На оваа тема:

- Во сеќавање на Павле Козјек (1959-2008) - текст од Урбан Голоб, словенечки алпинист;

- Павле Козјек (15.01.1959 - 25.08.2008);

- Сеќавање на Павле Козјек (текст на Слободан Јованоски);

И уште:

- Средба со Боби - за алпинизмот;

- Етика во алпинизмот: скромност;

- К1, К2, К3 и К4 - на Матка

 

Сеќавање на Павле Козјек

- Слободан Јованоски, 13.03.2014г.

Секој оној што има искрена намера да напредува во алпинизмот, не треба да одбегнува качување на тешки насоки и треба да ја искористи секоја прилика да качува со некој што достигнал повисоко ниво и искуство во споредба со своето. Сатисфакцијата и задоволството дека сме одлични во еден изолиран круг, е погрешно доколку не се ставаме на тест до каде сме со нашиот прогрес во споредба со актуелните достигнувања и квалитет. Ова е нешто за што треба постојано да размислуваме и кон кое треба да се стремиме. Предпоставувам дека на сите нас ни се познати овие работи и јас повеќе го напишав ова како вовед во краткиот напис што следи за едно мое искуство и прилика да качувам со еден одличен алпинист, кој што беше според мене еден од најдобрите во светот. За жал... тој веќе не е жив. Уште еден пример дека искуството и квалитетот во алпинизмот не не прави имуни на несреќи со трагични последици. Секој напреден алпинист што достигнал повисоко ниво и излегол од зоната на просечност, го знае многу добро ова..

Павле Козјек 1959-2008, беше на одслужување на воениот рок во Скопје. Беше тоа во далечната 1982г. Јован Попоски ме праша дали би сакал да качувам со познат и признат алпинист од Словенија, што јас веднаш го прифатив. Моето искуство беше скромно во споредба со неговото. Зад себе имав нешто повеќе од една година алпинистички стаж. Павле беше човек што не зборуваше многу, нешто што мене одлично ми одговараше, затоа што бевме слични на некој начин што се однесува до тоа. Со целата негова резервираност и повлеченост, знаеше да изненади со многу искрено и природно смеење кога ќе слушнеше некој добар виц. Ми рече дека е во доста лоша качувачка форма поради служењето на воениот рок, но дека би сакал да проба да качува некоја нова насока на Матка. Таму заминавме заедно со Јове кој што исто така ни се придружи за да ни прави друштво и да не гледа. Одлуката падна на оној локалитет каде што се добро познатите камини и насоките што го носат името како: К1, К2 и К3.

Павле зеде нешто малку опрема и праша кој дел од таа страна на карпата не е искачен. Вниманието му го привлече еден тесен камин, кој што започнува со превис и кој што уште одоздола изгледаше дека ќе биде проблематичен поради малата можност за биење клин. Но да започнам по ред.. Оној што го посетил овој локалитет, ја знае локацијата и каде точно се наоѓа оваа насока. Знаеме дека започнува малку подесно, за потоа да се оди малку во лево за да се дојде под превисот и под влезот во самиот камин. По она што го видов на самиот старт, веднаш ми стана јасно дека се работи за исклучителен качувач. Почна да бие клин и во еден момент, иако немаше многу можност и комоција за маневар, бидејќи не му се допаѓаше позицијата за биење на клинот, се заврте со лицето према надвор и спротивно од карпата и така почна да го бие клинот. Потоа дојде до влезот на каминот. Бараше место за клин, но не можеше да најде. Тогаш тој дел беше многу кршлив и тој подолго време ги отстрануваше лушпите што висеа наде него за да го припреми влезот во насоката. Не беше задоволен од прогресот и после извесно време донесе одлука да дојде повторно следниот викенд и да не форсира со качувањето тој ден. Од таму за да го искористиме денот, појдовме да качиме нешто на нашата добро позната карпа што се наоѓа кај браната. Влеговме во насоката Ветерански. Ме праша која е оценката на таа насока. Му реков дека е со оцена 6. Беше задоволен од тоа што го слушна и сакаше да качи нешто посериозно што ќе му помогне да влези повторно во форма. Стигнавме до кутијата. Го прашав како му се допаѓа насоката. Ми одговори дека има повеќе клинови одколу што треба и дека по негово мислење реалната оцена на насоката е 4/4+ до тој момент. Потоа влезе во превисот и го помина без било каква асистенција од моја страна. Елегантно и без да ми постави било какво прашање. Беше страшно топло тој ден. Целата карпа беше усвитена од силното сонце. Се сеќавам дека убаво се намачив додека го качив превисот и дехидриран стигнав до Павле. Тој сакаше уште да качува. Погледна надолу во правец на насоката Отмар и ме праша за оценката на таа насока. Му реков дека е со оцена 4 и детали 4+ кај двата превиси и пречки. Ми рече дека сака малку да вежба симнување и дека ќе слезе од таму?? Дали си сигурен го прашав?.. Да, ми одговори.. Ќе се најдеме кај езерото рече и тргна надолу.

Не се сеќавам зошто испадна така, но во еден од следните викенди, Павле повторно замина на Матка за да си ја заврши работата што ја започна кога ние бевме заедно на локалитетот каде што се наоѓаат камините. Но овој пат со Панче Ѓоргиевски, мојот покоен другар од истиот планинарски клуб. Во една прилика кратко потоа, Панче ми раскажуваше за неговото искуство при искачувањето на насоката К4. Ми кажа дека Павле успеал да го помине оној најделикатен дел со превисот и дека продолжил нагоре со само еден забиен клин се до крајот на насоката. Кога му дошол нему редот за качување, со многу напор успеал да го помине оној најделикатен дел со превисниот дел од влезот во каминот и радосен дека најтешкото поминало, продолжил нагоре. На негово изненадување, според он што ми го раскажа Панче, горе имало уште такви моменти и тежината во ниеден момент не била помала одпредходната. Ми призна дека успеал да ја искачи насоката до крај, но со асистенција на Павле кој што му помагал со повремено затегнување на јажето. Оценката што Павле ја даде на оваа нова насока беше 6+ и таа насока не е воопшто повторена досега. Се сеќавам дека на една од припремите за следните акции, се обидовме со Диме да направиме прво повторување, но не успеавме. Она што Павле го кажа како најважно за да можат да се качуваат вакви насоки, се силните раце. Нешто на што треба да се посвети посебно внимание за сите оние што претендираат за повисоки достигнувања и квалитет...

Последното мое искуство и прилика да качувам со Павле беше на Нежиловски карпи. Заминавме со воз до Ореше и потоа се упативме во правец на карпите со цел да пристигнеме во подножјето на карпата во текот на истиот ден. Тоа лето беше навистина топло. Одсекогаш сум имал потреба да конзумирам многу течности кога е премногу топло времето. За време на одењето и пред да пристигнеме во подножјето на Нежиловски карпи, јас скоро и да ја испив целата вода што ја наполнивме по пат. Му реков малку загрижено на Павле дека слабо стоиме со вода. Тој без некоја посебна заинтересираност ми рече дека имаме конзерви со риба, дека таа содржи вода и дека нема потреба од некоја посебна загриженост поради тоа?? Па даа.. имаш право му реков, не помислив на тоа!! Следната смешна и малку непријатна ситуација беше пристигнавме под карпата и кога сватив дека не сум ја зел целата опрема за качување. Ја заборавив дома. Павле беше изненаден кога му го соопштив тоа. Што?... Ја заборави опремата? Што имаме од опрема ме запраша? Јас малку засрамен од мојот пропуст му одговорив: - имаме 10 карабинери, 5 клина и 3 гуртни. Тоа ќе биде доволно ми одговори Павле. Доволно?? Имаме во план да качиме првенствена насока на Нежиловски карпи што се високи 700 метри, со само оваа опрема? Добро.. си помислив, тоа е тоа.. Ќе пробаме да видиме како ќе одат работите. Павле тргна прв. Целото качување помина во одлично расположение и убаво време. Се гледаше дека Павле ужива во оваа активност. Многу често си свиркаше некоја негова омилена мелодија, и кога ќе наидеше на некој посериозен детал, ќе се насмевнеше и се забележуваше дека тоа му причинуваше посебно задоволство. Во еден таков момент кога дојде до еден поделикатен дел од насоката, гласно размислуваше дали да стави таму клин или не. Одлучи сепак да не стави. Јас погледнав надолу, го погледнав убаво тоа што следеше и му реков..-Павле, а да ставиш клин таму а?.. Ме изненади дека веднаш ја прифати мојата сугестија иако неговото искуство и квалитет беше многу поголемо од моето. Тој воопшто не се однесуваше надмено ниту пак дистанцирано. Да.. можеби имаш право рече и веднаш закова еден клин на тоа место. Во целата насока од 700 метри, Павле закова само 3 клина. Кога ќе дојдеше до крајот на јажето секогаш наоѓаше одлично место за да се вовлече во карпата, и да најде убаво место каде што може да осигурува. И сето тоа не беше случајно. Тоа беше само една убава демонстрација на чувство за планирање и одлична ориентација во карпа. Но бидете претпазливи.. ова не го пишувам затоа што сакам да пропагирам качување без опрема или нешто слично. Тоа е одлука што сите ние порано или подоцна ја чувствуваме како предизвик, се разбира одкако ќе достигнеме ниво на квалитет достојно за една ваква авантура. На крајот излезе дека имавме и вишок опрема. Павле ја оцени насоката со тежина 3, детали 3+. Ништо посебно тешко, но да ве потсетам дека некои од насоките што Павле ги качи на Матка и кои што беа со оцена 6, според негово мислење беа со оцена 4..4+...

Што би можел да кажам како крај за ова мое подсетување. Мило ми е што имав прилика да качувам со еден ваков исклучителен алпинист. Иако поминавме краток период на дружење, она што тогаш го научив и го доживеав, имаше навистина големо влијание во формирањето на мојата алпинистичка свест. Павле Козјек беше навистина еден посебен пример и инспирација за тоа како треба да изгледа еден комплетен алпинист. Беше способен да качува во секакви можни услови. Без разлика дали се работи за мраз, сува карпа или пак комбинација на едно и друго. Беше првиот словенски алпинист што се искачи на Еверест без користење на дополнителен кислород. Специјалност по која што беше познат дома и пошироко, му беа камините. Тука беше и остана ненадминат до ден денес. Секој оној што сака да ја почувствува оваа негова специјалност, може да ја посети и качува насоката К4 што се наоѓа на Матка. Беше активен и во атлетиката и често земаше учество на трките во маратон. Животот го загуби при обидот за искачување на нова насока на екстремно тешкиот Музтаг Тауер во Каракорам во 2008 година кога пропадна низ снежна стреа.

Copyright © Alpinizam.org