Валтер Бонати
-03.10.2011г., Игор Т.
На 13-ти септември во Рим, на 81-годишна возраст почина големиот италијански алпинист Валтер Бонати.
Имав среќа да почнам да учам алпинизам во време кога една од лектирите беше неговата книга „Планините на мојот живот“. Навистина ми е тешко да изберам зборови со кои би го опишал значењето на овој човек и неговите зборови и дела и патот кој ми го покажал со нив. Тоа што единствено можам да направам е да му искажам благодарност, можеби премногу скромна (преку овој текст со кој на кратко ќе се потсетам на дел од неговите позначајни искачувања), но многу искрена...
Бонати е роден на 22-ри јуни 1930 година и почнува да качува на 18 годишна возраст. Првото вистинско качување, како што тој вели со „вистинско јаже“ (бидејќи претходно со пријателите се наврзувал на јаже за пружање алишта имитирајќи ги алпинистите кои ги гледале во височините) го направил на врвот Кампанилето во 1948 година. По ова искачување во само една година од неговиот почеток во алпинизмот, тој влегува во најзвучните карпи во Доломитите, Бадиле, Гранд Жораз (на 19-годишна возраст го прави четвртото искачување на северната страна на оваа планина)...
По овие силни повторувања, тој почнува да планира искачувања на до тогаш неискачени карпи: „Секогаш сум сонувал да стигнам до некој врв само по свој сопствен пат – направен од мојата логика, макар и во друштво на пријател наврзан на моето јаже...“ Првата таква цел му е источната страна на Гранд Капусен. Таму тој најпрво прави обид во јули 1950-тата година, качувајќи заедно со Лучано Гиго, но по четири дена качување, зафатени од снежно невреме, тие се повлекуваат. Една година подоцна (1951г.), во истиот период од годината и со истиот партнер, Бонати го прави првото искачување на оваа карпа...
Во средината на септември 1952-рата година Бонати започнува да работи на реализирање на својата цел – искачување на северните страни на Кулите на Лаваредо во зимски услови. Заедно со својот партнер Оскар Бучарели искачуваат 80-тина метри од насоката на Комичи и Димаи на Големата кула, но поради недоволна подготвеност на Оскар, тие се повлекуваат. На 22-ри февруари 1953 година Бонати се враќа под кулите заедно со нов партнер, член на групата „Пајаците од Леко“, Карло Маури. Нивна цел овој пат е северната страна на Западната кула. Два дена подоцна, качувајќи на температура и до -24 степени, во 12:30 часот тие се на врвот силно извикувајќи од радост.
По три дена од ова фантастично искачување (на 27-ми февруари), тие влегуваат и во северната страна на Големата кула. На врвот стигнуваат истиот ден, во 17 часот, симнувајќи се до планинскиот дом во текот на ноќта по замрзнатата нормална насока...
Следната година се случува К2. Експедицијата е многу важна не само за италијанскиот алпинизам, туку за цела Италија како држава, која во целиот овој тежок економски пост воен период, влегува со голема волја и потреба за докажување. Во тој период кога буквално се води битка по секаков начин да се биде прв на врвот на највисоките планини, италијанската експедиција во 1954-та година успева да се искачи на К2 (8611м). Тогаш до врвот, на 31-ви јули, стигнуваат Лино Лачедели и Акиле Компањони.
Бонати е најмлад член во експедицијата (на 24-годишна возраст) и одигрува многу важна улога. Заедно со Хунзата Амир Махди тие се задолжени да им однесат боци со кислород на Лино и Акиле до деветиот висински камп за нивното искачување до врвот. Лино и Акиле го поставиле овој највисок камп на повисока точка од претходно договореното место и тоа ги принудува Бонати и Махди кои не знаеле каде точно сега се наоѓа овој камп, да бивакуваат на отворено. Тешко е во краток текст да се објасни тоа што го преживуваат двајцата ноќта на 30-ти јули. Махди за жал се здобива со сериозни смрзнатини, а за среќа Бонати поминува добро. Следниот ден тие двајца се симнуваат до претпоследниот камп и Бонати вели во моментот кога виделе дека Лино и Акиле стигнуваат до врвот, тоа е единствен момент кога можел сé да тргне на страна и да се радува на успехот. Но гледајќи во целост на експедицијата и на настаните потоа тој вели: „Такви настани оставаат неизлечиви траги во душата на едно момче и длабоко го вознемируваат неговиот сé уште неоформен душевен свет...“
Многумина велат дека токму тоа многу лошо искуство кое Бонати го доживува во текот на експедицијата на К2, го прават уште повеќе да размислува за силни соло искачувања. Дали тоа навистина е единствената вистинска причина или не, сепак таквиот пристап кон алпинизмот тој го покажува веќе следната година. Во 1955 година се случува искачувањето на Дру. Шестдневно соло искачување кое тој го доживува и опишува многу емотивно: „Јас и планината станавме едно и тоа беше многу уникатно. За прв пат почувствував дека мојата победа над југозападниот раб на Дру е неизбежна и дека сум ја преминал непроодната бариера која ме одвојува од мојата душа и во тој момент во исто време имав силна потреба и да плачам и да пеам. Почувствував дека сум го расекол внатрешниот јазол и сум ја надминал таа траума од К2. Емоцијата од тој незаборавен момент ми ги исполни очите со солзи...“
Во 1958-мата година се случува втората италијанска експедиција во Пакистан. Целта е неискачениот Гашербрум 4 – седумнаесеттиот највисок врв во светот. Експедицијата е водена од големиот Рикардо Касин, а на врвот преку северо-источниот гребен прв пат стапнуваат Валтер Бонати и Карло Маури, на 6-ти август.
Во годините потоа во спомените на Бонати најмногу впечаток му оставаат неговите искачувања во Алпите. Во јули 1959-та година заедно со Андреа Оџиони го прават првото искачување на Црвениот столб на Брујар како насока преку која се искачуваат на Монт Блан. Во јули 1961-вата година Бонати е учесник во обидот за прво искачување на Централниот столб на Френе на Монт Блан во кое сосема случајно кон иста цел и во ист ден тргнуваат тој, Андреа Оџиони и Роберто Галиани и француските алпинисти Пјер Мазо, Пјер Колман, Робер Гијом и Антоан Виеј. Иако групата распоредена во три наврски за само ден и половина стигнува на само 80-тина метри од врвот на столбот, во тој момент тие се зафатени од силно невреме и остануваат заробени на карпата 60 часа.
Откако виделе дека невремето не се стишува, решаваат да почнат со симнување. Неверојатната човечка драма која се случува тешко е детално да се опише. Тоа е една од најголемите алпинистички трагедии во која на крајот остануваат само двајца преживеани: Бонати и Мазо, а останатите алпинисти починуваат од премореност во различни етапи при симнувањето (преку 50 абзели по сеќавањето на Бонати)...
Во јуни 1962-та година, Бонати заедно со Козимо Ѕапели се искачуваат по северо-источната страна на Гранд Пилие Д’Англ, а следната година започнува со следење на (како што тој вели) „природната еволуција во алпинизмот“: северните страни на „планините кои се симболи на убавината, техничката тежина и историјата на искачувањата во Алпите“, Ајгер, Гранд Жораз и Матерхорн - во зимски услови!
Започнува со Жораз. Во тој период неуспесите северната страна на оваа планина да биде искачена во зимски услови оставиле впечаток дека можеби на нејзе треба да се примени хималајска техника, но Бонати вели: „За да има вредност ова искачување, техничките тежини треба да бидат поминати со минимум опрема и во соодветен дух. Каква смисла има во тоа по секаква цена да се искачиме на таква карпа како таа на Жораз и при тоа да правиме компромиси и да користиме објективно непотребни средства. Не ни останува ништо друго освен да и се предадеме на магијата на непознатото, невозможното и на битката која го обзема целото наше постоење и ги открива само добрината и човештината сокриени во нас...“
На крајот на јануари 1963-тата година, Бонати и Козимо по шест дена качување го прават првото искачување на северната страна на Жораз во зимски услови.
Во таа или следната година, Бонати одлучува да стави крај на својата кариера во екстремниот алпинизам. Сепак, во 1965-та година се одлучува да се врати на кратко преку проект кој повторно ќе ја возбуди светската јавност. Во чест на Матерхорн и првиот човек кој се искачил на оваа планина, Едвард Вимпер, тој се одлучува по повод 100-годишнината од првото искачување на оваа планина (јули 1865г.), да направи искачување во зимски услови на нејзината северна страна. Во почетокот на февруари 1965-та година, во првиот обид му се придружуваат двајца алпинисти: Џиџи Панеи и Алберто Тасоти. По три дена качување и искачени 400 метри, поради лоши временски услови тие се симнуваат, но исто така и поради приватни обврски другите двајца го напуштаат. На 18-ти февруари Бонати тргнува сам. По четири безсони ноќи поминати на карпата со температури и до -30 степени, по своја „диретисима“ тој стигнува до врвот со чувство дека е „олицетворение на некаква библиска личност, која е осудена на вечно качување“.
Тоа е негово конечно збогување со екстремниот алпинизам – барем како активен качувач. Потоа тој за среќа на сите нас своите размислувања и искачувања ги пренесе во повеќе од десет книги и во многу списанија – што како писател, што преку разни интервјуа... Неговите зборови одекнуваат:
„Планините имаат правила. Тоа се сурови правила, но тие постојат и ако се придржувате до нив, ќе бидете безбедни. Планините не се како луѓето. Планините се искрени. Оружјето со кое може да ги освоите е во вас самите – во вашата душа...“
„Верувам дека ние качувачите му служиме на човештвото. Докажуваме дека не постојат граници на тоа што сé човекот може да направи...“
„Ако во нормални услови нешто што вреди е качувачката техника, во екстремните услови, тоа што ве спасува е вашиот дух...“
Здружението „Меѓународен фестивал на планински филм во Банско“ од Бугарија направи превод на неговата книга „Моите спомени. Искачување до границите на возможното“ од 2008 година. Прекрасна книга и веројатно најблиско и најбрзо дело до кое овде може да дојдеме. Може да се купи за време на одржувањето на фестивалот во Банско во ноември...
Бонати остави влијание врз многу алпинисти па еве по некоја изјава на дел од нив:
Марко Ангилери: „Бонати направи да сонувам...“. Алекс Хубер: „Како никој друг Валтер Бонати е таткото на модерниот алпинизам...“. Колин Хејли: „Иако во алпинизмот тешко поминува рангирањето, ако некој биде запрашан да го избере најдобриот алпинист на сите времиња, мислам дека Бонати е очигледен избор...“. Симоне Моро: „Тој објасни како и во кој правец треба да се движи алпинизмот...“. Марко Презељ: „Тој е инспирација за многумина од нас. Чесен и принципиелен човек и вистинска легенда...“ Ули Штек: „Валтер е еден од најголемите алпинисти кој сум го запознал. Лично немам идоли, но неговиот алпинизам и тоа што тој го постигнал многу ми значи...“
Во 2008 година тој беше прв добитник на наградата „Златен цепин: за животно дело“. Многу искрено и со благодарност за неговата инспирација и водење по овој пат... |