Размислувања на Пројс - од пред повеќе од 100 години:

„...Не само што е важно дека некој „се“ качил и симнал од некоја планина туку важно е и „како“! Кога некој коњ ќе почне да галопира за време на оседлувањето, тој ќе биде дисквалификуван поради тој „нечист“ став. Значи го тераме ирационалното животно да има чист стил, а треба сé да им се дозволи на алпинистите кои можат сами да размислуваат?..“

 

„...Сметам дека идејата „ако паднеш, ќе виснеш на јаже 3 метри“ е со помала етичка вредност од чувството: „ако паднеш, ќе загинеш!“ Ако некој сака да прави гимнастика на стрмни ѕидови со апсолутна сигурност, со три јажиња на себе или пак мрежа за безбедност под него, тогаш тој треба да си остане дома или пак да ги покажува своите способности во гимнастички клуб...“

 

„...А ако некој ни го нафрла тоа дека ние „младите“ ги буткаме во опасност, тогаш на тоа би го кажал следново: ќе знаеме како да ги едуцираме да станат алпинисти, а не трговци на благородната уметност наречена алпинизам; алпинисти, а не крадци на проблеми и рекорди...“

Share
Дома

Пол Пројс (1886-1913)

-15.08.2010г, Игор Т.

Нешто како вовед – Текстови напишани пред повеќе од 100 години! Претходно ви ги имавме претставено само на кратко основните тези кои ги застапува како што го нарекуваат Пројс – „Папата на слободното качување“ (потсетете се овде >>>>) Ова сега се малку на подолго негови ставови во дебатата најмногу посветена на прекумерната употреба на клинови во насоките. Пројс во една прилика има изјавено: „Колку можев ова да го сватам лично ако сакав! Но не сакав, затоа што оваа тема е над сите нас и затоа што не сакам такво детско однесување во еволуцијата на спортот.“)

Технички помагала во алпинистичките насоки

Август/1911г.

„Овде нема да изложувам долги филозофски медитации на алпинистички прашања и нема да напаѓам со цел да ги растресам темелите на гордите и со децении стари згради. Ова се само идеи кои секогаш ми се јавуваат на ум кога сум во средината на најсилните активности во планините. Не можам да кажам дека портретот кој го скицирам ќе биде целосно јасен, но мислам дека индивидуалните идеи може многу добро да се обединат во генералниот портрет. Знам само една работа – дека моите мислења стојат осамени и дека било кога ќе изложев некое од нив, одговорот беше: „Многу оригинален начин на гледање, но луда забелешка“.

Како што се разликуваат алпинизмот и качувањето, така се разликуваат и целите и очекувањата! Решението на некој проблем во качувањето може да биде безвреден во алпинистичка смисла, тоа сите го знаеме, но тоа има малку значење – како за алпинизмот, така и за качувањето. Од аспект на качување не постои некоја разлика помеѓу западната страна на Тотенкирхел и било кое искачување на втората тераса на оваа позната планина – само квалитетна разлика. Од аспект на алпинизам пак повеќето овие искачувања се целосно безвредни... Сепак и од двете страни на гледање, решението на некој проблем има вредност само ако тој се реши независно т.е. без употреба на технички помагала. Тоа според мене е и највисокиот принцип во алпинизмот и качувањето, па поради тоа и целосно се посветувам само на него.

Денес земањето на скали за искачување на насоките како во старите времиња или пак користењето на куката на Винклер и слични технички помагала – предизвикуваат потсмев. Но ако денешниот качувач направи триесет и седум обиди да го фрли јажето високо над себе за добро да го заглави зад некој блок, за да се потегне на него – тоа треба да предизвика восхит на неговата вложена енергија и посветеност. Се прашувам во што се разликуваат овие два примери? Немам намера да проповедам против обезбедените насоки во карпите. Никој не ја потценува нивната важност во однос на зголемениот број на ентузијасти кои сакаат да ги посетуваат планините и природата. Нешто друго ме загрижува и ќе го кажам тоа кратко: сметам дека обезбедувањето со ковање на клинови кои се користат како при качување, но исто така и за абзелување и кои денес често овозможуваат некои искачувања да бидат успешни или пак се користат со таква цел од гледна точка на алпинист, но и како само обичен качувач на карпи – таквата нивна употреба ја сметам за неоправдана.

Абзелување! „Ако не можеш да се симнеш од некаде, не би требало да одиш нагоре“ – ми вели алпинистичкиот начин на гледање: „Надминувањето на техничките тежини со сопствената сила – како при качување, така и при симнување“ - ова е постулат кој доаѓа од искрено и спортско убедување. Искачување кое се прави без да постои свесност дека сé треба да може да се помине во слободен стил и при симнувањето е безумно и неалпинистичко. Тоа е битка во која се нема рамноправни оружја, не е кавалерска и е неспортска. Секако дека секој алпинист и качувач (не сакам со правење на оваа разлика да кажам дека некој не може да биде и двете) мора да знае да абзелува. Тоа е мерка на претпазливост и спас во времиња на стрес, кога има ненадејни промени на временските услови или стемнување, по некоја несреќа или кога ќе се излезе од вистинската насока. Но не ја гледам вредноста на пречењето на Компаниле ди Вал Монтана, ако ова пречење не може да биде направено без користење на јаже. Ми изгледа бесмислено директното искачување на сите шест Вајолет Кули ако при тоа треба да се постави јаже помеѓу два врва – да се движите 80 метри во воздух. Каде е вредноста на симнувањето по јужната страна на Мармолада, од кулите Винклер или Делаго, низ Шмит каминот или гребенот Копфторл ако сите технички тежини се поминуваат со висење на јаже? При качувањето нагоре помош со јаже од горе се смета за табу – но тоа што е правилно за при качувањето мора да важи исто и за симнувањето! Не и била одземена невиноста на една планина ако сте се качиле нагоре слободно, а надоле не – баш напротив! Би сакал да бидам јасен во тоа, но при тоа да не фрлам антагонизам на секој кој било кога абзелувал (И јас сум го правел тоа): Дали се гони жртвата на грабежот е или крадецот?

Истото важи и за клиновите! Не треба да кажувам дека нивното користење како стојалишта е неоправдано, но каде е разликата помеѓу целосно обезбедени насоки како со кабли и обезбедување кое се појавува на тешки детали со клинови ковани на секои 5 метри? Не ги разбирам ниту чувствата ниту вредноста на постигнувањето ако некој се истегнува нагоре по карпата. Дури и јас самиот некогаш сакав да „освојувам“ издигнувачки кули натоварен со секаква железарија по џебовите, но станав свесен дека тоа е целосно неспортско однесување и нечесност при тие мои почетоци.

Најчудните делови во насоките беа „направени“ со помош на јаже и клинови: луѓето се нишаат по мазните плочи натаму-наваму и цели планини се качуваат со разни маневри, замки заврзани околу клиновите се користат како фаќалишта или држачи на рамнотежа... А сепак искуството покажало дека тие делови може да бидат поминати во слободен стил, а ако не можат, тогаш подобро е веднаш да бидат оставени на мир. Клинот стана средство за искачување на планините, а тоа не треба да е така. Не сакам ова да се разбере како моја љубов за опасност, што до некоја мера е присутна кај секој денешен алпинист. Сепак сметам дека идејата „ако паднеш, ќе виснеш на јаже 3 метри“ е со помала етичка вредност од чувството: „ако паднеш, ќе загинеш!“ Ако некој сака да прави гимнастика на стрмни ѕидови со апсолутна сигурност, со три јажиња на себе или пак мрежа за безбедност под него, тогаш тој треба да си остане дома или пак да ги покажува своите способности во гимнастички клуб. Исто така ако некој не може да искачи нешто без да постави обезбедување – од алпинистичка и спортска гледна точка – не би требало воопшто да почне да го прави тоа искачување. Сметам дека како прв во наврската би требало да поминам такви тежини и опасности (со исклучок на објективни опасности како креваси на пример) какви што би можел да ги поминам со исто чувство – качувајќи соло. (Ова се однесува за секции кои се возможни да бидат искачени соло! Правење човечки пирамиди сметам дека е на границата помеѓу техничко и слободно качување.)

Не ми е намерата целосно да го одбивам користењето на јаже. Не можам да го дискредитирам ова најважно техничко помагало на денешните алпинисти. Сепак сметам дека во последно време и со него се направени неколку лоши работи. Колку ризични маневри често се изведуваат од првите во наврската само поради тоа што тие се на јаже. Сметам дури и дека во моменти на најголема опасност, одржувањето на силна врска помеѓу двајцата качувачи преку јажето е неетичко и необмислено. Сметам дека кога првиот во наврската е во некоја лоша позиција, а вториот е на лошо сидриште на кое не може добро да обезбедува, тој треба да се одврзе од јажето и со раце лесно да го држи јажето што оди кон партнерот над него. Тоа е човечно и логично. Тука е фактот дека секој живот кој може да се спаси – треба да се спаси, тука е фактот дека е бесправно и бесчувствително во случај на пад да го повлечеш и твојот пријател надоле со тебе... Колку вакви двојни падови можеле да бидат избегнати ако ова се применувало? Вината лежи во довербата во наврзаноста на јажето и клиновите и тоа е без стил, необмислено и неоправдано.

Обезбедувањето на водачот би требало да биде начин како се олеснува качувањето, но не и единствениот начин како би било возможно да биде искачена насоката. Само тој кој може да качува со ваква основа може навистина да се нарече „самостоен“! Не само што е важно дека некој „се“ качил и симнал од некоја планина туку важно е и „како“! Кога некој коњ ќе почне да галопира за време на оседлувањето, тој ќе биде дисквалификуван поради тој „нечист“ став. Значи го тераме ирационалното животно да има чист стил, а треба сé да им се дозволи на алпинистите кои можат сами да размислуваат? Стилот во алпинизмот и качувањето е барање до сите алпинисти и качувачи. Ако тоа барање биде исполнето – тогаш сите напади ќе бидат замолчени.

Со овие забелешки немав намера да правам невозможни барања. Многу лоши навики цврсто се имаат вкоренето кај нас и нема да можат да бидат надминати со еден удар. Мислев само да прикажам неколку забелешки кои ќе најдат плодна почва во следните генерации.

Се надевам дека тие ќе пристапат со тежнение за хипер-модерна качувачка техника, која ќе биде екстремна и која ќе се одвои од алпинизмот од минатото со голема разлика. Не би сакал тоа да биде зачнато безусловно... Верувам дека носам враќање кон занемарениот алпинизам од најчист стил, кон алпинизмот на чија цврта подлога верувам дека стојам со тело и душа.“

Реакции...

По овој текст, Пројс предизвикува силно растресување во алпинистичките кругови и е „нападнат“ од современиците Џовани Батиста „Тита“ Пиаз, Франц Ниберл и Пол Јакоби – јавно преку текстови, кои пишуваат како традицијата била таква, како таквото проповедање на Пројс ќе ги носи идните генерации во поголема опасност (како клиенти, како недоволно подготвени млади качувачи)...

Продолжението на дебатата го претставувам со одговорите на Пројс на овие напади преку кои се познаваат ставовите на гореспоменатите:

Октомври 1911г.
(Одговор кон Тита Пиаз)

„...Да се оправдува употребата на технички помагала споменувајќи го историскиот развој на алпинизмот, како што Пиаз би сакал, значи дека постои неразбирање на историските факти. Проблемите со кои се сретнувале нашите претходници биле сосема различни и да се повлекуваат некакви паралели со користените средства за поминување на техничките проблеми е невозможно...

Пиаз и самиот се противи на употребата на клиновите како „скали“ и ги прифаќа само во случај на обезбедување, но во своето потсмевање на насоките маркирани со голем број клинови тој заборава дека скоро секогаш тие биле користени за обезбедување! Каде тогаш се повлекува линијата помеѓу разумно и прекумерно ковање клинови? Инцидентно тој со одбивањето на таквите „клинести насоки“ несвесно ја покажува и својата аверзија кон таквите операции во уметноста на качувањето...

Тоа што Пиаз ја напаѓа практичноста во мојот став дека сé што било искачено слободно, може и да биде симнато не ме изненадува. Тој и покрај своите неверојатни качувачки способности за жал (како и сите други качувачи во Доломитите) стекнал навика да абзелува преку секој малку потежок детал. Симнувањето сепак може да биде научено исто како и качувањето...

Неговото најсериозно обвинување го чував за крај: тоа дека со мојата теорија сум ги носел сите други во поголема опасност! Дали употребата на технички помагала секогаш е толку безопасна? Колку падови сведочат за лошо заковани клинови? Колку жртви се резултат на лошо абзелување?.. Сепак не ми паѓа на ум да им се наметнат вакви спортски мотиви и амбиции и на професионалните водичи. Тие би платиле со своите тела поради чудните амбиции на клиентите да ги прават најтешките насоки на сигурното јаже од водичот. Водичите се жртви на својата професија и тие би требало да овозможат најголема безбедност. Во тој случај таквото искачување нема никакво алпинистичко значење и спортска вредност... 

Дали Пиаз целосно ги заборава сите млади (понекогаш и стари) качувачи кои ги гледаме секоја Недела на излетничките места покрај Минхен и Виена кои слепо им веруваат на клиновите и гуртните за абзелување, ги качуваат најтешките насоки без да им бидат и малку еднакви и без да знаат правилно да ги користат алатките кои ги имаат во џебовите? Тие качувачи треба да бидат научени дека треба да си ги чуваат своите амбиции во рамките на своите способности, да стојат онолку високо согласно нивниот интелект и технички тренинг – и не пониско или повисоко...

Сите тие кои качуваат нагоре без да знаат да се симнат надоле, ќе се задоволат со скромни врвови, ќе научат да се симнуваат исто како што се учи да се абзелува! Границите на нивните способности се несигурни и повеќето качувачи си градат замоци во воздухот поради сите технички помагала поради тоа што нивна разумна употреба е најредок случај...“

Декември, 1911г.
(Одговор на Франц Ниберл)

„...Ниберл и самиот го одбива освојувањето на карпите со клинови и претераното абзелување. Но дали може да ја одреди линијата помеѓу рационалното и прекумерното? Тој вели дека абзелува само преку „кратки“ делови, дека освојува „кратки“ делови со клинови, но каде завршува тоа „кратко“, а каде почнува „долгото“? Само еден метар кој не може да биде искачен според мене е бесконечно долг. Природата со тоа на нас луѓето ни ставила граница чие надминување би значело да користиме нешто повеќе освен нашата сила.

Фактот што Ниберл најмногу се осврнува на опасноста во моите теории, покажува колку малку тој навлегол во духот на тоа што јас го барам. Навистина би бил „ладнокрвен монструм“ ако од алпинистите барам да „загинат во убавината“. Тој вели: „...еден мизерен клин би бил доволен да го спаси неговиот живот и поддршката на неговата фамилија.“ Јас би прашал дали било неопходно да се дојде до таа ситуација? Многу алпинисти и тоа алармно многу загинаа во последните години освојувајќи тешки технички детали. Но дали барем еден од нив го имал етичкото и спортско чувство да не се оди нагоре тоа што не може да се симне? Дали Ниберл верува дека мнозинството алпинисти знаат подобро да се справуваат со јажињата и клиновите отколку со самите себе? Ниберл вели со цел техничките средства да бидат користено „разумно“ алпинистот веќе би имал стекнато совршенство. Во таков случај тие алатки и не би биле потребни поради тоа што тоа значи би можеле да ја одредите границата на вашите способности...

Не би требало кога некое качување станало претешко за нас со цел да го поминеме, да се обесиме не некој клин слепо верувајќи му. Повеќе кога надворешните услови ја намалиле нашата сила и самодоверба за методично искачување на насоката – тогаш клиновите и јажето може да бидат сигурност при тој стрес... Да се корегира сопствената несигурност со закачување на клин при секоја ситуација и да се нарекува таа процедура „одржување безбедност“ е голема грешка. Тој принцип не е безбедност, туку обезбедување. Со технички помагала скоро сé може да биде постигнато!...

Признавам дека симнувањето е потешко, но само поради тоа што луѓето не се навикнати на тоа и затоа што не го учеле тоа. Сигурно е полесно да се симне некој дел откако претходно бил качен. Но дека постојат и делови кои биле можни да се искачат, а не и да се симнат – за тоа сум и јас сведок...

Етичката состојба за тешките насоки не се состои од физичките способности или качувачки вештини туку од едукацијата на интелектуалната и морална основа на алпинистот и тренингот на неговите мисли. Денес планините ги мразиме и се бориме со нив со секакви средства, но ќе научиме повторно да им се плашиме и да ги сакаме!...“

Јануари, 1912г.
(Одговор на Пол Јакоби)

„Не бев разбран... Не се смениле алпинистичките проблеми од времето на нашите претходници, туку начинот на кој гледаме на тие проблеми.

Причината за битка против овие тези ми е многу јасна. Следењето на моите принципи ми изгледа дека ќе значи паѓање од една достигната, но фиктивна височина на релативна изведба и многу луѓе кои некогаш качиле насоки на нивниот стар начин – денес би чувствувале проблеми со својата совест. Секако дека откажувањето од одредена достигната височина е тешко. Ова ние алпинистите секако многу добро го знаеме, но исто така и милионерот кој одеднаш треба да прифати поскромни услови за живеење. Не сакам да им застанам на патот на „старите“ и да ги натерам да прават работи кои или нема да верувааат дека се способни да ги направат или ќе ги засрамат (или ќе ги направат поскромни). Сепак во време кога не само теоретските расправи, туку и зависта и љубомората како и лошата проценка на личните мотиви ја попречуваат инфузијата на нови идеи, ме прави задоволен тоа што не само неколку „стари“ кои размислуваат, туку и многу „млади“ се колнат на моето знаме. А ако некој ни го нафрла тоа дека ние „младите“ ги буткаме во опасност, тогаш на тоа би го кажал следново: ќе знаеме како да ги едуцираме да станат алпинисти, а не трговци на благородната уметност наречена алпинизам; алпинисти, а не крадци на проблеми и рекорди...“

На оваа тема:

- Основните 6 принципи на Пројс;

- Текстовите во дебатата за клинови

Copyright © Alpinizam.org