Share

Зошто Teндон?

-11.03.2012г., Игор Т.

Веќе беше најавено дека Outdoor.mk во Македонија на сите вљубеници во вертикалите ќе им понуди јажиња за качување од брендот Tendon. Во изминатиот период имав можност да користам три јажиња од нивната програма, за кои дополнително ќе пишувам, а сега само на кратко за уникатноста на брендот.

Зошто Тендон?

Сите јажиња не се произведуваат на ист начин. Иако сите јажиња кои се користат во качувањето се сертифицирани според CE и UIAA стандардите, сепак може да постои забележлива разлика во нивната истрајност (животниот век) и во ракувањето. Зголемената издржливост и „мазното“ чувство при ракувањето на јажињата на Тендон се резултат на внимателно инженерство и производство.

Јажињата од овој бренд се дизајнирани да одговорат на потребите на качувачите во широк спектар на услови и во различни планински средини – и секогаш ракувањето да биде лесно, како низ опремата за качување, така и преку остри рабови во релјефот. Ракувањето со влакната, третманите за водоотпорност и посебниот начин на плетењето при производството на јажињата, се многу важни во постигнувањето на најдобрите резултати и сооднос помеѓу тежината и работниот ефект на производот.

Издржливост

Тендон многу внимава во процесирањето и плетењето на влакната на јажето. Клучен елемент во подобрувањето на издржливоста е третманот со кој се добива водоотпорност на јажето. Тендон е единствен производител во светот кој е лиценциран да користи TEFLON®EVO во заштитата на јажињата со што го елиминира навлегувањето на водата и разни нечистотии во структурата на јажето и со тоа ги заштитува влакната на јажето од абразија и нивно прекршување. За секое јаже Тендон овозможува три нивоа:

-„Стандардното“ јаже не е третирано со заштита ниту за време на процесот на плетење, ниту потоа. Овие јажиња се поевтини и се наменети за лесни викенд искачувања и за искачувања на ѕидови за качување во сала или надворешни услови.

-Јажиња кои имаат „Protect Shield“ се јажиња на кои им е нанесен слој на Teflon® откако тие се исплетени. На нив користејќи нанотехнологија и посебни топлински третмани, им се нанесува слој на заштита при што на површината на јажето се нанесуваат многу ситни честички на Teflon.

-Јажиња кои имаат „Complete Shield“ се јажиња кај кои Teflon е нанесен и во јадрото и во надворешниот слој на јажето. Пред да почне плетењето на јадрото (внатрешната структура) на јажето, на влакната им се нанесува Teflon со посебната нанотехологија и топлински третмани. Откако влакната ќе се исплетат во јадро, потоа се плете и надворешниот слој на јажето, на кој исто така му се нанесува Teflon. На тој начин секој дел од јажето е супериорно заштитен и отпорен од навлегување на вода и други нечистотии. Овој третман на заштита на јажињата на Тендон во голема мера го продолжува нивниот животен век.

Со оваа заштита на јажињата на Тендон се добиваат неколку важни придобивки:
-Се минимизира навлегувањето на водата, а со тоа за одржува дизајнираната сила на јажето. Сите јажиња кои се користат во планинска средина или на разни места каде постои можност да дојдат во допир со влага, треба да имаат заштитен слој.

-Тефлонот е и како подмачкувач. Тој овозможува влакната на јажето многу полесно да поминуваат низ опремата и преку други препреки. Тоа ја намалува абразијата на јажето и го одржува неговиот животен век, независно во која средина тоа се користи.

-Специјалниот заштитен слој кој се користи во Тендон јажињата, го штити јажето од навлегување на разни нечистотии во неговата структура. Исто така Тендон јажињата благодарение на овој слој, можат да бидат и чистени без значително да им се намали нивната водоотпорност.

-При процесот на нанесување на Тефлон, како што беше погоре споменато, се користи и посебен топлински третман кој исто така му овозможува и „мекост“ на јажето, а со тоа и подобро ракување при обезбедувањето и врзувањето на чворови.

Плетењето
Начинот на кој се плете надворешниот слој на јажето, исто така има голем ефект во неговата издржливост. Вообичаено, плетката на надворешниот слој кај јажињата е изведена на тој начин што влакната се плетат во пар, а со тоа се зголемува нивниот контакт со површината преку која поминуваат. Ова е конфигурација која е многу силна и која се користи кај повеќето јажиња и кај Тендон. Сепак, кај некои јажиња, како на пример Master 9.4, Master 9.7 и Ambition 10.0, плетката на јажињата е таква да овозможува намалување на триењето. Таа се изведува на таков начин да секое влакно се плете посебно и со тоа се намалува триењето и износувањето на јажето. Влакната во оваа плетка се поотпорни на кинење и поминуваат „помазно“ низ опремата и даваат одлично чувство при ракувањето.

Copyright © Alpinizam.org