Насоки кои ги поминавме при оваа посета:

- Пројс (250м, V);

- Дилфер (250м, V+);

- Комичи (500м, VII);

- Нормална насока (450м, III)

Share

Доломити - Август/2010г.

-12.08.2010, Игор Т.

Со Весна поминавме 7 совршени дена во еден од најубавите и можеби најзначајни алпинистички локалитети во Доломитите - Трите Кули на Лаваредо. И покрај променливите временски услови, успеавме да искачиме три прекрасни насоки: „Пројс“ на Најмалата Кула, „Дилфер“ на западната страна на Големата Кула и „Комичи“ на северната страна на Големата Кула...

Пројс (250м, V)

Прва која ја поминавме (на 1-ви Август) беше насоката искачена од Пол Пројс и Пол Рели на Најмалата Кула (2700мнв). Искачена во далечната 1911 година, таа претставува вистинско ремек дело на „Папата на слободното качување“, како што денес го нарекуваат Пројс. Се сеќавате на една од неговите теореми дека „Стандардот на техничка тежина која алпинистот може да ја помине безбедно симнувајќи се по насоката и за кој се смета дека е компетентен – треба да претставува лимит на тоа што тој би сакал да се обиде да го качи“

Ова е една од насоките во која тој тоа го става во пракса. Имено во една од почетните должини, тој најпрво искачил еден плочест дел во долната половина од насоката, а потоа истиот го симнал без никакви помагала и обезбедување... Тој дел е со оцена V, се наоѓа на 70-80 метри над земјата и денес е познат како „Ѕидот на Пројс“.

Исто така една од другите негови теореми беше: „Ковањето на клинови треба да се користи во итни ситуации, а не да претставува основа во алпинизмот“. И тоа во оваа насока е ставено во пракса. При искачувањето направено пред скоро 100 години во линија со тежини до V и висина од 250 метри - тој не заковал ниту еден клин!

Знаејќи го тоа имавме дополнителна причина зошто сакавме да влеземе во оваа линија која исто така е и многу логична – следејќи го каминот кој ја дели кулата на половина во горните (цели) 150 метри во нејзината северо-источна страна.

Одлична линија! Релативно цврста карпа на која сепак денес се наоѓа и по некој клин, но како и секаде, корисно е да се носат чокови, френдови и гуртни поради тоа што при таа техничка тежина во должините клинови или нема или се на големо растојание, а линијата нудеше некои супер интересни и експонирани движења.

Поради тоа што во насоката влеговме по само кратко преспивање по 15-тина часа возење од Скопје, бев среќен што релативно брзо ја искачивме оваа линија пред да стане сериозно клаустрофобично во каминот :).

Но тука како и скоро секаде во Доломитите – приказната не беше завршена. Следуваше долго спуштање (и покрај абзелувањето) по експонираниот и раскршен т.н. „Дилфер кулоар“ - помеѓу оваа кула и Пунта Фрида. Овде бевме среќни со шлемовите на глава поради честото одронување на ситни камчиња кои пролетуваа над нас...

Бевме секако среќни што после две години повторно качуваме во Доломитите – па дури и тоа во овој локалитет и на ваква убава и значајна насока.

Дилфер (250м, V+)

По два дена одмор, еден навистина потребен, а друг принуден поради дожд, на 4-ти Август дојдовме под западната страна на Големата Кула - над седлото помеѓу Големата Кула и Западната Кула. Овде следејќи повторно многу логична линија (жлеб со пукнатина), еден од најголемите германски алпинисти од почетокот на 20-тиот век, Ханс Дилфер заедно со својот партнер Вернер Фон Бернут, во Август 1913 година искачиле навистина прекрасна насока.

Ханс Дилфер се спомнува многу често и денес. Најмногу е познат по техниката на качување која ја вовел – која денес се нерекува „Дилфер“. При тој начин на качување на жлеб со пукнатина на пример, со рацете се влече на едната страна, а со нозете се бутка на спротивната страна. (На Матка имаме мало вежбалиште кое е познато како „Дилфер“. Кратки насоки >>>>)  Исто така тој е изумител и на техника за абзелување во која јажето на соодветен начин се обмотува околу телото кога се нема посебна алатка за тоа. Техниката се нарекува „Дилфер седло“. Дилфер исто така има осмислено и разни системи на пречење по карпата, го има започнато системот на оценување на технички тежини кој подоцна Велценбах го надградува, а кога на тоа ќе се додадат и преку 50 прекрасни првенствени насоки во само 4 години, голема трагедија е што овој човек загинува на само 23 годишна возраст во Првата Светска Војна...

А линијата е вистинско задоволство! Цврста и вертикална карпа слична на северната страна и линија со убави 250 метри... Насоката почнува со убави плочести моменти кои нé внесоа во 150 метри висок жлеб исто така со неколку превисни моменти и прекрасни „Дилфер“ движења. По овој жлеб следува интересен и широк камин со оцена V-, висок 40-тина метри со само еден клин во него...

Бевме многу среќни по искачувањето на оваа насока. Имаше многу фантастични движења,  постојано убава експонираност (поради превисниот карактер на жлебот), одлична пукнатина за поставување френдови и чокови (иако Дилфер немал проблем со ковање клинови, сепак насоката има клинови само таму каде е навистина неопходно и тоа само по еден клин во најтешкиот детал – во V/V+)...

По овие неколку должини следуваат две лесни III/IV+ преку кои се стигнува до терасата т.е. појасот кој кружи под врвот на Големата Кула. Следејќи го него се стигнува до делот каде е Нормалната насока по јужната страна и по околу 2 и пол часа по нејзе бевме безбедно на земја :)

Совршена насока!

Комичи (500м, VII/VI(A0))

Пред сé Кулите привлекуваат сами по себе. Можеш само да ги гледаш нивните северни страни и да бидеш исполнет и среќен. Неверојатно убави, мистични, моќни... Вистински магнет за секој кој ја сака природата. И многу нормално е да се појави и желбата да се качуваш по нив, а посебно секако по највисоката. Не поради тоа што е највисока, туку поради тоа што токму таа од врвот до подножјето е совршено вертикална – вистинска „нечија“ креација...

Кога се гледа од далеку таа и денес делува навистина „невозможна“ за поминување - поради мазните жолти плочи кои доминираат во нејзе. Дури откако ќе се влезе во неа, полека се откриваат можни места по кои алпинистот би поминал. Комичи и браќата Димаи во тој дел од карпата ја следеле најлогичната линија – следејќи пукнатини, жлебови, лушпи... Разни форми кои навистина ги има во континуитет, но поради фантастичната експонираност сите движења се со убава техничка тежина.

Оваа карпа верувам е голема желба на секој алпинист. При нашите претходни посети во Доломитите во желба што подобро да се запознаеме со овие најубави планини „потскокнувавме“ од еден локалитет во друг, но кај Кулите знаевме дека ќе останеме на подолго дружење. Не само што го заслужуваат тоа – туку едноставно и не ти даваат толку брзо да си заминеш. Не можеш да ги напуштиш „туку-така“. По искачувањата на „Пројс“ и „Дилфер“ и трекингот околу нив и Патернкофел од каде има прекрасни погледи кон нив – целосно се фокусиравме на нејзе.

Сакавме да влеземе што побрзо, но временските услови  ја одолговлекуваа таа средба. Се чувствувавме технички подготвени, но менталната оптовареност со нејзиното значење дополнително беше зголемено и со постојаното тропкање на капките дожд околу нас... Ветерот дуваше постојано и тоа ни даваше надеж дека сепак карпата брзо ќе се исуши и при првата временска прогноза дека ќе следува подолг временски период на суво време (еден ден), решивме веднаш да влеземе...

Станавме во 4ам и по околу еден час (радувајќи им се на ѕвездите над нас) бевме во подножјето. Се наврзавме и влеговме во првите две лесни должини по кои следуваат седум со фини технички тежини и слободни движења кои многу ме радуваа... Претставуваше големо задоволство што конечно влеговме да танцуваме со нејзе!!! И секако – што напредувавме нагоре :)

Чудесно е да се биде во таа карпа и невозможно е да се најдат зборови за чувствата додека бевме во тој свет. Кога се навраќам на тие моменти, се појавува сликата пред мене, но нема никаква мисла и зборови – само насмевка...

Качувавме нешто помалку од 10 часа до крајот на насоката. Втората половина е полесна, но следи детали со сомнителен квалитет на карпата и скоро без обезбедување, а скоро при крајот има влажни 100-тина метри и експонирани движења кои навистина до крај нé држеа максимално сконцентрирани и фокусирани на моментот во кој сме. Качувањето поради карактерот на насоката навистина заморува и во последните движења до излезот иако се само III-ка чувствував голем замор во сите мускули на телото... Во последните 30-тина метри качувајќи брзо низ тој терен без никакво обезбедување морав да си повторувам скроо на глас да бидам сигурен да качувам и размислувам безбедно до последниот метар.

Во моментот кога по излезот и кружниот појас излеговме на јужната страна на Кулата дури тогаш си дозволивме малку повеќе да се порадуваме на одличното качување иако знаевме дека нé чекаат уште два часа убаво малтретирање по нормалната насока. Буквално се смеевме, шалевме, викавме од радост, а по неколку минути повторно максимално сконцентрирани – 2-3 абзела и симнување на убаво експониран терен до сипарот...

Како за крај

Навстина е тешко да се опише сé што чувствувавме таму, а можеби тоа и не е многу важно. Ова „како за крај“ би сакал да го искористам пред сé за тоа само да се обидам да натерам што повеќе од вас барем да застанат под овие убавини и да гледаат во нив. Тоа е фантастичен свет во кој како што кажав и може само да се седи и седи и седи.

Одлични трекинг услови – буквално мрежа на убаво маркирани патеки и планински домови... Ви гарантирам максимална исполнетост! Од аспект на качување – ако до сега само знаејќи ги првите качувачи на овие насоки имавме голема почит кон нив – од приказни, од фотографии и слично, сега повторувајќи ги овие нивни ремек дела, имаме уште многу поголема!

На оваа тема:

- Наши искачувања во Доломитите во 2010г.;

- Наши искачувања во Доломитите во 2008г.;

- Наши искачувања во Доломитите во 2005г.,

- Пол Пројс

Copyright © Alpinizam.org