Нови насоки на Броад Пик и Гашербрум 1
- Искачувањата на Валери Бабанов и Виктор Афанасиев -
Во период од само неколку дена - нови насоки во алпинистички стил на две планини повисоки од 8000м - Броад Пик (8047м) и Гашербрум 1 (8068м).
Искачувањето на Броад Пик се одвивало во период од 9 дена, од 9-ти до 17-ти Јули. Насоката е висока 3000 метри и е со тежини VI, WI5, M6 достигнувајќи и чиста вертикала (90 степени).
На 23-ти Јули двајцата се веќе во базниот камп на Гашербрум 1. Искачувањето започнало на 29-ти Јули, а веќе на 2-ри Август тие испратиле СМС порака со следнава содржина: „Први Август. На врвот на Гашербрум 1 се искачивме во 3 часот попладнето по нова насока во алпинистички стил.“
Искачувањето е направено преку Југозападната страна. На 4-ти Август тие се симнале во базниот камп и Бабанов се јавил кај својата сопруга Олга известувајќи ја подетално за ова искачување:
„Добри сме. Само што се спуштивме во базниот камп. За малку немаше да успееме бидејќи Виктор беше погоден од камен во глава... Ноќта помеѓу 30-ти и 31-ви Јули камен го дупна шаторот и го погоди Виктор додека спиевме. Остатокот од вечерта го поминавме обидувајќи се да го запреме крварењето, ги ставивме шлемовите на глава и чекавме да се раздени. Помисливме дека е готово со качувањето. Но не можевме да се симнеме по истиот пат по кој се качивме бидејќи беше премногу опасно. Решивме да се искачиме до гребенот, а потоа да се симнеме. Сепак кога стигнавме кај гребенот, Виктор рече дека има сила да продолжи и се искачивме.“
Според известувањето, после една недела одмор, тие веројатно ќе се обидат да се искачат и на Гашербрум 2 - без детали за плановите во овој момент... |