Пол Пројс (1886-1913)
-Игор Т.
Мислам дека најдобро го претставуваат овие две негови мисли:
„Секој алпинист мора да биде способен без помагала, да се симне по секој дел од насоката по која се качил“; „Со техничките помагала планините ги претвораме во механички играчки. На крајот тие или ќе се искршат или ќе се расипат и нема да имаме друг избор освен да ги фрлиме“
“Никој друг алпинист немал толку големо значење за нашите активности како Пол Пројс. Неговите идеи треба да станат база за модерното движење на слободното качување...“ Рејнолд Меснер
Кога за еден човек - Меснер ќе го каже тоа па „дури“ и ќе напише книга за него, Александар Хубер ќе го спомене како човек кој имал големо влијание врз неговите искачувања, за кого Даг Скот ќе каже дека допрва ќе треба да го разбереме, за кого ќе се подготви документарен филм насловен „Кого Боговите го сакаа“, кого „чистите“ качувачи ќе го нарекуваат „Основоположник на нашиот стил“ итн, итн – секој што го чита овој текст треба да го сочува и да го прочита во тишина, да ги смири своите мисли и да не скока редови и да гледа само фотографии... Ова е текст за еден од најголемите духовни учители во историјата на овој наш духовен пат.
Достигнувањата на овој голем алпинист се најдобро сумирани во статијата напишана од Д-р Гунтер Фрајхер објавена во Алпинистичкиот Журнал:
„Идеите кои ни ги претставуваше Пројс се со голема важност од етички аспект и поради тоа вреди да се погледнат од близу. Пројс започна со аксиома во која вели дека алпинистите секогаш треба да ги ограничат амбициите во сооднос со својата способност; дека не треба да се обидуваат да качуваат нешто на што не се дозреани.
Од оваа појдовна точка тој ги претстави следните шест теореми:
1.Алпинистот не треба да биде еднаков со качувањето кое го започнува, туку многу повеќе од тоа,
2.Стандардот на техничка тежина која алпинистот може да ја помине безбедно симнувајќи се по насоката и за кој се смета дека е компетентен – треба да претставува лимит на тоа што тој би сакал да се обиде да го качи,
3.Со оглед на претходните две – употребата на „технички“ точки може да се оправда единствено во ненајдени ситуации со голема опасност,
4.Ковањето на клинови треба да се користи во итни ситуации, а не да претставува основа во алпинизмот,
5.Јажето може да се употребува како припомош во одредени ситуации, но никогаш да стане единствен начин како одредено искачување да стане успешно,
6.Принципот на безбедност е најважен: но не да биде оправдување за употреба на технички средства, туку секој алпинист треба да ја знае границата помеѓу тоа што може да направи и што посакува да направи.
Едно е јасно: Пројс бара чистота во стилот, заземајќи став дека алпинистот треба да ја знае разликата помеѓу тоа што сака и што може – што го прави да биде строг критичар кон себе. Со тоа Пројс навлегува во самиот дух на алпинизмот и етиката, на најдлабоките мисли и чувства....“
Пол Пројс е роден во Австрија на 19-ти Август 1886 година во прекрасното село Алтаузее. Иако зимските месеци со своето семејство ги поминува во Виена, сепак голем дел од детството го поминува во прекрасната алпска природа. Прошетки во планините почнува да прави на 11-годишна возраст со своите сестри и пријатели, но често и сам, а како прво вистински качување се смета тоа кое го направил на северната страна на Планшпиц во Австрија во 1908 година.
Еве неколку бројки од неговата спортска биографија (тој започнува да води прецизен дневник за своите искачувања во 1910 година): иако почина на само 27-годишна возраст зад себе имаше бројка од околу 1200 искачувања, од кои 300 во соло стил и од кои 150 првенствени (нови) насоки.
Некои негови поважни искачувања се: соло искачувањето на источната страна на Кампаниле Басо на 29-ти Јули 1911 година во период од два часа (насоката не била повторена 17 години) без воопшто да земе јаже со себе; 1000м високата северо-источна страна на Крозон ди Брента и пречењето на Сасолунго, Чинкве Дита и Сасолеванте во еден ден. Кога на тоа ќе се надоврзе и следново: искачувањата со Пол Рели како партнер - силни и брзи искачувања (и симнувања) на познатите Тре Чиме без употреба на клинови; искачувања во Алпите, прво ски-искачување на Гран Парадизо, прво искачување во зимски услови на Монте Роса – со добива многу поцелосна слика за неговиот алпинистички квалитет.
Еве што пишува познатиот англиски алпинист Даг Скот за него:
„Тешко е да го разбереме овој човек па дури и да се осмелиме да кажеме дека тоа како работел - е чекор напред во алпинизмот. Често качувал во ситуации опасни по неговиот живот со премногу фина линија на безбедност која ја имаат само најхрабрите. Сепак времето ќе покаже и ќе видиме како се открива неговата мудрост дека ако не ги контролираме техничките (вештачките) помагала – тие ја намалуваат чистотата во качувачката техника. Денешната качувачка заедница треба полека да прави чекор назад кон стилот на Пол Пројс.“
На 3-ти Октомври 1913 година Пројс загинува во обид за соло искачување на северната страна на Мандлванд. |