Teндон
-05.02.2012г., Игор Т.
Претставување на дел од програмата на еден од врвните брендови на јажиња.
Динамички јажиња
Тендон својата богата палета на динамички јажиња ја има поделено во три групи: Master, Ambition и Trust.
Master
Врвна класа во нивната колекција. Тоа се екстремно лесни јажиња со мал дијаметар и мала тежина, наменети за секојдневна употреба за качување на вештачки ѕидови за качување, за најтешки спортски искачувања и за екстремни искачувања во планините. Во нивното производство се користат последните технологии и целото искуство на тимот за развој на производи во оваа компанија во овој сегмент. За импрегнација на надворешниот слој на јажето и неговата внатрешна структура се користи TEFLON® благодарение на револуционерната нанотехнолохија, а неколку одбрани модели се со СБС начин на плетење. Оваа класа е за екстремни качувачи кои се со префинети побарувања.
Единечните јажиња во оваа класа се со дијаметри од 8.9мм, 9.2мм, 9.4мм и 9.7мм, а двојните (кај нас популарно нарекувани „биколор“) од 7.8мм, 8.5мм и 8.9мм. Тежините на јажињата во различни дијаметри се движи од 52гр/м (грама на метар) до 61гр/м кај единечните јажиња и од 38 гр/м до 52 гр/м кај двојните јажиња. Другите параметри можете да ги погледнете во табелата десно.
Ambition
Во оваа класа се нивните најпопуларни јажиња. Сите имаат одлични технички параметри, лесни се за ракување и нивните предиспозиции ги прават посебно наменети за често користење на карпа и во планинска средина. И кај нив се користи TEFLON® и со тоа и тие се одлично импрегнирани јажиња. Применетата СБС и „биколор“ конструкција (објаснување видете подолу) на надворешниот слој на јажето, ја зголемуваат неговата употребливост и функционалност. Оваа класа на јажиња од компанијата велат дека е наменета за сите качувачи кои сакаат постојано да се подобруваат и кои сакаат да уживаат во качувањето.
Единечните јажиња во оваа класа се со дијаметри од 9.8мм, 10мм, 10.2мм и 10.5мм, а двојните од 7.9мм, 8.5мм и 9.1мм. Тежините на јажињата во различни дијаметри се движи од 64гр/м до 68гр/м кај единечните јажиња и од 40 гр/м до 52 гр/м кај двојните јажиња. Другите параметри можете да ги погледнете во табелата десно.
Trust
Во оваа класа се најиздржливите јажиња од овој бренд. Нивната неверојатна издржливост, овозможениот подолг период на користење и повисок број на падови се карактеристики кои ги прават идеални јажиња за качувачки центри, качувачки училишта и за специјални качувачки и спасителни тренинзи. И кај нив како и во претходните две класи се користи TEFLON® за импрегнација на надворешниот слој и внатрешната структура на јажето. Овде има само единечни јажиња и тоа со дијаметар од 11мм и 11.4мм, кои се со соодветна тежина од 78 гр/м и 83гр/м.
Јажиња за качување во сали
Тендон произведува посебни јажиња, со посебен начин на изработка и специфични параметри, наменети за качување во сали, на вештачки ѕидови за качување и за „топ роуп“ обезбедување. Овде има само 2 единечни јажиња и тоа и двете со дијаметар од 10.4мм, но со различна конструкција. Моделите се наречени Indoor и HardRope и нивните карактеристики, како и тие на јажињата од класата Trust можете да ги погледнете во табелата долу:
Животен век на динамичките јажиња
Ако корисникот ги следи сите наведени инструкции за безбедно користење на динамичките јажиња, од Тендон го препорачуваат следниот животен век на своите динамички јажиња во однос на тоа колку тие биле употребувани:
*Интензивно (секојдневно за спортски искачувања, користење од страна на водичи, на вештачки ѕидови...) – помалку од една година
*Регуларно (за викенди во текот на целата година) – една до две години
*Регуларно (за викенди во текот на една сезона од годината) – две до три години
*Повремено (рекреативно, еднаш месечно) – три до пет години
*Многу ретко – пет до седум години
*Ако јажето никогаш не било користено, не се препорачува да се чува повеќе од 10 години.
За „топ роуп“ обезбедување, како што беше и погоре споменато, од Тендон препорачуваат да се користат нивните јажиња кои се специјално произведени за таа намена и кои со тоа имаат поголем животен век.
Секако, по долг и тежок пад, производителот забранува користење на тоа јаже и истото мора да биде повлечено од употреба.
На своите корисници Тендон им овозможува начин како да проверат кога било произведено нивното јаже. Под надворешниот слој има маркер кој со својата боја ја означува годината на производство и тоа ако јажето е произведено во 2012 година тој е црвен и син, за 2011-та тој е црн и жолт, за 2010-та зелен и жолт, 2009-та син и жолт, 2008-ма црвен и жолт, 2007-ма црн, 2006-та жолт, 2005-та син, 2004-та зелен, 2003-та црвен и црн, 2002-ра црвен и зелен итн...
Објаснување на пиктограмите
Ова се дел од пиктограмите кои ги користи Тендон:
Единечно јаже: може да се користи само едно јаже за искачување и обезбедување. Ова е најосновниот и најчесто употребуваниот начин на користење на јаже при качување.
Половинки: при качувањето се користат две јажиња при што едното јаже може да се прикопчува во точките за обезбедување од едната, а другото во точките од другата страна во замислената права линија на качување.
Близнаци: при качувањето се користат две јажиња при што и двете треба да се прикопчуваат во една точка за обезбедување, исто како да се качува со единечно јаже.
Стандард: подобрен основен финиш при производството на динамичките јажиња. Новиот технолошки процес овозможува апликација на импрегнација во раните фази на стандардниот финиш на јажињата.
Заштита на надворешниот слој: Како дополнување на стандардниот финиш, со цел да се направи заштита од абразија и вода, надворешниот слој на јажето се третира со „нанотехнологија“ и на него му се нанесуваат многу мали честички TEFLON® Eco, кои многу ефективно ја заштитуваат внатрешната структура на јажето од навлегување на вода, прашина и други честички во неа.
Целосна заштита: Максимално ниво на заштита на јажето со висока отпорност на вода и триење. Со претходно споменатиот метод сега се аплицираат TEFLON® Eco честички не само на надворешниот слој на јажето, туку и на внатрешната структура и со тоа се создава скоро непробоен слој на заштита и со тоа се зголемува животниот век на јажето.
SBS - "Simple Braiding System": Овој систем (начин) на плетење на надоврешниот слој на јажето, му овозможува подобри особини на јажето. Секое влакно во надворешниот слој се води посебно, а не во пар како што тоа се прави вообичаено. Јажето со тоа е поотпорно, но и помазно за ракување.
Компакт: Тендон има своја специјална технологија која се користи при сечење на јажето и формирањето на должините. На секој крај од јажето, во должина од 15мм се создава една силна единка помеѓу надворешниот слој и внатрешната структура на јажето.
Средина на јажето: На половина од должината на јажето се става јасно видлива маркација во боја, која нема никакво влијание врз структурата на јажето и неговите механички својства.
Биколор: Средината на јажето се означува со нов и лесно забалежлив мотив (начин) во плетењето на надоврешниот слој на јажето.
CE - симбол за усогласеност: CE симболот е декларација дека производот е усогласен со соодветни регулативи и дека ги поминал сите соодветни процеси на тестирање.
УИАА: Производите кои се означени со овој симбол значи дека одговараат на барањата на УИАА.
|