моменти во неговата структура, во која има инкорпорирано мрежа од карбон и кевлар материјали кои гарантираат дополнителна безбедност. Велат: шлем, за тие кои не сакаат да носат шлем. Овој шлем ќе го заборавите на вас...
Тежина: 186 грама за големина 
S/M (53-59см) и 199 грама за M/L големина (58-63см).

Grivel
Италијанскиот производител на опрема за алпинизам, кој своето постоење под италијанската страна на Монт Блан во градот Курмаер го брои од 1818-тата година, оваа година претставува 3 модели, од кои 2 се за алпинизам, а еден за ски-туринг (моделот Race). Ви ги претставувам двата модели за алпинизам:

Salamander
Препораката на Grivel е овој шлем да се користи за алпинизам: за качување на карпа и мраз. Надворешниот ABS дел заштитува од пенетрација, а внатрешниот дел го апсорбира ударот. Како модел доаѓа во три големини: „мала големина“ (50-58см) која тежи 315 грама, „нормална големина“ (54-62см) која тежи 385 грама и XL големина (58-66см) за која уште велат и дека е добар избор за експедиции кога треба да се носи потопла, а со тоа веројатно и подебела) капа под шлемот. Се произведува во повеќе бои: жолта, црна, бела, црвена, сива...

Air Tech
Овој модел е полесен и со подобар систем за вентилација, во кој отворите во горниот дел се заштитени со метална мрежа која дополнително треба да заштити од пенетрација на остри објекти. Гривел посебно токму системот за вентилација и го истакнува кај овој модел: „свежиот воздух влегува преку влезниот отвор во предниот дел, поминува низ вентилационите канали апсорбирајќи ја влагата и топлината и излегува од излезниот отвор во задниот дел на шлемот.“ Тежината на овој шлем е 264 грама, а доаѓа во една големина: 54-62см. Се произведува само во жолта боја.

Како за крај...
Според мене можеби и воопшто не е важно тоа кој е производител на шлемот, иако јас лично често се фаќам како го правам токму тоа: поддржувам (купувам) производи од компании поради нивната историја и „животна“ приказна. Тоа што е најважно е сепак шлемот да ги има поминато соодветните тестови, да ги има добиено соодветните сертификати и да има фит кој ви одговара само на вас и не е важно на кој друг од фотографиите или видеата.

Copyright © Alpinizam.org