Матка
Кратките насоки покрај Св. Никола
Ви ги претставуваме кратките насоки на Матка во близината на манастирот Св. Никола – Шишевски. Овде денес најчесто качуваме – дали со пријатели кои сакаат да пробаат што е тоа качување, со почетници, ние самите си правиме некој наш тренинг кога сакаме малку порелаксирано да си поминеме во прекрасната природа... На сите нив всушност и ние имаме почнато да качуваме пред да влеземе во подолгите насоки, учејќи ги и повторувајќи ги основите на алпинизмот.
Камините
Во непосредна близина на манастирот се наоѓаат две многу популарни линии: Мал Камин (IV-) и Голем Камин (V+). Мал Камин е фантастичен вовед за почетници, а Голем Камин веднаш до него за тие кои подбуцнати од инспирацијата сакаат да си покажат дека можат и потешко или пак дека ќе им треба сепак малце повеќе тренинг.
Мал Камин е левата, а Голем Камин е десната линија на фотографијата. |
Високи се 20-тина метри и имаат како и сите вакви вежбалишта горна точка со карабинер со матица на која се поставува „топ-роуп“ систем за обезбедување. Секогаш ние си поставуваме барем уште една точка под оваа како дополнителна безбедност. Никогаш не оставаме само една точка. Игор и не им верува многу на тие експанзиони клинови...
Во минатото, на Голем Камин качувавме поминувајќи го превисот и точно тие движења беа „деталот“, но сега со поставените карабинери (скоро) на почетокот на превисот, го нема „шмекот“ на тие движења (виснувањето на една рака)... Сепак можеби има оправдување во поставувањето на обезбедувањето толку ниско поради тоа што се создаваше многу триење над превисот, а потоа и дополнително преку врвот на забот (има два клина на врвот ако некој реши да пројде до горе - или може да се отиде до горните точки на Мал Камин)...
Дилфер
Малку на страна, но сепак многу блиску до манастирот е Дилферот (IV). Тоа е помала карпа на која има интересен детал – пукнатина. Интересна е од два аспекти. Прво – на нејзе може да се вежба качување во чист стил, т.е. качување со поставување френдови и чокови и второ – на нејзе може да се качува како што и самото име кажува, користејќи ја техниката „Дилфер“. Тоа е техника во која држејќи се за пукнатината свртени со едната страна на телото кон карпата, се качува на начин во кој со нозете „се бутка“ кон едната страна, а со рацете “се влече“ во спротивната страна на пукнатината...
Од десната страна на „Дилфер“ пукнатината има малку потешки линии – во средината по плочестиот дел и скоро на крајниот десен дел каде се следи една потесна пукнатина во која има поставено клинови... Обезбедувањето на ова вежбалиште се прави со правење систем од клиновите на врвот – ги има 4 и се комбинираат по потреба...
Нина Вертикала и Џамбо Џет
Движејќи се по патеката од Св. Никола надолу кон езерото, во еден момент (ќе се потрудиме да го означиме во блиска иднина) има одвојување од таа патека во десно, каде на само 20-тина метри се издигнува прекрасен столб со релативно стабилна и мазна карпа. Овде се наоѓаат почетоците на неколку насоки.
Кратки насоки: Нина Вертикала (VI) и Џамбо Џет (VII+) се издигнуваат во средишниот дел на овој столб. Високи се по околу 25 метри и завршуваат со карабинер (систем од два експанзиони со ланец). Повторно – ние секогаш оставаме кога качуваме барем уште една точка (комплет на клин).
кратки насоки: лева црвена линија: Нина Вертикала, десна црвена линија: Џамбо Џет, долги насоки: бела линија - Нина, сина линија - Борник, жолта линија - Фифи Клин |
Долги насоки: Лево од кратките насоки уште од самиот почеток движејќи се лево дијагонално (кон левиот раб на столбот) се издигнува првата должина на насоката „Нина“ IV (IV+). Првото сидриште на оваа насока е 10-тина метри над столбот и по поминување на тревести должини влегува во последните 2 должини во плочи (детали за овие долги насоки ќе објавиме подоцна - сега за сега само да ги лоцираме...)
„Борник“ III+ (IV-) и „Циги“ III+ (IV-) се насоки кои започнуваат на карпата десно од овие насоки. Првата должина на Борник се движи по средишниот дел, а Циги по десниот раб (во близина на дрвата)...
Нина/Џамбо Џет (црвен круг) и Камините (бел круг) во однос на манастирот Св. Никола |
|