Замина Павле Козјек
На 25-ти Август 2008г. Павле Козјек исчезна при обидот за искачување на нова насока на ретко искачуваната Музтаг Кула (7273м) во Пакистан.
Заедно со неговиот партнер, Дејан Мишковиќ, тие почнале да качуваат на 24-ти Август околу полноќ. По 15 часа качување стигнале на гребен на висина на околу 6500мнв. каде решиле да кампуваат поради лоши временски услови.
Следното утро ненадејно се срушила стреата на која стоел Козјек и тој паднал...
Мишковиќ преку сателитски телефон веднаш известил за случајот и неговата незавидна положба и веднаш почнале да пристигнуваат словенечки алпинисти во помош - некои од Словенија, а некои од други планини во Пакистан каде правеле искачувања.
Мишковиќ без опрема успеал да се симне до 5300м и од таму бил спасен на 28-ми Август, но Којзек не бил пронајден.
Иако сите се надеваа на некакво чудо сепак на 11-ти Септември Козјек и официјално беше прогласен за загинат.
На 17-ти Септември во Љубљана ќе се одржи комеморација. |
Во сеќавање на Павле Козјек
(15.01.1959 - 25.08.2008)
- текст на Урбан Голоб, словенечки алпинист
Кога за прв пат отидов да пробам да качувам во близината на Љубљана на еден популарен локалитет во осумдесетите години, видов како на карпата е потпрен еден жолт велосипед. Не многу далеку од него, еден качувач се движеше по карпата користејќи ги само многу малите фаќалишта. Тој едноставно не ги ни допираше поголемите кои беа основни за нас почетниците. Овој качувач беше некако посебен. Го набљудував од далеку. Тој како да танцуваше на најтешките делови од пречката. После ова го сретнував Павле многу пати додека тренирав во училиштето за качување на најголемиот клуб во Љубљана. Иако беше тивок, за време на состаноците со другите алпинисти, Павле ја исполнуваше просторијата со својата личност. Не се осмелував ниту да го поздравам. Ниту во моите најлуди соништа не можев да помислам дека еден ден ќе качувам заедно со него.
Но пред неколку години се случи токму тоа. Од тогаш качувавме заедно многу пати – како во планините така и во блиските локалитети. Исто така заминавме заедно и на две поголеми експедиции. Еднаш во едно интервју тој рече дека најмногу сака да качува со тие алпинисти кои ги чувствуваат планините на ист начин како што ги чувствува тој. Кога го прочитав тоа се почувствував горд што можам да бидам негов партнер – и пријател. Во еден друг момент се сретнав со познатиот алпинист Грег Чајлд. Зборувавме за разни работи, а кога почнавме да зборуваме за партнерите во качувањето, а посебно за во експедициите, тој рече дека се сеќаваме на нашите партнери по тоа како се чувствуваме во нивно друштво, а не по тоа што тие качиле или какви качувачи биле. Тоа го чувствував за моето пријателство со Павле.
Секако во неговиот случај, едноставно не може да се избегне импресивниот список на негови искачувања насекаде низ светот – од Словенечките Алпи до Перувиските Анди, Каракорам и Хималаите: Еверест без кислород, 2 врва преку 8000м (Броад Пик и Гашербрум 2 во 1986г.) во само пет дена, зимски бивак на Даулагири на преку 8000м без никаква опрема, нова насока на Чо Оју во помалку од 15 часа и бројни брзи соло искачувања во Перувиските Анди. Многу словенечки алпинисти сепак најмногу ги почитуваат токму неговите соло искачувања во Словенечките Алпи кои се направени по многу ронлива и сомнителна карпа.
Со неговите импресивни искачувања Павле лесно можеше да стане професионален алпинист, но тој еднаш рече дека не е заинтересиран за тоа. Тој рече дека алпинизмот бил негова опсесија за време на студентските денови, а дека сега многу ужива во неговата работа како софтвер инженер во Словенечкиот Институт за Статистика и дека на прво место е неговото семејство. Неговата сопруга е познат доктор во Словенија и триатлонец, а неговата ќерка одличен пливач. Некако Павле успеваше да најде време и за трчањето, па учествуваше во многу маратони кои тој ги завршуваше за помалку од 3 часа. За качување му остануваа само викендите, а сепак неговите искачувања беа од највисок стандард. Марко Презељ еднаш рече: „Павле успеа достоинствено да најде рамнотежа помеѓу комерцијалниот и качувачкиот пристап.“ Павле пак имаше јасен став во однос на тоа прашање: „Не сакам да се продадам за никаква цена, но немам ништо против тоа да го претставам квалитетот на качувањата кои ги правам.“
Иако беше тивка личност, Павле беше светски познат алпинист. Тој беше почитуван поради неговите визионерски искачувања и по неговиот хуманистички пристап. Природно беше да им помага на другите. Павле беше човекот кој ги објави фотографиите од убиството на монахињата на Нангпа Ла пред две години од страна на кинеската војска. „...Јас мислам дека качувањето без хуманизам и етика не е повеќе качување. Тие две работи се основни и го прават качувањето различно.“
Павле и јас имавме заеднички планови за во блиска иднина. Оваа година лошите врменски услови нé спречија во нашите планови да качуваме на Доломитите. Во Словенечките Алпи пак сакавме да направиме нова насока, но ги заборавивме клиновите во автомобилот...
Знам дека повеќе нема да можам да ги слушам неговите приказни за неговите искачувања во минатото, за неговите на некој начин диви авантури во осумдесетите и за моментите од неговото детство на малата фарма во близината на Љубљана. Исто така нема да можеме да ги исполниме нашите соништа. Но сигурен сум дека ќе се наврземе на исто јаже – во некое друго време и на некое друго место.
|
На оваа тема:
- Биографија - дел од неговите поголеми искачувања;
- Сеќавање на Павле Козјек (текст на Слободан Јованоски) |