|
Eтика во алпинизмот: скромност
-20.02.2013г., Слободан Јованоски - Боби
Со мојата активност во планинарството и алпинизмот, ги доживеав најубавите моменти од мојот живот. Кога нешто толку ќе те исполни и облагороди, почнуваш да сваќаш дека покрај се’ што сме добиле, треба да возвратиме со почит и негување на некои постоечки стандарди и критериуми. Алпинизмот е прекрасен спорт и активност, но во исто време и многу опасен. Никакви курсеви и семинари нема да можат комплетно да ја елиминираат опасноста дека нешто може да се случи, но постојаното надградување и едукација ни помагаат да ја сведеме опасноста на минимум. Понекогаш слушам по некоја забелешка дека ние од постарата генерација на алпинисти, повеќе пишуваме статии одколку што пренесуваме искуства. Зарем искуствата не можат да се пренесуваат и преку пишан збор?
Постојат повеќе фактори што се пресудни како и колку ќе напредуваме во алпинизмот. Покрај она најважното: упорната и константна работа за да се помести границата на нашите можности, чувството дека наоѓаш задоволство и содржина во сето тоа, пресуден е и талентот. Се разбира дека не кажувам ништо ново. Ова е општо позната работа. Инструкторот или тој кој едуцира не може да дели таленти на курсистите. Улогата на инструкторот е покрај техничките детали врзани со оспособувањето на курсистите како да се обезбедуваат и сигурно да напредуваат, при искачувањето да им помогне да сватат дека секоја потреба од пренагласено експонирање во алпинизмот, може да биде многу штетна! Во еден разговор што го имав во 2002-рата година и кој е објавен во првиот број на списанието „Корав“, пишувам: „По 20 години алпинизам, јас сеуште велам за себе дека не сум алпинист. Титулите ништо не ми значат и бидејќи сметам дека алпинизмот е многу сериозна работа, тоа ми помага да бидам во состојба на апсолутна трезвеност и да ги сведам опасностите на минимум.“ Ова не го напишав затоа што сметам дека категоризацијата во алпинизмот не ни е воопшто потребна, туку да ставам акцент дека никогаш не смееме да заборавиме дека опасноста е секогаш тука некаде и не демне да направиме грешка во својата убеденост дека сега знаеме се’ и на нас не може ништо да ни се случи.
Секој размислува, резонира и донесува заклучоци врз основа на акумулираното искуство, интелектуалните капацитети и способноста за резонирање. Простете ако се повторувам со некои работи кои сум ги споменал и порано, но се’ додека верувам дека овие примери можат позитивно да влијаат во едукацијата на новите генерации ќе ризикувам да ми направат забелешка дека станувам досаден. Истото ова го прочитав на Фејсбук пред извесно време во многу пократка форма и во англиска верзија: „We don’t see the things as they are, but as we are.” Под влијание на разговорот кој го имав со К4 тимот, кога се потсетив на некои моменти врзани за моите почетоци со алпинизмот, направив обид на google да најдам нешто за оние кои на мене ми помогнаа да почнам да ги разбирам работите и да сватам на што треба да посветам внимание во мојата алпинистичка едукација.
Се потсетив на некои моменти и импресии со кои се будев и заспивав, им се восхитував на тие луѓе. Ме импресионираше нивната скромност, а во исто време и нивната моќ и квалитет. По огромниот успех со искачувањето на Еверест по западниот гребен, поголемиот дел од истите луѓе учествуваа во експедицијата на јужната страна на Лотце (8501м). Тој тим беше наречен како најмоќниот експедициски тим во светот во тоа време. Покрај Јован Попоски, како учесник во тимот и претставник од Македонија, имав чест да се запознаам со некои од тие луѓе, а со некои и да качувам. Петар Подгорник беше присутен на еден од семинарите за алпинистички инструктори и член на комисијата кога и јас полагав. Со Кнез Франчек се запознавме во Перу во 1982-рата година, кога ние бевме на Хуаскаран (6768м). Нивниот логор беше веднаш до нашиот. Кога беше лошо времето, секој ден ги тераше своите да вежбаат болдеринг, а потоа влегуваа и качуваа во вертикалите на Чакрараху, еден од најекстремните и технички најтешки врвови на Андите. Се обидов да го пронајдам на фејсбук – нема свој профил, туку само „Like page”. Сакав да му оддадам почит за се’ што има направено во полето на алпинизмот. За неговиот придонес во формирањето на мојата алпинистичка свест и за вистинските вредности во оваа наша активност. Отворив на google и прочитав нешто од што ми се сврти во главата: преку 5000 искачувања и повеќе од 700 првенствени насоки... Дали сте слушнале некогаш за овој човек??? Што мислите: дали овој човек има за што да пишува и раскажува? Зошто таков човек како него, со толку многу резултати и достигнувања воопшто не чувствува потреба од себе-експонирање? Верувам дека многумина од помладата генерација воопшто и не слушнале за него. Скромен до бескрај... Не можеш а да не се восхитуваш на такви луѓе!
Се надевам дека ова мое обраќање ќе биде правилно сватено и ќе делува едукативно. Не сум од тие кои лесно се предаваат, но со текот чувствуваме дека повеќе не сме во состојба да го правиме тоа што сме можеле порано. Еден ден и помладите кои очекуваат од нас и практично да ги пренесуваме нашите искуства, ќе сватат за што зборувам. Затоа, ќе се гледаме понекогаш на некои од нашите локалитети, на некои од насоките својствени за нашите можности, а во меѓувреме ќе пишуваме по некоја статија. |