Share

Oпремко

Редовно во секој нов број на списанието Rock and Ice има рубрика т.н. Gear Guy. Тоа е рубрика во која човекот со псевдоним - "Gear Guy", кој ние си го нарековме „Опремко“, одговара на прашања поврзани со опремата: начин на користење, безбедност, совети... Дел од нив, со посебна дозвола од редакцијата на ова списание, ви ги презентираме и на нашиот сајт и ќе се трудиме почесто да ставаме нови...
Мраз, снег...

Прашање: Полесно е да се стави тубуларец (клин за мраз кој се навртува во мразот) во постоечка дупка отколку да се навртува нова, но дали со тоа се намалува силата на издржливост на таа точка?

Одговор: И јас понекогаш користам веќе постоечки дупки. Мислам дека ако при навртувањето на тубуларецот се чувствува отпор во целата негова должина, не постои голема разлика од тогаш кога би се поставувал во нова. Сепак, понекогаш постоечката дупка може да се има истопено и може да биде поголема во дијаметар од вашиот тубуларец или вашиот тубуларец да има помал дијаметар од тој кој претходно бил поставен во дупката. Во такви случаи сигурно не е безбедно, бидејќи тубуларците зависат од загризувањето во мразот, што секако во дупка со поголем дијаметар тоа е минимизирано.
Покрај топењето на мразот, земете го во предвид и местото каде е поставена дупката т.е. квалитетот на мразот. Можеби качувачот пред вас го поставил тубуларецот во мраз со лош квалитет. Во таков случај дури и ако навртувањето на тубуларецот оди со отпор – може при пад да откаже мразот.
Можеби постои предност во искористување на постоечки дупки, но како што напредува дизајнирањето на опремата така тоа станува сé помалку релевантно. Го тестирав поставувањето на тубуларецот Express од фирмата Black Diamond – во стара и во нова дупка. Најголемата врменска разлика беше само 5 секунди – побрзо поставување во постоечка дупка. Тоа е во основа времето потребно да се започне нова дупка бидејќи кога ќе почне самото навртување – нема разлика дали дупката била стара или правите ново поставување. Брзината и силата беа исти. Споредете ги тие пет секунди со вечноста и изборот е веднаш јасен!

Прашање: Оваа сезона ќе ми биде прва како ќе водам на мраз и не знам од која должина да одберам од тубуларните клинови. Имам пари да си купам само осум тубуларци. Дали да земам долги или кратки или нешто во средина?

Одговор: Тубуларните клинови за мраз доаѓаат во пет должини – од 10 до 22 сантиметри. Должините кои ќе ти бидат потребни зависат од дебелината на мразот и неговиот квалитет. Секогаш ушката на тубусот треба да лежи на мразот. Ако поставиш подолг тубуларец од дебелината на мразот, тогаш ќе треба да ја скратиш должината користејќи гуртна. Со тоа покрај дополнителната работа, таа точка станува послаба – гуртната може да се скине или извади од клинот, пред тој да попушти. Во обратен случај, ако ставиш краток тубуларец во дебел мраз, навоите на клинот нема да допрат до доволно цврстиот мраз во подлабоките слоеви – што е лошо!
Постои погрешно разбирање дека долгите тубуларци се секогаш посилни од кратките. Всушност долг тубус во лош мраз е послав од краток тубус во солиден мраз. Овие клинови зависат од навоите кои го зафаќаат мразот. Освен ако долгите тубуларни клинови имаат повеќе навои (некои имаат, но некои не) – тогаш не значи дека тие се посилни од кратките клинови.
Ако ова ти е јасно, сé уште не брзај со одлуките: Сум ставал долги клинови во мраз кој во длабочината имал делови со воздух и тие со тоа станувале скоро бескорисни. Во таква ситуација подобар би бил краток клин чии навои би зафатиле само добар мраз. Општо земено сепак, мразот на површината не е толку цврст како мразот во внатрешноста и потребно е да се имаат подолги клинови.
За почетници, кратки клинови не се добри, бидејќи тие нема да дојдат до добриот мраз, а за долгите клинови пак од 20-22 сантиметри потребна е „работа“. Ако јас можам да си купам само 8 клинови мој избор би бил ваков: еден од 13, три од 16, два од 19 и еден клин од 22 сантиметри. Со тоа би имал добра средина, еден екстра долг клин за лош мраз и еден краток клин за тенок мраз.

Плочки, осмици...

Прашање: Дали алатката за абзелување (плочка, осмица...) може да се загрее до таков степен за да го стопи јажето?
Одговор: Да. Типот на најлон кој најчесто се користи за изработка на јажињата се топи при температура од 215 степени Целзиусови. Досега никој не направил тест за да види колку може да се загрее алатката за абзелување, но се има случено да се достигне таа температура и при тоа кошулицата на јажето се има стопено. „Имам видено јажиња кои биле толку лошо изгорени при брзо абзелување што боите на кошулицата на јажето се имаа измешано“, вели Скот Њуел од фирмата Blue Water Ropes.
За да се избегне вакво нешто, абзелувајте бавно и проверувајте ја алатката за абзелување со слободната рака (со таа со која не кочите). Њуел вели дека ако алатката е толку загреана „да не сакате да ја допрете со јазик“- тогаш таа е премногу загреана. За поголемите алатки е потребно подолго време да се загреат, а исто така и побрзо се ладат. Ако абзелувате во континуитет неколку должини (големи насоки), може да абзелувате со „карабинерска кочница“ и на сидриште да ги смените карабинерите кои сте ги користеле до тој момент - со други.

Јажиња
Прашање: Го разбирам начинот на работа со јажињата, но ме збунува нешто околу биколорите. Разбирам дека може да се прикопчуваат посебно во разни точки и слично, но еве што не разбирам: Ако во една насока има подолга пречка и ако со цел да не се прави триење во неколку точки се прикопчува само едно од биколорите... При пад нели целата сила би била само на тоа јаже и нели тогаш тој биколор би бил оптоварен како единечно јаже? Што тогаш?
Одговор: Секогаш сум се прашувал истото и сега имам совршена шанса да те употребам како заморче за да го добијам одговорот. Според Џим Јуинг од компанијата Стерлинг, стариот стандард за едно биколор јаже да добие УИАА сертификат било тоа да издржи тест со тег од 80 килограми. Ако издржело еден пад – поминувало. Подоцна било утврдено дека тој тест не е адекватен и дека се потребни повеќе мерења и поради тоа го смениле тестот – тег со 55 килограми да издржи 5 пада. Тоа би било исто како еден пад на 80 килограми... Во основа – биколорот е единечно јаже кое може да издржи еден пад. Сепак не верувајте дека биколорот може да го употребувате како единечно јаже и ако се доживее таков еден тежок пад – пензионирајте го!
Јуинг додаде и друга забелешка: при пад во случај на поминување на некоја пречка во основа се создава слаб фактор на пад. Ако се прикопча првата точка – пред пречката само ќе дојде до занишување. Ќе има доволно јаже во однос на падот и тоа ќе биде мал фактор на пад. Сепак секоја ситуација е различна и потребно е искуство сé да биде „мазно“ и безбедно. Секогаш внимавајте на остри рабови кога поминувате пречки бидејќи во таков случај при пад и занишување има поголема веројатност јажето да се пресече – отколку при вертикални падови без занишување...

Прашање: Дали переното јаже ќе биде побезбедно?
Одговор: Не. Исто како што вашиот автомобил нема да биде побезбеден ако го измиете, така и вашето јаже не мора да значи дека ќе биде побезбедно. Не постои доказ дека валканите јажиња се послаби од чистите јажиња, но ситните честици наталожени на јажето и во него, ќе делуваат абразивно и ќе го амортизираат побрзо. Овие честици може да им наштетат и на карабинерите, плочките, осмиците – понекогаш и многу сериозно.
Најдобро е јажето да се чува чисто во континуитет, на пример да го положувате на ранецот или на некоја друга подлога наместо директно на земја. Сепак ако тоа се извалка ќе треба да го измиете, но со големо внимание. Овој метод е најбезбеден и наједноставен: наполенете ја кадата со млака вода и ставете го јажето во неа. Потоа додадете многу мек сапун (има и специјални детергенти за оваа намена изработени од фирмите кои ги прават јажињата). Никако не користете обичен детергент или некоја силна хемикалија!! Поминувајте го јажето низ рака во кадата и по потреба сменета ја водата. Потоа ставете го јажето на пешкир и оставете го да се суши неколку дена – но да не биде изложено на сонце! Не се препорачува јажето да се мие во машина за перење. Прво таму може да има остатоци на силни хемикалии, а исто така таму тоа е многу изложено на триење и усукување...

Прашање: Дали има поента да се инвестира во јаже кое е направено да е отпорно на влага, ако не качувам на мраз? Кога го купував моето ново јаже продавачот ми рече дека нема потреба да трошам пари на такво нешто ако качувам само на карпа.
Одговор: Процесот со кој се третира јажето за да тоа биде отпорно на влага е процес кој исто така дополнително го намалува триењето при движењето на јажето, а со тоа го намалува и неговото искористување. Тој процес кој овозможува јажето да ја држи влагата надвор од себе, дополнително помага јажето да е отпорно и на прашина и други прљавштини со што се продолжува неговиот век на траење. Исто така последните испитувања покажуваат дека тој третман на јажето му овозможува да е отпорно дури и на некои штетни хемикалии.
Јаже кое не е ставено под таков третман може да е поевтино и полесно за ракување затоа што тоа не е толку лизгаво, но исто така ракувањето со такво јаже може да е покруто. Денес компаниите изработуваат посебни производи кои може да се нанесат на обичните јажиња, но и на постари и користени јажиња, кои им овозможуваат да имаат слична заштита како тие јажиња кои од производителите се третирани со специјален процес.

Карабинери
Прашање: Дали алуминиумот се истрошува со тек на време? Најдов некои стари карабинери кои со децении никогаш не биле користени, но се плашам да ги користам бидејќи – се многу стари. Дали се безбедни?
Одговор: Алуминиумот не се истрошува. Сепак постои голема разлика помеѓу стар и некористен карабинер и карабинер кој бил многу користен. Некористениот карабинер, независно колку е стар, е подеднакво добар како нов. Користениот карабинер може да биде со помала сила. Тоа го прави јажето од многу триење со него, постојаното истегнување од силни удари и тегнења, гребнатинки од карпа и од друга опрема, непрецизни удари од кладиво... Ако твоите карабинери се во добра состојба – би требало да се во ред за користење. Во 1980-тите години некои карабинери беа лошо произведени и се формираа мали фрактури во делот на поврзувањето на вратичката. Внимателно разгледај ги од надвор пред да ги употребуваш. Денешната технологија во изработка на карабинери ги направи тие да бидат многу посилни и полесни од тие од времето на Тито. Мој предлог е да ги продадеш тие антиквитети, а со парите да си ја надградиш опремата.

Прашање: Дали е опасно да се прикопчува еден карабинер на друг?
Одговор: Прикопчување на два карабинери еден на друг е како да се игра руски рулет со двоцевка. Кога два карабинери се прикопчани на таков начин тие се извртуваат и може лесно да се откачат-откопчаат. Исто така при тоа извртување тие може да застанат во позиција кога целиот терет ќе биде ставен на вратичките. Секогаш употребувај кратка или долга гуртна за поврзување. Таа ќе го превземе најголемиот дел од извртувањето и ќе ги држи карабинерите во добра позиција

Прашање: Дали е добра идеа да ставам втора точка на обезбедување при „топ-роуп“ дури и кога има поставен карабинер со матица?
Одговор: Никогаш немој да останеш да зависиш од една точка бидејќи секоја грешка ќе значи пад на земја. Златно правило е секогаш да се ставаат две точки. Стави два чока или френда на критичните детали во насоката, стави две гуртни при абзелување, два експанзиони клинови на сидриште... Има многу мала веројатност карабинер со матица да се отвори (евентуално ако физички не се оптерети премногу на точка за обезбедување како што е и „топ-роуопот“), но сепак секогаш ставај две точки – потребно е само секунда повеќе работа за да останеш повеќе години на планетава...

Гуртни

Прашање: Дали шиените гуртни се посилни од плетените?
Одговор: Плетените гуртни можеби изгледаат посилни поради чворот, но токму тој чвор е најслабото место каде се концентрираат силите на ударот. Обично тие чворови ја намалуваат издржливоста на гуртната за 20-30 проценти – иако нема сепак сигурни докази за ова. Од друга страна шиените гуртни се посилни во спојот – шиењето е изведено на таков посебен начин.
Во секој случај во нормални услови ниту едните ниту другите гуртни не може да попуштат. Скоро имаше случај кога една 8мм широка шиена гуртна се скина под статичко оптоварување на просечна тежина на човек. Додека жирито сé уште одредува каде бил проблемот – треба да напоменеме дека таа гуртна беше наврзана со единечен прусиков чвор на друга гуртна. Комбинацијата на супер тенка гуртна и тој чвор (кој веројатно е најслабиот од сите поради тоа што како што се затегнува гуртната таа се засекува самата со краевите) и статичкото оптоварување ја надминале нејзината издржливост. Лекција за ова: избегнувајте го овој чвор за наврзување на 2 гуртни и користете карабинер за таа цел.

На истата тема: Чворовите се најслабите точки кај гуртните – тука се концентрира силата на оптеретувањето. Шиените гуртни се посилни бидејќи шиењето ја распределува силата подеднакво на целата должина на гуртната. Во повеќето случаи самата гуртна е послаба од местото каде е изведено шиењето. Секако ако тоа е изведено правилно – затоа немојте сами да шиете гуртни!!!

И покрај тоа што плетените гуртни се послаби од шиените, тие се далеку од слаби. Тестовите направени во фирмата Blue Water Ropes покажуваат дека плетените гуртни се кинат при оптеретување од 3370кг, а шиените при 3670кг. (Силата на гуртните зависи од нивниот тип и дијаметар). Значи наместо да не спиете оптоварени поради помалата сила на чворовите – гледајте тие да бидат добро врзани! Гуртните се лизгави и чворовите со тек на време се ослободуваат па поради тоа проверувајте го чворовите и секогаш оставајте 5-6 сантиметри да има слободен крај после чворот на двата краја на гуртната. Откако ќе го врзете чворот оптегнете ја гуртната за подобро да се затегне и секогаш проверувајте го чворот пред секое качување. Ако го навлажните чворот тој уште подобро ќе се прицврсти – но ќе биде многу тешко потоа да се одврзе по потреба.

 
Copyright © Alpinizam.org