Дома

Борче Јовчевски

Со Борче имав можност да се запознаам во периодот кога почнував да качувам. Состанокот на кој прв пат го видов беше работен – требеше да се интервенира врз еден висок објект и беше потребна помош од алпинисти. Со оглед на неговото искуство Борче беше повикан да даде совет и да помогне во полесна реализација. Се сеќавам на тие моменти многу добро - ми беше мило што седам во иста просторија со него и мислам дека ништо не слушав од тоа што се зборуваше. Ми остави впечаток неговиот силен стисок кога се поздравивме и неговата смиреност – тивко слушаше што има да му се каже и одговараше многу едноставно и конректно. Кога се одвиваше работата пак – ние помладите мислам дека трошевме неколку пати повеќе сила и енергија за завршување на една иста работа, а посебно сите нé воодушеви со неговото брзо поставување на системи за обезбедување и тековно работење.
 
Економската ситуација Борче веќе долго време го носи надвор од дома. По лошата ситуација со фабриката Порцеланка во Велес каде тој работел, егзистенцијата го носи надвор од Македонија. Од нашето прво видување се гледавме ретко: во домот Чеплес каде често може да го видите кога е во Македонија и на Матка - качувајќи со пријатели. Благодарение на заеднички пријател повторно се сретнавме сега со цел да поразговараме за неговите искачувања.
 
Отидовме до Пешти – прекрасниот кањон покрај неговиот роден град Велес. Му кажував за краткото искачување со Весна кое го направивме таму, а тој ми кажа и за други искачувања на снежно белите карпи и други истражувања кои ги има правено на поголемиот простор. Многу добро го познава тој терен и е разочаран од неговата лоша искористеност, постојано кажувајќи идеи како би можело работите да се подобрат.

Борче почнува да се занимава со планинарење во 1974 година станувајќи член на ПСД „Солунска Глава“ од Велес. Во 1976 година почнува да работи спелеологија, а во 1981 година алпинизам – одговарајќи на поканата за подготовките за експедицијата на Хуаскаран следната година. Од тој момент тој станува член на сите одржани алпинистички експедиции во тој период: Анди, Памир и Хималаи . На првата експедиција, во 1982 година во Андите тој успешно се искачува при аклиматизацијата на врвот Чопикалки и на Хуаскаран. Во 1984 година пак, успева да се искачи на Пик Четворјах како аклиматизација, но не успева да стигне до врвот на Пик Комунизам – поради извртување на коленото. Имено носејќи тежок ранец во еден момент на патеката следејќи го качувачот пред себе, едната нога одеднаш му пропаднала во пукнатина на падината од мраз прикриена со нов снег и при падот обидувајќи се да не падне целосно во дупката, но и да не се стркала надолу по стрмнината, телото му дошло во таква положба да ногата му се извиткала. Со помош на пријателите, бил симнат во базниот камп и ногата му била ставена во гипс.

Манаслу

Во 1986 година се случува експедицијата на осмата највисока планина во светот. Експедицијата има за цел искачување на технички тешка насока, меѓутоа поради лоши временски услови, нашите алпинисти успеваат да ја искачат полската насока, да испаднат на седлото и над него, но не и да стигнат до врвот.

Сега знаеме барем за три лавини кои ги погодуваат македонските алпинисти при овој обид. Од порано веќе го знаеме настанот со лавината која го понесува Слободан Трпевски, но сега Борче ми кажа и за уште две други. Во првиот случај ми кажа како Живко Арсовски се спасил од тоа да биде фатен од една од нив. Живко имал за задача да отиде кон вториот висински камп, но кога видел како сите алпинисти се враќаат надолу, се решил и тој да се врати со нив. Следниот ден други двајца алпинисти требало да отидат кон „двојката“, но вечерта се вратиле и тие назад соопштувајќи дека вториот камп (каде што Живко нели требало да престојува таа ноќ) е уништен од лавина.

Во третиот случај – повторно во вториот камп, Борче раскажува како за неколку метри биле поштедени тој и Слободан Јованоски. Седејќи во шаторот тие и покрај многуте лавини и нивни бучави, овој пат слушнале многу  силен татнеж од над нив кој доаѓал од под врвот низ маглата и облаците. Борче вели – во тие моменти знаеш што е тоа, но просто се препушташ на судбината бидејќи не можеш ништо друго да направиш. Најпрвин се почувствувал силен ветер, па снежна прашина и снег кои како надоаѓале – сé посилен станувал звукот. По некое време откако лавината истекува, а снежната прашина се расчистува, виделе како поминала покрај нивните шатори само на неколку метри правејќи корито во мразот, како да поминала некоја голема река која носела мразеви, ги дробела и претворала во снежна прашина.

Искачувањето кое го прават македонските алпинисти е многу силно. Честитките и покрај недостигнатиот врв доаѓаат и лично од Меснер. Борче кажува како со Меснер се видел и една година претходно – во 1985 година. Заедно со Горазд Росоклија и Јован Попоски биле во Непал – во извидувачка мисија за Манаслу. Еден ден, додека се движел со велосипед низ Катманду од спротивен правец му доаѓал човек чиј што лик го гледал на многу фотографии. Се гледале еден со друг како што си приоѓале, како да се познавале и се поздравиле. Горазд и Јове назад во хотелот не му верувале – дека во Катманду, баш тој се видел со Меснер, но вечерта на заедничката вечера што ја имале со словенечките алпинисти, како гостин се појавил – повторно Меснер.

Подготовките 

За овие искачувања македонските алпинисти прават многу сериозни подготовки. Искачуваањата се правеле најчесто во домашните локалитети како Матка, Демир Капија, Солунска Глава, Лешница, но и надвор - во Бугарија, Црна Гора, Словенски Алпи, Француски Алпи – околу Монт Блан и на него. Борче во нашите локалитети има неколку првенствени насоки. На Матка заедно со Јове ги има искачено „Матка – лева варијанта“, „Матка – десна варијанта“ (во која учествува во дел и Слободан Јованоски), горниот дел на „Панчева насока“ (во делниот дел Слободан Јованоски) како и уште една насока за која не се сеќаваше за детали освен дека била качувана во плочите над „К“ насоките спроти селото Долна Матка. На оваа насока сепак се сеќава на една работа - тоа дека качувале до доцна во ноќта. Борче вели дека секогаш кога носел со себе челна лампа никогаш не го фаќало ноќ. Тој ден не замал со себе челна лампа па морале по темницата бавно да се качуваат - само со чувствување на карпата и фаќалиштата...

На Демир Капија негови се многу популарните насоки: „Б2“ искачена заедно со Слободан Јованоски и „Полжав“ и „Тулумба“ со Миланчо Стојановски (Лавински) од Велес. На овој локалитет има поминато и уште една нова насока уште полево од Б2 – качена со Ѓорѓи Костовски од Битола, меѓутоа и за неа не се сеќаваше на детали.

„Лавински“ - прекарот на Миланчо доаѓа од искачувањата на кулоарите на Лешница. Борче заедно со него го има качено кулоарот „Тобоган“, но и други микс насоки (и со други алпинисти). При обидот со него да качат нов кулоар, ги понесува лавина (претходната ноќ имало наврнато нов снег). Откако движењето престанало Борче со неговото искуство кое го стекнал „возејќи“ се на лавините по Лешница, со пливање во лавината бил на површината на снегот и веднаш почнал да се врти лево-десно да го бара Миланчо. Многу брзо потоа приметил како снегот близу до него се размрдува – за среќа иако поклопен, тој бил близу површината. Така Миланчо го добил својот прекар - Лавински. 

Со него на Солунска Глава имаат искачено две нови насоки: Велес 1 и Велес 2. На оваа карпа Борче има качено уште две други нови насоки: со Живко Арсовски ја има качено „Бреза“, а друга (на која не се сеќаваше на името) со Костантин Циривири, Славко Тодоровски од Прилеп и Христо Белокаповски од Прилеп.

Покрај овие Борче се присети и на други две насоки кои ги има качено надвор од Македонија. Едната е во Проклетије – „Алтернативен“, а другата на Вихрен – „Александар Македонски“, искачени во 1988 година со Јован Попоски. Претходната година Борче се стекнува со титулата „Алпинист-инструктор“.

Покрај искачувања на локалитетите во Македонија и во непосредното соседство, Борче исто така качува и на други локалитети - подготовките на Триглав и во Алпите. Се присетува на едно искуство кое го имале заедно со Благојче Лазаров од Битола. Качувајќи на Верте во насоката биле три наврски – другите две не биле македонски. Нивната наврска била во средина и Борче вели дека не се престигнувале при качувањето и овде ноќта направиле бивак на карпата. Потоа при спуштањето, третата наврска која била позади нив, заостанувала и кога веќе тие се спуштиле на глечерот Борче видел како двајцата качувачи откако едниот пролизгал, а другиот не успеал да го запре – паднале во креваса. Иако преморени и гладни, со Бале се вратиле назад да им помогнат. Биле клиент и водач. Едниот во бесознание, а водачот со скршеница на едната нога.

Ги извадиле од пукнатината, ги обезбедиле на клинови во мразот и водачот им рекол да се симнат назад во домот и да викнат спасителна екипа. Сепак со целата таа акција околу извлекувањето, Борче и Бале не успеале до вечерта да стигнат до домот. Кога се стемнило и кога од глечерот влегле во карпест дел, поради тоа што батериите на челните лампи им се потрошиле, не можеле да го лоцираат домот и решиле да бивакуваат. Рано утредента виделе дека се на само 10-тина минути од домот. Таму веднаш известиле за двајцата повредени и откако ја покажале точната локација на неколку различни фотографии и карти, со хелихоптер тие подоцна биле спасени. Во домот после ова им понудуваат чај и храна, но иако неколку дена гладни тие го одбиваат оброкот поради високите цени. Сепак се разбрале дека тие како спасители можат да јадат колку сакаат.  

Велесин

Во еден момент од разговорот го прашав како се снаоѓал со опрема и тој ми одговори дека сам си ја правел. Се насмевнав но дури кога дојдов кај него дома и кога ми покажа што сé има направено од „хардверот“ – увидов колку има вистина во тоа.

Целосна опрема: експанзиони и алпинистички клинови, кладиво, плочка, чокови, хексагоналци... Сé изработено од него самиот. Имал и скици за френдови... Клиновите почнал да ги изработува уште пред Хуаскаран (1982) - додека бил спелеолог и бев многу среќен кога ми подари два од нив. После разговорот и сите опишани искачувања и доживувања – пред мене сега стоеше македонскиот Куинард или Касин. На некои хексагоналци беше испишано „Велесин“ и ми рече дека така ги именувал правејќи комбинација од зборовите „Велес“ и „Касин“... Ми беше интересно тоа што на еден карабинер држев совршено изработена опрема за чисто качување - „Made in Macedonia“. 

МАХЕ „Еверест 1989“

Сигурно има многу некажани работи околу оваа експедиција. За жал горчината од не враќањето на Диме е голема и не сакав да го прашувам скоро воопшто за тоа качување. Кога зборувавме за филмот направен за оваа експедиција, Борче на кратко само ми спомена дека снимањето со камерата од базата нагоре го има правено тој заедно со Диме. Дека во една од сцените - дишењето и гласот кој му вели на Диме: „Ајде уште малку!“ се негови.

Борче тогаш стигнал до последниот висински камп на висина од 8000мнв. Таму останал и не продолжил кон врвот поради смрзнотини на нозете кои успеал да ги спаси со греење камења кои ги ставал во камашните и вреќата. Во тој камп и остана да ги чека своите пријатели да се врати по искачувањето на врвот...

Еве што вели Борче за тие моменти:

„Овде на седлото првата ноќ влеговме да спиеме во американските шатори кои веќе беа поставени. Во еден од нив беа Шерпасите, а во друг јас Диме, Стипе Божиќ и Вики Грошељ.Овде јас пристигнав малку подоцна затоа што морав да се движам побавно поради нозете кои веќе ми замрзнуваа. Морав да одам полека за да направам циркулацијата на крвта да дојде до крајните делови на телото и така да испратам и енергија и топлина - за да ми се загреат нозите и да не ми замрзнат до седлото каде беше кампот. Овде кога стигнав греев камења на примус и ги ставав во камашните и вреќата за спиење и така повеќе пати - скоро цела ноќ. Пред тоа многу ги мачкав со „Финалгон“ – но тоа не помагаше. Решивме јас да не одам кон врвот поради смрзнотините затоа што ако продолжев сигурно ќе беше иста ситуацијата (чевлите беа тесни за моите нозе).

Од друга страна беше добро што останав затоа што ги наместив нашите шатори и ги подготвив да ги пречекам. Сварив чај и супа, а направив и јогурт кој го имавме во сува состојба. Сето тоа го одржував на примусите да биде топло, да не замрзне на температурата од -38 степени Целзиусови. Кога дојде ноќта нешто како да ми кажуваше да запалам свеќа и да ја оставам да гори. Благодарение на таа светлина од свеќата која се гледала од горе и го осветлуваше шаторот (ми раскажуваа Грошељ и Стипе) - во ноќта во темницата тоа им бил ориентир да не скршнат од правецот за седлото. Следејќи ја оваа светлина пристигнаа истоштени и исцрпени, но задоволни што го искачиле врвот и задоволни што има кој да ги пречека и да ги закрепне. За жал тоа беше за кратко затоа што нашиот прв Македонски Освојувач Диме кој го чекавме цела ноќ и дента не го дочекавме - не се појави...“

Како за крај

Можеби премногу субјективно размислувам на оваа тема, но секогаш ми останува доза на горчина после средбите со овие луѓе. После сите тие искуства како држава и нивни колеги - сме дозволиле тие да останат игнорирани, недоволно почитувани и вреднувани. И сé уште го правиме, а тоа е голема трагедија за македонскиот алпинизам. Тоа се луѓе кои голем дел од својот живот го посветуваат на врвниот спорт, но уште повеќе – со огромна посветеност од која рака на срце ние, денешните генерации немаме ни трошка од тоа.

Се надевам дека наскоро ќе се оформи многу поширок фронт поддржан од сите алпинисти - со кој овие работи многу поинституционално ќе се решаваат. Треба да им се оддолжиме на секаков можен начин за сé што имаат направено!

- Игор Т. (11.11.2009г.)

 
Copyright © Alpinizam.org