Други текстови од/за Боби:

- Интервју за „Корав“;

- Средба со Боби - за алпинизмот;

- Сеќавање на Павле Козјек;

Средба со Боби - за алпинизмот

- фотографиите се од архивата на Боби

Среќен сум што имав можност да поразговарам со Боби (Слободан Јованоски) за некои моменти од периодот кога тој бил најмногу активен во алпинизмот - во периодот од 1981 до 1989 година. Тоа е и најбогатиот период од аспект на експедиционизам во македонскиот алпинизам. Убаво е да се слушне за искачувањата од минатото, за авантурите, пристапот во работата... Има што многу да се научи. Но пред сé тоа е големо богатство кое мора да се собере и зачува за нас и за генерациите македонски алпинисти кои допрва ќе дојдат. Без својата богата историја македонскиот алпинизам тешко ќе застане на цврста основа и сите ние мора да се трудиме да ја негуваме.

Разговорот всушност од моја страна се сведе само на слушање. Не сакав да го прекинувам иако од време на време имав по некое прашање. Ми кажуваше за неговите почетоци, за подготовките во големите експедиции од тој период, за колегите, за првенствените насоки...

Боби почнал да качува во 1981 година и многу брзо се докажал и го заслужил своето место во експедициите заедно со постарите и поискусни алпинисти... Вели пред сé тоа се должело на неговиот пристап кој се заснова на целосна посветеност кон подготовките. Како дел од подготовките за познатите македонски алпинистички експедиции на Анди, Памир, Хималаи од тој период, во разни циклуси тој качувал на разни локалитети и на мене најинтересни ми беа искуствата при искачувањата на кулоарите и карпите на Лешница, првенствените насоки на Демир Капија кои ги прави со Борче Јовчевски и Ѓорѓи Костовски, првенствените насоки на Матка искачени заедно со Јован Попоски („Матка - десна варијанта“, „Панчев“, почетокот на „Тани“...), искуствата при качувањето со Павле Козјек (на Матка и првенствена насока со него на Солунска Глава)...

Боби ме потсети и на приказните (не ми текнува некој друг збор освен „приказни“ иако не ми звучи најсоодветно) како се подготвувале за качување на мраз – качувајќи на глината во близина на скопското Кале. Ми рече дека по тие искачувања, после тоа им било многу полесно да качуваат на мраз. Го пофали Борче Јовчевски како виртуозно ги поминувал превисните делови на оваа глина...

Сакав да слушам и за Лешница каде ми кажа дека качувале големи стрмнини користејќи фелтни за обезбедување во снегот и сврдли (навртни клинови) за мразот, но исто така како тој и други членови на подготовките влегувале и во други делови од овој локалитет – качувајќи карпа и микс терен...

Секако интересно беше да се слуша и за искуствата кои ги доживеал качувајќи заедно со Павле. Пред сé тука се искуствата при почнувањето на „К4“ насоката, пристапот на Павле кон качувањето (на пример кога заедно ја поминале насоката „Ветерански“ и како на крај Павле решил да се симне соло по „Отмар“) и секако првенствената насока на Солунска каде качувајќи во централниот дел во целата должина Павле заковал само 3-4 клина (од кој еден на барање на Боби :)..)

Потоа ми спомена за неговите соло искачувања на Отмар, Ветерански, Жежова централа, Дождовник, Нина, К2...

Многу сум среќен што имам можност дружејќи се, разговарајќи и качувајќи со личности како него, да вкусам дел од тоа време – полно со истражувачка енергија. Среќен сум што искачувањето на насоките на Матка ќе биде многу побогато искуство, со многу повеќе почит и инспирација и ќе биде некако – поцелосно. Секако имаше и многу други интересни детали од сите овие поглавја. Боби ми најави дека ќе може да напише и текст со цел да и вие наши пријатели од прва рака слушнете за „времето тогаш“.

Според мене тоа е времето на вистинскиот македонски алпинизам.

- Игор Т.

За алпинизмот

- текст на Боби објавен на сајтот на КПС „Македон“

Секој размислува, резонира, и донесува заклучоци врз основа на тоа со колку искуство и знаење располага. За интелегенцијата не би сакал да зборувам, затоа што сметам дека би навлегол во теми што би ме однеле надвор од целта што ја имам. Во секој случај, интелегенцијата е основа за извлекување поента од сето ова. Многу често, настојувајќи да објаснам, кои се моите ставови за планинарството, и алпинизмот, го кажувам она што го спомнав на самиот почеток. Бидејќи многу пати сум бил во ситуација да ме „освестуваат“, за она што го правам, дека е опасно, едно бесцелно измачување, без некоја материјална корист, каде што влогот е сопствениот живот. Според ова, излегува дека јас сум во заблуда која што трае, повеке од 25 год. А чувството на задоволство, и среќа, е една обична илузија. Имав на располаганје цели 27 год. да сфатам дека алпинизмот, е опасен спорт и активност. Свесни за сите ризици, алпинистите настојуваат максимално да ги сведат опасностите на минимум, со тренинг, сериозно планирање и анализа, и систематско акумулирање на искуства. И после се, не постои 100% сигурност, но тоа е прашање на избор. Земајќи го ова во предвид, и фактот дека секогаш постои можност нешто да се случи, секој активен алпинист, знае дека е доволен само 1% на невнимание и погрешна проценка за трагедија. А тој 1%, треба да не држи во мобилна состојба за опасностите да се сведат на минимум. Сум бил и во ситуација да ме убедуваат, дека алпинистите се потенцијални самоубијци на кои што (според еден студент на Теолошки факултет), не им следува опело, или литургија, во случај да се случи она што никој од нас не го посакува, затоа што нели, свесно го довеле во опасност, или се откажале од својот живот. А тоа претходно, дека сме потенцијални самоубијци, го имам слушнато од човек што е доктор, и активен повеќе години во психијатријата, а воедно и често го гледаме на планина. Немам друго што да кажам, освен дека сето тоа се најобични глупости. Па на светов постојат илјадници „заведени“ луѓе што се активни во алпинизмот, и доколку сите тие беа потенцијални самоубијци, ќе имавме масовен масакар насекаде во светот. Ниеден алпинист не оди во планина со цел нешто да му се случи, туку да ги реализира своите желби и планови, да се врати долу, и да ги сподели своите импресии и доживувања со сите оние што сакаат да слушаат, или уживаат во истото.

Зошто го пишувам сето ова? Затоа што сметам дека може да делува едукативно, и да ги поттикне сите оние што се пократки за некои искуства (во овој случај - алпинизмот), да размислуваат, и сфатат дека не постои дефиниција што важи подеднакво за сите, затоа што сите ние сме со различни погледи, и потреби. Некој наоѓа содржина и исполнетост во планинарството и алпинизмот, а други пак не. Тоа што за мене, и за оние со слични размислувања, може да биде од извонредна важност, за друг можеби е обична безначајна глупост. Она што мене ми остави огромен впечаток уште на самиот почеток на моите активности, е сознанието дека алпинизмот има толку јаки допирни точки со човековата потреба да истражува, да ги осознава своите лични можности и граници, и границите на својата околина,и да ги поместува напред. Тоа е оној потенцијал, и движечка сила, на која што можеме да и заблагодариме, а ја поседуваа многуте пионери и освојувачи во безброј примери од историјата на човештвото. Да не постоеа луѓе со такви размислувања, и пориви, многу работи ќе останеа неоткриени.

Мое мислење е дека планинарите се луѓе допрени од Бога. Затоа што нашле сатисфакција и исполнетост да се движат во овие простори, а тие простори не случајно од најраната историја, па и денес во некои земји, се места каде што живеат боговите. Нашето настојување, да ги поместиме границите на нашите можности, се всушност, припрема за средба со Боговите. Затоа што само оние што го сфатиле тоа, ќе имаат можност да ги споделат моментите на неизмерна среќа, што ја чуствуваме на врвот, удостоени барем за кратко, да бидеме и ние дел од просторите каде што живеат тие - Боговите.


Слободан Јованоски-Боби
26.11.2008

Copyright © Alpinizam.org