Други текстови за Димитар Илиевски - Мурато:

- Дел од спортска биографија и признаинија;

- Димева насока IV/VI (VI+);

- Медал за заслуги за Македонија

Share

Димитар Илиевски - Мурато

Дел од спортската биографија и добиени признанија:

-Македонски Спортски Великан

Роден во Битола во 1953 година - алпинист од ПСД „Пелистер“ од Битола (каде се зачленува во 1968 година).

Некои планинарски искачувања: Кораб, Титов Врв, Љуботен, Пелистер, Солунска Глава, Кајмакчалан (Македонија), Вихрен, Маљовица, Мусала (Бугарија), Олимп (Грција), Маглиќ (Босна), Ѓеравица, Копаоник (Србија), Дурмитор, Комови (Црна Гора)

Димитар Илиевски - МуратоСептември/Октомври 1977год. Доломити, Италија: Мармолада (3342м), Словенија: Триглав (2863м), Шкрлатица (2738м), Јаловец (2643м),

25.07.1979год. - Монт Блан (4808м)

Јули/1980 год. - Матерхорн (4478м) - достигнати 4000м

14.08.1981год. - Матерхорн (4478м)

17.08.1981год. - Дуфоршпиц (4634м)

20.08.1981год. - Монт Блан (4808м)

Како врвен алпинист, стандарден член е на сите македонски алпинистички експедиции од 1982 до 1989 година:

-Македонска алпинистичка експедиција „Анди ’82“

-Македонска алпинистичка експедиција „Памир ’84“

-Македонска алпинистичка хималајска експедиција „Манаслу ’86“.

-Македонска алпинистичка хималајска експедиција „Мт. Еверест ’89“.

Се искачи на врвот на светот, Монт Еверест (8848м), на 10-ти Мај 1989 година. Покрај Монт Еверест ги има искачено и Јужниот (6768м) и Северниот врв на Хуаскаран –1982 година, Пик Комунизам (7495м) – 1984 година, Јужното Седло на Манслу (7350м) – 1986 година и алпинистички насоки во Европа, Америка и Азија.

За резултатите постигнати на полето на алпинизмот носител е на:

-Награда „4-ти ноември“, денот на ослободувањето на Битола, 1979 година

-Златни значки на Планинарскиот сојуз на Македонија за 1980, 1982 и 1984 година

-Орден „Заслуги за народ со сребрена ѕвезда“, 1984

-Спортист на годината на Битола, 1984 и 1989

-Награда „25-ти Мај“, 1989

-Спортист на годината на Македонија за 1989г.

-Признание за учество во експедицијата Мт. Еверест 1989, Собрание на град Скопје

-Македонски спортски великан 1989, Македонски Олимписки Комитет

-Орден „Заслуги за народ со златна ѕвезда“, 1989

-Награда „11-ти Октомври“, 1990

-Признание „Подвиг на векот“, Општина Битола, 1999

-Спортист на годината 1999 и спортист на 20-ти век, весник „Скок“

-златна плакета „Спортист на столетието“, 1999, сојуз на спортови на Битола,

и повеќе други признанија и дипломи

Димитар Илиевски – врвот на македонскиот алпинизам

Иако има поединечни податоци доста пред тоа (во текот на 30-тите години), организираниот алпинизам во Македонија датира од 50-тите години во минатиот век. Алпинизмот кај нас бележи брз подем и го достигнува „златниот период“ во 80-тите години во минатиот век. Нивото и квалитетот на македонскиот алпинизам достигна висина неопходна за организирање на најтешки и најкомплицирани алпинистички потфати. Во периодот од 1982 до 1989 година беа организирани четири експедиции на врвови над 6500 метри, а Димитар Илиевски беше стандарден член на сите четири.

На првата Македонска алпинистичка експедиција „Анди ’82“ тринаесет од вкупно петнаесет членови го искачија источниот гребен на Хуаскаран (6768м) во Јужна Америка. Димитар покрај тоа заедно со Благојче Лазаровски, Слободан Јовановски и Ѓорѓи Костовски го искачи и Северниот врв.

На втората Македонска алпинистичка експедиција „Памир ’84“ четири од вкупно шест членови ја искачија источната карпа на Пик Комунизам (7495м). Димитар беше еден од нив, а потоа заедно со Ѓорѓи Костовски изведе драматично и опасно, ноќно спасување на двајца австриски алпинисти на височина од 7200 метри.

На Македонската алпинистичка хималајска експедиција „Манаслу ’86“ Димитар заедно со Слободан Јовановски и Борче Јовчевски ја достигна височината од 7400 метри во првото повторување на Полската насока во опасната источна карпа на Манаслу (8167м) по излегување на Јужното седло.

На Македонската алпинистичка хималајска експедиција „Монт Еверест ’89“ Димитар заедно со придружните членови Стипе Божиќ и Вики Грошељ и Шерпасите Сонам и Аџива, го развеа македонското знаме на врвот на светот – Монт Еверест (8848м) на 10-ти Мај 1989 година.

За Македонија успесите на Димитар Илиевски се уште позначајни што се постигнати во наши, македонски експедиции...

 

На сертификатот издаден од Кралската Влада на Непал т.е. од Министерството за туризам и цивилно воздухопловство пишува:

„Со ова се потврдува дека Г-динот Димитар Илиевски - Диме од Македонија, Југославија, успешно се искачи на 8848 метри високиот Монт Еверест во 1989 година во пролетната сезона, како дел од Македонската Експедиција на Еверест водена од Г-дин Јован Попоски од Македонија, Југославија...“

 

Податоците се превземени од пригодниот плик кој беше издаден во чест на Димитар Илиевски – Мурато под покровителство на МОК, Општина Битола, „Картофил“ – Македонија и Македонската Алпинистичка Асоцијација и од книгата „Од Пелистер до Еверест“ од Илчо Белџигеровски. Фотографиите се од Стипе Божиќ

 
Copyright © 2005 Alpinizam.org