Интервју со Слободан Јовановски – Боби
„На Андите заминаа најдобрите“-извадоци од интервјуто направено за списанието „Корав“ во издание на ФПСМ
Да започнеме со основните податоци поврзани со твоите планинарски и алпинистички почетоци.
На планина се движам многу одамна. Во почетокот тоа беше неорганизирано, како што најчесто младите кај нас заминуваат на планина. Потоа во 1980 година се зачленив во Планинарското Друштво „Драчево“, а со алпинизам почнав да се занимавам во 1981 година, кога беше формирана алпинистичката секција во Друштвото. Кратко време по тоа, мислам дека по враќањето од Андите во 1982 година, станав член на Алпинистичкото Друштво „Матка“ од Скопје.
Каков беше односот на тогашните инструктори кон почетниците? ...Мојот почеток во алпинизмот се поклопи со почетокот на подготовките за експедицијата „Анди 82“, кога имаше многу заинтересирани кандидати – мислам на број околу 120. Јас бев нов, а меѓу кандидатите имаше и многу поискусни од мене, но не бев запоставен од страна на иснтрукторите... Без квалитетна инструкторска работа сигурно немаше да го постигнеме тоа што го направивме тогаш, а и подоцна...
Кажи нешто околу селекцијата за експедицијата на Андите во1982 година.
Селекцијата беше главно на самите подготовки. Цело време работевме без празнини и се знаеше кој колку е подготвен... Оние кои насетија дека не се во состојба да ги следат подготовките, сами се откажаа. Тврдам дека тимот кој замина на Андите беше составен од луѓето кои покажаа најголем интерес на подготовките, но и најдобри резултати. Немаше пропусти во смисла на неправди. Можеби имаше уште еден-двајца кои заслужуваа да заминат, но со оглед на ограничените средства, немаше таква можност.
Ти беше најмлад учесник во таа експедиција. Како се чувствуваше, гледано од тој аспект?
По природа сум одговорен, па бев подготвен да го дадам својот максимум за да ги оправдам очекувањата и довербата што ми беше укажана. Го постигнав максимумот на таа експедиција. Во рамките на експедицијата беа искачени три врва: Чопикалки 6345м, Јужен Хуаскаран 6746м, Северен Хуаскаран 6655м и само четворица се качивме на сите три врва. Тоа бевме јас, Диме (Димитар Илиевски – Мурато), Ѓока (Ѓорѓи Костовски) и Благојче (Благојче Лазаревски – Бале).
По кој распоред ги качувавте врвовите?
На Чопикалки се качивме најпрвин заради аклиматизација. Потоа се качивме на Јужен Хуаскаран и на крајот на северниот врв...Тука на почетокот се качувавме по американската насока, но имавме проблеми со теренот, па затоа го сменивме планот и решивме да го качиме врвот по Западниот Гребен...
Би сакал да се задржиме малку повеќе на Манаслу. Како изгледаа подготовките за таа експедиција?
...Работевме со напорен ритам и претпладне и попладне. Ако направев само еден ден пропуст, чувствував дека тоа негативно ќе се рефлектира за време на самата експедиција. Во подготовките правевме и алпинистички и општофизички тренинзи. Подготовките главно се одвиваа низ домашните локалитети, а зимно време Лешница беше задолжителна...
...Ти заради твоето учество во експедицијата го загуби работното место
Тоа покажува колку бев подготвен да се посветам на оваа експедиција. Знаев дека ме чека предизвик поголем од претходните и сакав максимално да се подготвам. Тоа беше дел од исполнувањето на смислата на мојот живот... Таква шанса барем за нас во Македонија се укажува само еднаш во животот. Тоа беше дел од моите идеали... Тоа беше тоа како замислував дека треба да изгледа мојот живот.
Колку нашата планинарска и алпинистичка јавност успеа до ден-денес да ја сфати вистинската димензија на оваа експедиција?
...Сите нé прашуваа дали го сметаме тоа за успех бидејќи не успеавме да го искачиме врвот. Јове (Јован Попоски, водач на експедицијата) во една пригода рече: „Искуствата со коишто се здобивме изведувајќи ја оваа акција под вакви услови, се многу оголеми отколку дури и половината од нас да се качеа на врвот по убаво време.“ Не сфаќа секој што значи тоа.
Многу од луѓето кај нас Манаслу го ценат само како точка висока 8156 метри, но дали воопшто знаат каква насока качувавте вие?
Сметам дека малкумина го знаат тоа. Условите беа многу лоши, а теренот беше технички тежок. Во дневникот на полската експедиција која ја качи оваа насока, пишуваше дека од нашиот последен логор до врвот им биле потребни помалку од два дена, се разбира во добри временски услови. Ние во последниот висински логор останавме приковани десет дена.
...Во последниот висински логор на 7480м престојувавме без кислород, во период од околу десет дена, во многу лоши временски услови. И покрај исцрпеноста во себе чувствувавме резерви да го направиме последниот обид кон врвот но во тоа имаше и извесен ризик, па од Комитетот за алпинизам и експедиции од Скопје, со кој бевме во постојан контакт, ни јавија да се вратиме долу.
Што мислиш за генерацискиот и експедицискиот дисконтинуитет во македонскиот алпинизам?
Неоспорно е дека постои дисконтинуитет. За тоа има повеќе причини, од немање финанскиски средства, ситуацијата во регионот сега и во изминативе години...Со годините човек чувствува дека и покрај желбите не може да му посвети повеќе внимание на алпинизмот, пред сé поради егзистенционалната трка. Денес не можам да си дозволам да излезам од работа, како некогаш.
Сметаш ли дека ќе успееме во напорите да направиме институција во македонскиот алпинизам која ќе биде општествено призната и поткрепена?
Ако се формира еден заеднички фронт може да се најде начин и во овие тешки времиња да се продолжи со континуитетот на сите претходни акции... Не треба да се престане со активност и залагањаво насока на врвни акции иако во вавки услови тоа е многу тешко. Треба да се смени односот кон она што значи квалитет, правилна насоченост, едукација. Со тоа ќе формираме здрава атмосфера што е предуслов за остварување на сите замисли и идеи. Ни недостасува компактност... |