За овој текст:

Овој текст на Емилио Комичи е за неговото соло искачување на северната страна на Големата Кула на Лаваредо

Share

Сам на Големата Кула

-Емилио Комичи

Ханс Краус, кој го познаваше Комичи, пишува: „Со Емилио Комичи се запознав кога тој беше на почетокот на неговата кариера. Неговото име и тогаш беше многу добро познато меѓу качувачите во Доломитите. Се сретнавме во хотелот Мизурина, каде заедно со неколкумина други бевме заробени од лошите временски услови. Одеднаш времето се расчисти и изгледаше како да ќе остане така неколку часа. Емилио одлучи дека треба да се направи нешто во врска со тоа и заедно со 5-6 луѓе заминавме за Гуља ди Амикис каде имаше вкупно само пет искачувања. Сите се искачивме и абзелувавме. Тоа беше прв пат да го видам Емилио како качува и никогаш нема да заборавам на неговата грациозност, која повеќе личеше на танцување отколку на качување нагоре по карпата. Брзо се спријателивме и качувавме заедно скоро секое лето.

Во тој период тој ја искачи својата прва голема насока, која ја започна неговата слава на меѓународно признаен врвен качувач: диретисимата на северо-западната страна на Чивета. Една вечер повторно се сретнавме во хотелот Мизурина и ми кажуваше за ова искачување, опишувајќи ја таа авантура со толку драматичен стил што сé уште ми е жал што не го снимавме. Тоа ќе станеше класична планинска приказна. Тоа беше уште една страна од неговиот карактер: покрај совршената техника и елеганција при качувањето, за него уште поважно беше чувството за авантура. Подобро би било да кажам: чувството за доживување. За него планината не беше само обична физичка авантура. Тоа беше авантура со опасност, напор, успех и неуспех – за него планината беше извор на големо емотивно доживување. Токму тоа го правеше Емилио толку посебен – да го има тоа доживување, да ја живее планината, да ги доживее сите емоции од најдлабок очај до нејголемо задоволство што е таму во нив.

На негов сопствен начин, Емилио беше толку голем поет колку што беше и качувач. Тој можеше да ги сподели тие чувства и мисли со нас – со тие кои беа многу среќни што качуваат со него.

Иако Комичи беше еден од првите кој започна технички да качува, со две јажиња и слични техники и иако тој уживаше во актот на качување повеќе од било кој друг, сепак самото бидување таму, блиската поврзаност со карпата и небото, со сонцето, облаците, снегот и невремето – тоа го исполнуваше со задоволство.
Можев да го гледам кога го правеше првиот обид за соло искачување на Големата Кула. Во тоа време беше нечуено да се направи таков подвиг. Се врати по солирањето на првите неколку должини и беше возбуден и среќен како никогаш до тогаш. Тоа што го правеше толку среќен не беше фактот дека беше подготвен да направи такво невообичаено искачување, туку фактот дека може да биде сам во тоа искачување во северната страна – која тој всушност и прв ја искачи со браќата Димаи. Беше среќен што ќе му биде дозволено да биде сам во таа страшна карпа и што ќе може да го слуша нејзиниот глас без никој друг да се вмешува во тоа.

Низ годините се појавија неколку одлични качувачи, а имаше и такви кои ја имаа доживеано планинската духовност. Само малкумина беа добри и во двете како што беше тој."

Текстот

Идејата ми дојде одеднаш – едно утро. Враќајќи се во Мизурина, уживајќи во топлото сонце – ми беше досадно. Тоа беше на 2-ри септември 1937-мата година. Утрото беше исполнето со голема активност по патиштата. Автомобили полни со туристи парадираа покрај нас. Целиот свет доаѓа да им се восхитува на Трите Кули на Лаваредо, Сорапис и на волшебното езеро.

Од време на време во некој од автомобилите ќе беше некој мој колега со некој храбар клиент кој требаше да го води во планините. А јас само можев да прашам: „Како ова?“ Сите овие водичи наоѓаа клиенти, а јас не можам да фатам ниту еден. Од друга страна пак, ми приоѓаат луѓе, ми делат комплименти со вообичаените фрази, а потоа само сакаат да се фотографираат со мене – прво само мене, потоа со нив... Потоа ми бараат автограм и на крај љубопитно ме прашуваат: „О господине Комичи, вие сте толку познат што сигурно не одите по лесни насоки! Тоа би ви било многу досадно нели?“ И потоа заминуваат да си најдат друг водич, а мене ме оставаат со тие почести. Иронично! Такви се деновите во животот на една ѕвезда.

Така ова утро, во досада - посакував да качувам. Со оглед на тоа што на Брента веќе го имав вкусено задоволството во солирањето, ми дојде идејата сам да отидам на северната страна на Големата Кула на Лаваредо. Му ја кажав идејата на мојот пријател  Џијанко Помпеи. Ме гледаше со голема зачуденост. Не ми рече дека сум луд, но мислам дека го помисли тоа. Со моите пријатели со кои качував можев лесно да зборувам за оваа авантура, но за него тоа беше многу реално.

Дали навистина беа тоа силите на доброто кои ме водеа кон ова? Дали тоа беше некоја хипнотизирачка сила која ме води кон ова? Не знам.

Во 9:30 часот претпладне со Џијанко на мотор заминавме кон домот Умберто, а во 11 часот започнав да качувам. Одлично време! Немаше да имам потреба да се расправам со другите кандидати за северната страна.

Кога бевме под карпата, од време на време паѓаа камења, свирејќи и удирајќи во сипарот покрај нас. Често на ваков начин планината која ја посакуваш – ти посакува добредојде. Тоа е остар јазик на кој го кажува тоа што сака да го каже и во тој момент планината ни кажа дека е веќе зафатена и дека не сака повеќе луѓе на нејзе. Всушност, таму горе можев да видам како едно живо суштество ползи по ѕидот, а потоа следејќи го јажето под него, можев да го видам и вториот човек.
Џијанко ми рече: „Рече дека е опасно да качуваш со две јажиња на карпава. Ако и најмало камче те погоди во глава, ќе ги отпуштиш рацете и ќе паднеш до долу затоа што немаш кој да те обезбедува“. Но, не е така. Само во еден дел постои опасност да бидеш погоден од одрон, а тоа е во лесниот дел токму на почетокот на карпата. Кога си во самата карпа – заштитен си од камења на добро растојание.

Сепак, наместо по тој лесен дел, јас влегов подиректно во карпата. Тоа е потешко, но таму нема опасност да бидеш погоден. Кога ја допрев карпата беше 11 часот. 200 метри над мене имаше германска наврска која сега ги качуваше последните големи тежини во превисниот дел на ѕидот. Тоа е екстремна секција висока 20 метри. После тоа, по помалку тежок терен ќе стигнат до местото каде бивакувавме при првото искачување.

Првиот дел од северната страна е дел кој не му дозволува никаков одмор на качувачот дури и покрај тоа што тој може е врзан на две или три јажиња, прикопчан на сите клинови или употребува скалички на превисот и пречаката. Колку многу алпинисти биле поразени овде и колкумина само паѓале задржувајќи се на клиновите кои го издржале нивниот пад.

Пред да продолжам да качувам погледнав надолу да се поздравам со Џијанко. Тој имаше најдено добар болдер кој беше вон опасноста да биде погоден од камен од горе и беше испружен на него за да не го здоболи вратот гледајќи нагоре.

Се наврзав на средината на јаже долго 30 метри. Исто така имав 20 метри долго потенко јаже кое ми беше заврзано на половината, десет карабинери, кладиво и една скаличка. Оваа опрема ми беше наменета за враќање – ако во еден момент не можам да продолжам со качувањето. На почетокот мислев дека ќе биде доволно добро да се обезбедувам самиот – фиксирајќи го јажето за карабинери прикопчани на клинови или пак низ дел од помалото јаже. За да продолжам ќе треба да го повлечам едниот крај на јажето кое ќе поминува низ карабинерот или замката. Тоа е единствениот добар начин за само-обезбедување. Но кој може да каже дека при слободен пад од 10 или 15 метри јажето нема да се скине, клинот нема да се извлече или карабинерот нема да се отвори? Во најдобар случај – ако сé издржи и ако не сте повредени – ќе останете да висите во воздух и ќе чекате некој да ве побара...

Но можеби претерав. Во тој момент воопшто не размислував на тие работи. Една работа која не смееше да ми се случи е да ме фати некој грч, а овој систем за само-обезбедување ме чинеше многу време.

Првата должина како што реков започнува со пречење. Започнав, се прикопчав за првиот клин и на тој начин останав без еден карабинер. Втората должина оди дијагонално. Се обезбедив на истиот начин, но кога го одврзав јажето од мојата половина крајот падна надолу, а на него имаше чвор. Беше невозможно да го повлечам нагоре бидејќи чворот немаше да помине низ клинот кој беше десет метри под мене. Со јажето кое ми остана, се симнав до долу и морав да се обидам да се извлечам до клинот бидејќи како што кажав овој дел е дијагонален. Ми успеа по третиот пат и веќе почнав да чувствувам како губам сила во рацете. Оваа дополнителна работа ми беше голем проблем и посакав да му го испратам овој систем за само-обезбедување на самиот ѓавол.

Влегов во пукнатина во превисниот жлеб и јажињата висеа слободно зад мене. Во тој момент, бев во расчекор и го гледав јажето под мене како се вее слободно и сипарот во длабочината. Сега бев слободен и можев да уживам со задоволство – во толкава мера како што никогаш во мојот живот не сум чувствувал. Не ми е лесно да го опишам тоа задоволство да се биде сам во овој голем ѕид. Нозете ми беа во расчекор и го гледав јажето во празнината под мене. Какво задоволство! Какво задоволство во животот! Интимна гордост што се чувствував доволно силен да доминирам, целосно сам – со превисот и празнината. Прекрасно! Почнав да си пеам една песна, еден рефрен кој по болките од будењето ова утро, ми пулсираше во потсвеста. Подоцна, кога грчевите ми го прекратуваа дишењето – срцето почна да ја повторува песната на тишината.

Се двоумев малку пред да почнам да качувам на карпата, но од овде нагоре нема тежина која би можела да ме запре. Големиот превис кој доминираше над мене во други услови би ме натерал два пати да размислам да продолжам, но сега ми изгледаше како нормалниот пат, најлогичниот и најфиниот. Без секунда двоумење продолжив нагоре, застанувајќи од време на време да фатам здив.

Продолжение:

Џијанко подоцна ми кажа дека ме гледал за време на целото искачување и дека можел да ме слушне како пеам. Пател додека јас сум се радувал, а посебно сигурно кога во превисните пукнатини одлучив да качувам во надворешниот уште поекспониран дел – со цел да се чувствувам уште послободно во воздухот.

Одеднаш, во момент кога имав најголем расчекор за да стојам подобро во жлебот, една од нозете ми се лизна. Но веќе го имав тоа предвидено и ако имав доверба во нив – тоа беше затоа што имав добри фаќалишта. Имав толкава доверба во себе во тој момент, што наместо да бидам исплашен јас гласно си се насмеав сам на себе – како да си се потсмевам. Потсмевлива насмевка? Но зошто? И кон кого? Ја игнорирав. Но ако се борам тогаш морам да имам непријател. Да, непријател и внимавајте мои пријатели алпинисти – Неочекуваното.

Кутриот Џијанко. Подоцна ми кажа дека кога видел како се лизнувам – му застанало срцето. А јас високо горе – посреќен од било кога.

Клиновите беа во огромен број и ја означуваа насоката. Ги поминував еден по еден – додека моите очи го бараа следниот. Која беше причината што бев толку среќен? Некаква форма на лудило? Мазохизмот на качувањето? Не се грижев – бев опиен, но целосно среќен. Бев физички силен да го поминам превисот и имав доволно духовен мир да бидам господар на празнината.

Свесен сум дека соло искачувањето на тешка карпа е најопасната активност која постои. Најчесто, алпинистите кои го прават тоа завршуваат лошо и не можам да го препорачам тоа на некој без да бидам воздржан. Но тоа што во тие моменти се доживува е толку богато духовно искуство што вреди да се направи.

Но кажувајќи го ова зарем не згрешив и прекршив еден од Исусовите заповеди? Но – не мислам дека згрешив, затоа што чувствувам дека не отидов над моите способности и ова важи за сé.

Бев благодарен за мојата внимателна природа, која беше толку добра што ми донесе безбедност, што од друга страна ми даде чувство на задоволство. Ние живееме за такво задоволство – во најблагородното значење на тој збор и секој со свој сопствен избор. Инаку животот би бил толку бескорисен и празен. Со цел да се доживее животот – целосно, треба да се превземаат ризици. Потребно е да се има авантура и да се биде смел.

Додека качував бев малку загрижен бидејќи повеќето луѓе кои ја имаа повторено оваа насока рекоа дека најтешките делови се во горниот дел – точно над бивакот од првото искачување. Се сеќавав на тоа место, за кое кога ја опишував насоката кажав „Карпа која е толку мазна и превисна и без камин или пукнатина“ Таму сите напори станаа најопасни и најделикатни. Како ќе ја поминам оваа должина денес – сосема сам?

Стигнав на почетокот од овој дел, токму во моментот кога Германците го завршија и продолжија по карпата во десно по пречката. Беше очигледно дека тоа им беше тешко затоа што за истото време кое на нив им беше потребно да поминат 20 метри, јас поминав 200 метри. Им беа потребни 2 часа.

Бев малку вознемирен, затоа што бев точно под нив и се плашев да не бидам погоден од некој камен, како што ми спомна Џијанко – што би било причина да ги отпуштам рацете и да паднам во длобочината. Затоа им довикнав: „Внимавајте на одрон – сам сум!“ Можете да си ја замислите нивната зачуденост слушајќи го тој глас кој одекна по карпата – толку блиску до нив. Ги видов како се фатија за карпата, погледнаа надолу и извикнаа: „Сам?“

Откако помина нивната зачуденост, ме прашаа кој сум и откако им кажав ме прашаа дали тука завршиле тежините. Им кажав дека колку што се сеќавам, само што го поминаа најтешкиот детал.

Господи! Колку многу клинови! Кутрата северна страна! Се двоумев за момент да дофатам едно мало блокче кое излегуваше од превисот. Требаше да дофатам едно фаќалиште кое ми беше далеку. Се подигнав за да добијам во висина и го поминав тој детал. Тогаш се присетив дека токму тој беше причина за мојот етички пораз за време на првото искачување. Сé до ова место јас ја водев наврската, но овде изгубив многу сила влечејќи ги двете јажиња на кои имаше многу триење поради клиновите кои ги имав заковано. Моите раце беа заморени, имав грчеви и не можев да ги исправам. Бев многу наивен – наместо да почекам да помине болката, му дадов на Ѓузепе Димаи да го води овој детал. Тој беше многу свеж и брзо ја помина оваа пречка што предизвика чудење кај публиката во подножјето на карпата и кои не можеа да разберат што се случува.

Овој пат ја поминав пречката целосно сам, без никакво обезбедување. Бев зачуден колку беше лесно и изгледаше како да не е потешко од IV.

Германците ме чекаа. Во моментот кога стигнав на нивна височина, ме погледнаа некако остро, но и зачудено. Сега тројцата бевме на местото каде бивакувавме за време на првото искачување. Од почетокот до овде ми беа потребни два и пол часа. Колку релативно е сé во овој свет! При првото искачување до оваа тераса, при поминувањето на непознатото и ковањето на клиновите, покрај времето потребно за извидување и успешното искачување, ни беа потребни 50 часа.

Застанав за момент во друштво на Германците и си поразговаравме и јадевме малку шеќер и чоколадо. Во тој момент, гледајќи колку е безпотребно јажето кое се влечеше зад мене, го намотав и заедно со клиновите и карабинерите го фрлив надолу. Имаше импресивна траекторија и пристигнувајќи на својата дестинација во прекрасен и лесен лет, удри на растојание од 30-тина метри од карпата. Тоа беше чист доказ за неверојатната превисност на овој ѕид. Пред мене имав уште 350 метри за качување – серија на тешки должини во континуитет. Но сега бев сигурен дека ќе стигнам до врвот и јажето кое ме стегаше само ќе беше бескорисен товар. Оставив порака и тргнав – а Германците ме следеа. Овде ги доживеав најсилните чувства во овој незаборевен ден.

Искачив пеесетина метри и полицата на која стое почна да попушта под мојата тежина. Не паднав и јас со неа – цврсто држејќи се со рацете за карпата, но знев дека Германците се на дваесетина метри под мене. Бев преплашен и извикав: „Пази!“ и погледнав надолу. Тоа беше еден голем и компактен блок. За среќа не удри никаде и Германците беа поштедени од летечки проектили кои сигурно ќе ги погодеа. Тој пролета покрај нив и удри на полицата каде претходно стоевме сите тројца заедно. Се распарчи во дожд од камења. Тогаш повторно се преплашив затоа што видов како Џијанко оди кон подножјето на карпата кон јажето кое претходно го фрлив надолу.

Ми се вознемири душата! Сакав да се фрлам во празнината што направив таква работа. Камењата летаа кон него. Секундите траеја цела вечност. Ќе стигнат ли некогаш до долу? Се држев за карпата и срцето не ми чукаше, очекувајќи ја судбината – добра или лоша, која јас ја привлеков. Конечно стигнаа до долу, удирајќи во сипарот насекаде околу Џијанко – но без да го допрат. Овој ужасен момент кој го доживеав конечно помина. Каква тага ќе чувствував ако го убиев Џијанко – мојот најдобар пријател. Во планините има голем Светец кој нé пази сите нас.

Откако сето тоа помина и откако им се извинив на Германците, продолжив да качувам со голема внимателност. Наскоро бев во нови тежини кои овде во втората половина ги има во континуитет и заборавив на тие лоши моменти.

Конечно стигнав до сипарестите тераси под врвот и почнав да пречам по нив – плашејќи се да не предизвикам нов одрон. Конечно бев на сонце и бев среќен бидејќи карпата на таа височина скоро секогаш е во сенка и со мраз и влага. Бев на неколку метри од врвот...

По некое време ми текна да погледнам во часовникот. Беше 2:45. Искачувањето на последниот дел од карпата, 350 метри и тие многу тешки – траеше само еден час и петнаесет минути. Вкупното време за целата карпа – три часа и четириесет и пет минути. На врвот имаше тројца млади Германци и кога ме видоа како им се приближувам ме прашаа дали сум качувал на северната страна. Им потврдив и беа изненадени што некој толку рано излегува од таму. Почнав да се соблекувам дозволувајќи им на сончевите зраци да го релаксираат мојот ум и мускули кои беа интензивно искористени. По некое време приметив како Германците се вознемирени и нешто си зборуваат меѓу себе. Еден од нив ми се обрати зборувајќи ми на германски: „А вашите партнери – не се стигнати?“

„Немам партнери“, им одговорив. „Сам сум.“

И потоа сите во хор извикаа: „Сам?“

Ова донесе ново фотографирање, автограми – како и вообичаено. Пред да почнам да се симнувам во книгата на врвот напишав: „Искачување на северната страна соло за време од 3 часа 45 минути.“

Една недела подоцна се искачив на Големата Кула по нормалната насока со двајца туристи и разгледувајќи ја книгата видов како тоа што го имав напишано беше шкртнато, а веднаш до него беше напишано со големи букви: „Каква шега!“ А потоа од страна „Глупости!“

На оваа тема :

- Наши искачувања на Кулите на Лаваредо

Copyright © Alpinizam.org