Таванот и „МАХЕ“ (VI)
- Игор Т. (10.05.2009г)
Карпите покрај Радика ги гледавме секоја зима кога одевме да качуваме на мразеви таму, но никогаш разговорите околу тоа колку можности има во овој дел и за качување на карпа – не сме ги претворале во конкретна акција.
Оваа зима го видовме „Таванот“. Веројатно сме го виделе и порано, но дали овој пат се работеше за светлината во која го видовме (некако ептен изгледаше моќно, величенствено...) или за нешто друго не знам – овие неколку месеци што изминаа – не можевме да го извадиме од глава. Бевме реални во однос на поминувањето на „баш таванот“ на Таванот, меѓутоа имаше една пукнатина која одеше во лево под него која ни изгледаше изводлива...
Таа пукнатина и секако другите карпи кои се видливи од патот често ги мислевме и де овој викенд, де оној – дојде Мај. Првиот обид да направиме искачувања овде го имавме на 1-ви Мај. Но – традиционалниот дожд на овој празник ја направи карпата многу негостопримлива и се откажавме – а бевме влезени 5-6 метри во неа... Овој викенд временската прогноза беше добра и решивме повторно да одиме во тој правец.
Каде е Таванот: На патот кој од Маврови Анови оди кон Дебар, од браната на точно 10,5 километри во десно има издвојување за селата Рибница и Нистрово. Таванот се гледа од патот: во шумата десно од него – преку реката.
Пристап до него: Откако ќе тргнете по патот кој се издвојува за Рибница, се поминува првиот мост на реката и на 20-тина метри после него има место од двете страни на патот каде да се остави колата (пред вториот мост). Овде во десно има патека која ги следи бандерите од другата страна на реката. Кога ќе се дојде некаде под Таванот, по сипарот и низ ретката шума директно нагоре лесно се стигнува до карпата. Од колата до под карпа се стигнува за околу 20-тина минути.
МАХЕ (IV-/VI, 100м)
Први качувачи: Игор и Весна Талевски
Датум: 9-ти Мај 2009год.
Оцена: Првите две должини се IV-, последната VI. Првите две должини може да се поминат и како една долга (ако се постави внимателно обезбедување да нема триење) – од околу 50м, а последната должина е околу 50м.
Опис: Забележителната пукнатина во Таванот која оди дијагонално во лево под него. Пристап: види погоре во описот на пристапот за Таванот, а симнување: околу 30 минути од врвот по сипар
Обезбедување: во насоката нема оставена опрема. Помината е во целосно чист стил со френдови од сите големини, но и реално поради квалитетот на карпата и нема можности за ковање на клинови...
Насоката е именувана „МАХЕ“ и тоа е кратенка за Македонски Алпинистички Хималајски Експедиции. Посветена им е на сите македонски алпинисти кои учествуваа во подготовките и експедициите во Хималаите кои завршија со „МАХЕ Еверест 1989“ во која на 10-ти Мај 1989 год. Димитар Илиевски – Мурато се искачи на врвот на Еверест... Со благодарност за нивната инспирација!
Опис на првото искачување:
Колку и да сакавме каминот кој во горната половина станува пукнатина да го поминеме целосно – т.е. влегувајќи во него од доле, тоа некако не беше возможно. Не дека не е можно, меѓутоа ако некој сака тоа да го направи, ќе треба да качува без обезбедување 20-тина метри по крајно ронлив терен кој како да е направен од купче плочки кои само се вадат и вадат и вадат...
Решивме да тргнеме од лево преку таа бариера и директно нагоре (повторно качувајќи крајно внимателно) стигнавме до дрво на кое го поставивме првото сидриште. Од овде по околу 20 –тина метри стигнавме до друго дрво кое беше на висина на која каминот се стеснува и станува пукнатина и повторно направивме ново сидриште бидејќи од тоа место до крајот на насоката проценивме дека има цела должина на јаже (има околу 50 метри).
Оваа последна должина ја следи пукнатината во целост и единствена можност за поставување на обезбедување (како и во првите две пократки должини) се френдови во сите големини. Ние сакавме да качуваме целосно во чист стил, но и реално кога некој би земал клинови – не би имало можност да ги искористи. Теренот и овде е ронлив, меѓутоа со заглавување на рацете (од тупаница па сé до подлактица) во пукнатината, останува да се чисти теренот пред вас за да се најде добро место за застанување со нозете и сé е во ред... Најтешкиот детал е при самиот крај на пукнатината кога се заглавуваат рацете доста длабоко во неа и со деликатно пречење во лево и дијагонално нагоре на мали (и проверени) стојалишта се дофатува подобро фаќалиште што повисоко.
Бев пресреќен што го поминав овој најтежок дел многу фино и останав така на посигурно место неколку секунди да земам воздух, а потоа крајно фокусирано (немаше каде да се постави друго обезбедување, а теренот е во целост сомнителен) продолжив до излезот...
Кога дојде Весна до мене изброивме 12 поставени френдови во оваа должина. Тоа се должеше и на фактот што на 2 места имав ставано и по 2-3 френда поради сомнителноста на пукнатината која некаде не е формирната од два стабилни ѕида туку и од лушпи или пак места каде пукнатината се шири/стеснува...
Првите должини (од околу 40м и околу 20м) може сигурно да се поминат во една т.е. може да се постави едно сидриште на висина каде почнува „баш“ пукнатината и така насоката да се помине во 2 должини.
Насоката е помината во чист и слободен стил...
Забелешка: Кога теренот би бил почист (ронливост и мов) сигурно би можел да се помине и каминот. Единствен начин за обезбедување во тој дел би биле френдови и чокови (или кајли ако некој преферира клинови) длабоко во пукнатината во каминот, бидејќи двата ѕида кои го формираат се мазни и без пукнатини... Места за поставување обезбедување овде има на поголемо растојание...
„Баш“ Таванот е исто така изводлив. Барем така мислам. Повторно размислувам од аспект на чисто поминување. Има една пукнатина која оди малку во десниот дел и стигнува под таванот на место каде има лушпа преку која (ако е доволно цврста) може да се дофати нешто преку него. Веројатно... :)
Има и други работи блиску до оваа карпа – камини и пукнатини кои како змии се издигнуваат нагоре... Не многу високи – една должина па и пократки меѓутоа многу примамливи...
|